Почна комплетната и темелна реконструкција на делот за хидротерапија во Градската општа болница „8 Септември“ и делот за физикална медицина, каде ќе бидат комплетно реконстурирани трите базена-еден голем и два помали, како и делот за хидротерапија. Ќе бидат направени и две фински сауни и една парна бања и ќе се изврши комплетна реконструкција на целиот овој оддел во болницата.Станува збор за една капитална инвестиција од околу 25 милиони денари. Целиот зафат се очекува да заврши во наредните три до четири месеци.
Одделот за медицинска рехабилитација во ГОБ „8 Септември“ денеска го посети министерот за здравство Никола Тодоров, кој изјави дека околу 200 пациенти месечно ќе имаат бенефит од хидротерапијата.
Посочи дека ќе се овозможи најмалку 200 пациенти месечно наместо да бидат упатувани на продолжено бањско лекување, да бидат третирани во болницата, а особено тоа е значајно за оние лежечки болни кои се третирани во болницата (на ортопедија, трауматологија итн.) Според него, станува збор за една капитална инвестиција која ќе треба да стави во функција еден дел од болницата кој над 12 години не е во функција, кој е целосно дотраен, а од друга страна е од многу висок интерес и за болницата и пациентите.
– За болницата затоа што ова претставува еден од сегментите во кои има огромен број пациенти и постојан нивен пораст, па претставува определен приход за оваа здравствена установа. Од друга страна за пациентите затоа што услугата ќе можат да ја добијат на едно место – од дијагностицирање, потоа некои од лежечките болни постоперативно ќе можат да ја добијат услугата во истата здравствена установа, рече Тодоров.
Додаде дека очекува по периодот на реконструкција, односно во овој период од три до четири месеци да биде комплетно завршена целата реконструкција и целиот простор да биде ставен во функција.
Директорот на ГОБ „8 Септември“, Сашо Стојчев рече дека станува збор за прв поголем проект годинава, но не и единствен во таа установа. Проектот, посочи, чини околу 400.000 евра и се надеваме дека тоа ќе биде апсолутно доволно да се направи хидро делот во кој сите пациенти ќе можат да ги искористат оние услови кои сме ги имале пред 30-40 години, но последните 12 години овој дел е нефункционален.
– Се надеваме дека она што ќе биде во наша можност со одредени нови регулации за време на викендите да се третираат и приватни пациенти и рекреативно, за да можеме да го подобриме нашиот буџет бидејќи ќе има и две фински сауни и парна бања и хидро масажи во повеќе соби. Тука се прават комплетна реконструкција на сите тоалети, сите гардероби, климатизација. Се надевам дека од наредната година ќе продолжи реконструкцијата на целиот овој оддел со комплетна површина од над 1.300 м2, истакна Стојчев.
Според него, болницата последните шест години ја доживува својата ренесанса во однос на она како работела претходните години. А сега, нагласи, во оваа болница се пружаат огромен број услуги над 220.000 прегледи амбулантски годишно, над 14.000 хоспитализации годишно и близу 7.000 оперативни интервенции годишно.
Стојчев потенцира дека најголема корист од тоа одделение ќе има ортопедско трауматолошкото одделение бидејќи во оваа установа годишно се прават минимум 500 големи хирушки интервенции, ортопедски во смисла на замена на колкови, колена, ревизиони протези и лигаментопластики, третман на спортски повреди. Додаде дека особено за врвните спортисти од голем интерес ќе биде ова одделение за нивна брза рехабилитација и враќање на спортските терени.Станува збор за една капитална инвестиција од околу 25 милиони денари. Целиот зафат се очекува да заврши во наредните три до четири месеци.