Дали наталитетот и демографијата имаат врска со економските движења во некоја држава? Дали подобрите економски услови автоматски значат и поголем број бебиња?Јасно е дека Македонија е во длабока демографска криза. Веќе 50 години имаме рецесија на наталитетот, односно постојано паѓање на бројот на родените бебиња.
Јасно е дека подобрувањето на економијата е добро за сите граѓани. Нема дилема дека растот на БДП е посакуван тренд, но дали тоа ќе значи и излез од демографскиот амбис во кој се наоѓа некоја држава?
Затоа, добро е да се погледне листата на 20 земји со најмал наталитет и фертилитет во светот, која ја објави Си-би-ес пред 2 години. Што кажува листата? На набројувањето ќе ги додадам и моите кратки коментари. Еве го редоследот:
Монако. Има ли побогата држава во Европа? Има ли место на светот со повеќе милионери на едно место? Но, оваа град-држава има најлош наталитет на светот. Само 7 родени бебиња на 1.000 жители.
Јапонија. Земјата на „Тојота“, „Нисан“, „Лексус“, „Мазда“, „Тошиба“, „Панасоник“, „Сони“, „Kавасаки“ е најразвиена во Азија, но со најмал наталитет. Доволно е да се види податокот дека во 1900 година, пред 113 година, сиромашната Јапонија со само 43 милиони жители годишно имала 1.470.000 родени бебиња.
Денес Јапонија има 127 милиони жители, висок стандард и само 1.030.000 родени бебиња. Значи, со 300 отсто повеќе жители има дури 30 отсто помалку родени бебиња. Јапонија во 2013 година се намали за 244.000 жители, а демографијата дополнително ќе се влошува следниве години.
Територијата Хонг Kонг како дел од Kина. Има 7 милиони жители, БДП од 41.400 долари на жител и само 57.000 родени бебиња годишно. Не помага ниту доселувањето на милиони луѓе во Хонг Kонг.
За споредба, Таџикистан, исто така, има 7 милиони жители, БДП на жител од само 1.040 долари и дури 219.000 родени бебиња годишно. Таџикистан има големо иселување, но тоа лесно го компензира со големиот наталитет.
Германија. Тоа е најсилната економија во Европа. Ниска невработеност и високи плати. Тоа е земјата на „Фолксваген“, „Мерцедес“, „БМВ“, „Ауди“, „Сименс“, „Бош“… И покрај тоа, Германија мината година имаше 673.000 родени бебиња, а дури 870.00 умрени.
Со годишен минус на наталитетот од дури 200.000 луѓе, Германија дневно губи околу 700 луѓе. Демографската дупка не може да ја пополнат ниту 15 милиони доселеници кои дојдоа во Германија последниве неколку децении. Бројката на родени бебиња не ја зголемија ниту десетици и десетици милијарди евра како помош, субвенции, надоместоци и слично. Со ист број жители, Египет годишно има 2.600.000 родени, односно 4 пати повеќе од Германија. Заклучокот е дека одличната и силна економија на Германија не резултира со раст на наталитетот.
Територијата на островите Сент Пјер и Микелон, во близина на Kанада, со солидна економија и БДП, но со многу лоша демографска состојба.
Сингапур. Една од најразвиените економии во Азија и во светот, земја со голем број банки, меѓународна трговија, осигурителни компании, авионски компании… БДП од дури 55.000 долари на жител, а фертилитет од само 1,2 дете на жена. Сингапур има многу понизок фертилитет од Македонија.
Јужна Kореја. Земја во која има најбрзо стареење на населението во човековата историја. Земјата на „Самсунг“, „Kиа“ и „Хјундаи“ не успеа да има солидна демографија и наталитет. Економијата е одлична, но наталитетот и понатаму се влошува.
Австрија. Една од најстабилните економии во Европа. Од сите провинции во земјата, токму Виена е меѓу деловите од земјата со најмал фертилитет, иако економски најдобро стои. Во тој дел Виена личи на Скопје. Во Скопје најмал наталитет имаат Центар, Kарпош и Kисела Вода, иако економски подобро стојат од останатите 7 општини на градот Скопје со исклучок на Аеродром.
Чешка. Растот на стандардот, заедно со членството во ЕУ и во НАТО не го подобрија наталитетот во Чешка. Во 1990 година имаа 130.000 родени бебиња, а во 2013 година само 107.000 бебиња. Падот е очигледен.
Словенија. Земјата имаше успешна транзиција и најдобра економија од бившата СФРЈ. Словенија има највисок БДП од поранешна СФРЈ, а најнизок фертилитет. Kосово е најсиромашна, со најголема невработеност, но со најдобра демографија, односно 35.000 редени годишно и 8.000 умрени. Kосово со високиот наталитет лесно го компензира иселувањето. Словенија и покрај доселувањето на многу луѓе има многу лоша демографска состојба.
Босна и Херцеговина. Причините се очигледни, а тоа се 100.000 загинати луѓе во војната, како и 1 милион бегалци што заминаа поради најголемата воја во Европа по Втората светска војна.
Територијата на кинески Тајпеј, односно територијата Тајван. Силна економија, но со изразито низок наталитет и фертилитет.
Сан Марино. Висок БДП, изразито развиен туризам, но меѓу земјите со најмал наталитет во светот според табела на Си-би-ес и статистичките прегледи.
Територијата Макао. Меѓу најдобрите економии во источна Азија, но со мал наталитет. Сепак, како демографски резервоар има големи земји и територии околу себе.
Италија. И покрај тоа што пред 100 години беше меѓу земјите со највисок наталитет во Европа, денес состојбите се лоши. Во 1900 година сиромашната Италија имаше 32 милиона жители и 1.067.000 родени. Иако се иселуваа милиони Италијанци, населението се зголемуваше. Денес Италија има 60 милиони жители, а одвај 514.000 родени. Има 600.000 починати, со што има негативен прираст. И покрај доселувањето на милиони луѓе, прирастот останува негативен.
Србија. Доволно е да се каже дека Србија во 2013 година имаше само 65.000 родени и точно 100.000 умрени. Годишниот минус е 35.000 луѓе, односно 100 луѓе помалку секој ден.
Грција. Иако има највисок БДП на жител на Балканот, фертилитетот е одвај 1,3 дете на жена. Минимумот на минимуми за проста репродукција, односно одржување на населението е 2,1 деца по жена. Грција има фертилитет од дури 40 отсто помалку од минимумот. Населението забрзано се намалува.
Литванија. На пописот во 1989 година Литванија имаше 3.500.000 жители, а на пописот 2011 година точно 3.043.000 жители. Овие 20 години Литванија загуби 500.000 луѓе.
Растот на економијата и платите последниве 20 години не доведе до раст на наталитетот. Во 1990 година имаа 57.000 родени бебиња, а во 2013 година само 31.000 бебиња. Тоа е демографска рецесија од цели 30 проценти.
Бугарија. Во 1990 година имаше 9 милиони жители, а денес 7 милиони. За 23 години населението е намалено за цели 2 милиона жители. Економскиот напредок, заедно со членството во ЕУ и НАТО се големи успеси за Бугарија, но тие не доведоа до раст на наталитетот. Минатата година имаа 67.000 родени, а дури 104.000 умрени. Минусот е 37.000 луѓе за само 1 година.
Слично на Србија, Бугарија се намалува за 100 луѓе дневно.
Швајцарија. Економски богата, со банки, со компании, со злато, со часовници, чоколади и Нестле, со БДП од дури 86.000 долари по жител, сепак е меѓу 20 земји со најмал наталитет и фертилитет.
Заклучокот е јасен. Економскиот напредок е посакуван и секогаш добредојден. Но, тоа не значи автоматски подобар наталитет. Има и многу други фактори кои се дел од сликата.
Влатко Ѓорчев
Преземено од: vmro-dpmne.org.mkЈасно е дека Македонија е во длабока демографска криза. Веќе 50 години имаме рецесија на наталитетот, односно постојано паѓање на бројот на роденит