Куќите опседнати со духови отсекогаш биле интересна тема за луѓето. Постојат легенди кои посочуваат дека најверојатно на повеќе локации во Македонија постојат куќи кои се опседнати со духови.
На пример, во Скопје е позната зелената куќа во Црниче или уште позната како „куќата на стравот“, во која неодамна се претпоставуваше дека е фатен дух. Таа за жал сега е веќе срушена. Жителите на населбата Црниче сеуште сметаат дека оваа куќа долг период била опседната со духови. Оние кои поминувале покрај куќата во доцните часови слушале најразлични крици и извици, како и тропање на врати кои всушност не постоеле во куќата.
Во македонскиот град Прилеп, исто така постојат куќи за кои се верува дека се опседнати со духови. Доказ за тоа е сведоштвото на жителите кои раскажуваат дека навечер се палеле лампи во овие напуштени куќи, сами се отварале и затворале вратите и слично.
Во центарот на Штип, постоела празна и напуштена куќа за која се верува дека е опседната со духови. Но, откако во таа куќа се наоѓа централа на некое радио, вработените ниту еднаш не се пожалиле дека се „вознемирени“ од духови.
Во градот на браќата Манаки, Битола, жителите сведочат за куќа која најверојатно е опседната со духови. Доказ за тоа е крстот кој се наоѓа на едната страна од ѕидот. Оние кои живееле таму, се обидувале преку фарбање на ѕидот да го покријат крстот, но не успеале. Оние постарите жители на градот велат дека откако во оваа куќа се случила голема трагедија, нечија смрт, крстот сам се појавил на ѕидот. Жителите кои веруваат во вакви нерешени мистерии и духови сметаат дека смртта на непознатото лице треба да се реши за крстот да може да исчезне од ѕидот.
Покрај овие неверојатни приказни за опседнати куќи со духови низ Македонија, има уште многу други кои чекаат да бидат откриени и разрешени. Можеби за оние кои не веруваат во духови сето ова ќе биде безначајно и апсурдно, но доколку не можете да објасните некоја појава или звук, сепак треба да се запрашате дали таму некаде во некој невидлив свет за нас, постои нешто што се нарекува дух.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.