Словенски „Енотност“ (1927 г.) – Кои се „македонствујушчи“ и што сакаат?
Првата светска војна доведе до прекројување на картата на Европа и до нова вештачка поделба на Македонија меѓу трите балкански држави (СХС, Грција и Бугарија). Јужните приморски краишта на Македонија и беа доделени на Грција, источните краишта и припаднаа на Бугарија, а северниот и централниот дел на Македонија, околу Повардарието, влезе во рамките на новообразованата (1.12.1918) југословенска држава на Србите, Хрватите и Словенците (СХС).Поделениот македонски народ беше изложен на денационализаторска политика на владеачката буржоазија во сите три дела на распарчената македонска земја. Со ваквата положба не се согласуваа Македонците. Македонската револуционерна организација повторно беше активирана, а нејзините чети започнаа со вооружени акции за да го привлечат вниманието на европската дипломатија, со надеж дека ќе се ревидираат мировните договори за Балканот.
Уште во времето околу склучувањето на мировниот договор помеѓу Кралството на СХС и Бугарија (27.11.1918), четите на обновената ВМРО (автономистичка) предводени од Тодор Александров почнаа да се преврлаат од Бугарија во Македонија каде водеа борби за извојување на автономна Македонија, што предизвика страшни репресии на српските жандари врз македонскиот народ.
Меѓутоа старите поделби во македонската револуционерна организација повторно дојдоа до израз што доведе до тешки последици по револуционерното дело. Судирите на левицата и десницата, доведе до заемно истребување меѓу македонските дејци. Обидот во 1924 година да се обединат македонските револуционерни сили беше спречен, а потписот на Мајскиот документ Александров го плати со својот живот.
Појавата на ВМРО (обединета), врз платформата од Мајскиот манифест од 1924 година, чија цел е автономија на Македонија и за незино федерирање во пошироката балканска заедница, за измена и прекројување на гранично-територијалната карта, исто така, подеднакво беше неприфатлива за Белград, Софија и Атина.
Искористувајќи ги тежненијата на македонскиот народ, рекацинерните кругови во овие центри,потикнуваа поделби и терористичките акции на македонските чети, тројки или поединци што резултираше со жестоки репресии врз македонското население. Така, на 5 октомври 1927 г. во Штип беше убиен српскиот генерал Михајло Ковачевиќ. Во него стралаа тројца млади штипјани Благој Кралев, Илија Лилинков и Ипократ Развигоров, кои живееле и работеле во Бугарија. Нив ги испратила организацијата раководена од В. Михајлов, за да го кренат населението на борба против државното уредување и отцепување од Југославија.
Само убиството на Ковачевиќ ќе придизвика апсење на 400 лица од брегалничката област, а за „воведување на ред и мир“ во Вардарскиот дел на Македонија, ќе бидат ангажирани 35.000 лица (војска, граничари, жандарми и т.н). По тој повод словенечкиот левичарски весник „Единство, работничко-селански весник“ (ENOTNOST, DELAVSKO-KMEČKI LIST, Ljubljana, petek, 14. oktobra 1927) во статијата „Македонствујушчи“објавена на 14 октомври 1927 г. за настаните во Македонија ја обвинува десницата. Иако авторот дава некои неточни податоци за Македонската револуционерна организација, текстот го привлекува вниманието што во него македонскиот народ е именуван со вистинското име. Во овој текст, покрај горе споменатите настани и историјатот на ВМРО, авторот меѓудругото ќе напише:
„Изминатите денови се множат напади во Македонија, во Штип бил застрелан дури и некој генерал. Односите меѓу СХС и Бугарија уште еднаш опасно се заострија, бидејќи белградската влада ја обвини Бугарија како виновник, а во Софија пак се бранат, дека тие немаат врска со атентатите. Терористичката акција ја практикуваат и вршат „македонствујушчи“, кои своите активности јавно ги признаваат и уште полошо ги наговестуваат. Македонствујушчи се правдаат дека се упатени на тероризмот, како одговор на насилството извршени од страна на српските власти над македонскиот народ и тврдат дека денес ситуацијата во Македонија е полоша од под Турците. Македонствујушчи се закануваат: “Сите вас ќе ве дигнеме во воздух!”КОИ СЕ МАКЕДОНСТВИЈУШЧИ И ШТО САКААТ?
Зборот „македонствујушчи“ означува луѓе, а не дела и кој се бори за Македонија. Во 1893 година во Солун, главниот град на Македонија, воспоставена е “Внатрешна Револуционерна Македонска Организација ” – ВМРО која ја водеа Гоце, Тошев, Делчев (? –н.з) и други. Цел на ВМРО: политичка автономија на Македонија, средства на ВМРО: револуционерна борба.
Во исто време со ВМРО, во Софија беше основана паралелна организација која се нарекла: Врховен комитет, која ја водеше генерал Цончев и други, чија цел била ослободување на Македонија со приклучување на Бугарија.
Меѓу двете организации постоеле непријателски односи. ВМРО не им дозволувала на владата Бугарија да се меша во внатрешните работи на Македонија. ВМРО беше за автономна Македонија и против империјализмот на балканските држави. Меѓу двете организации настана крвава битка, падна многу жртви и бугарскиот Врховен Комитет исчезна, победи ВМРО, која почна да се шири брзо. Во секој град и село постоеле организации на ВМРО, која ги придобивала симпатиите меѓу луѓето, особено со социјалниот дел од својата програма: експропријација на земјиштето од големите земјопоседници и поделба на оваа земја меѓу селаните. Интелигенција, посебно учителите и професорите, кои беа предводници во ВМРО стана социјален и културен фактор од прв ред.
ВМРО благодарение на својата брилијантна организација, стана држава во држава. Поштата на ВМРО функционираше подобро и побрзо од државната. Благајниците на ВМРО собираа даноци, кои што луѓето претпочитаа и поточно ним им плаќаа, одколку да и платат на државата. Дури и Херман Вендел, кој целосно ја застапува во македонското прашање шовинистичката српска теза, се восхитуваа на функционирањето на организацијата ВМРО. – ВМРО водела борба со средства од македонскиот народ и не сакала да земе никаква поддршка од официјална Бугарија.
Вооружените чети на ВМРО често се судираа со редовната турска војска. Револуционерните борци на ВМРО во овие борби покажаа примери на најголема саможртва. Ретко, Турците можеа да фатат во раце жив револуционер.
Најголемиот настан во историјата на борбата за ослободување на Македонците е таканареченото “Илинденско востание” во 1903 година, во кое ВМРО мобилизира војска која броела 30.000 мажи, кои пак биле од десет пати посилната турската армија победени.
По 1903 година, дојдоа до израз во ВМРО две струи. ЛЕВА, која останува на старата програма на ВМРО, која се прошири на историски важна точка: Автономна Македонија во Балканска федерација, ДЕСНА струја која пак ја превзела идеологијата на поранешниот Врховен Комитет, односно политиката за обединување на Македонија со Бугарија. Најистакнатиот преставник на десната струја на ВМРО Тодор Александров бил доверлива особа на дворот на бугарскиот цар Фердинанд.
По Младотурската револуција во 1908 година Турција стана уставна монархија и прогласи еднаквост на сите граѓани без оглед на етничката припадност и религија, по што ВМРО за некое време ја суспендира илегалната револуционерна борба. Левичарите во ВМРО основаа федералистички клуб, а десницата пак своја посебна организација (клубисти). По две години, десничари повторно престанаа со легалната борба и започнаа со старите методи. Сега тие отворено настапуваа за Бугарија….
…Во Првата балканска војна, Македонците застанаа на страната на балканските држави и активно учествуваа во битките против Турците. Тие очекуваа ослободување. Но, наместо ослободување, резултат беше Втора балканска војна за Македонците, така да Македонија е разделена и поделена меѓу Србија, Грција и Бугарија. Од турски јарем македонскиот народ падна под јаремот на бугарската влада, Грција и Србија, кои почнаа со енергична кампања за денационализација на македонскиот народ. Затвораа училишта, македонските учители беа отпуштани и преместувани, се работело така како што денес работи Мусолини во Приморјето со Словенците и Хрватите.
Првата светска војна не му донесе никакво олеснување на македонскиот народ. Македонците немаат права ни денес, ги убиваат како добиток без суд. Во Македонија жандарот е над царот и над Бога.
Од Балканските војни до крајот на Првата светска војна ВМРО не постои. По Првата светска десницата на ВМРО го узурпира името и испрати делегати на мировната конференција, кои бараа припојување на Македонија кон Бугарија.
Организирани беа, исто така, и левицата, прави автономисти, кои не сакаа припојување на Македонија кон Бугарија, но инсистираа на барање: Автономна Република Македонија во Балканска федерација.
Двете фракции во 1924 година формално се обединиле и формирале ВМРО (обединета). Десничарите потоа пак ја погазија платформата за обединувањето и денес опстојуваат двете организации на ВМРО. Десницата која сака припојување на автономна Македонија кон Бугарија и левица, која е за автономна Македонија во Балканска федерација. Десничарите се наречени автономисти, а левичари пак федералисти.
ВМРО – АВТОНОМИСТИ ….
… Атентати во Македонија ги извршуваат автономистите. Точно е дека теророт во Македонија е страшен, дека Македонците немаат било какви права, дека во скопските затвори страдаат затворените студенти – Македонци, итн. Но, автономисти, кои сами вршат во Бугарија убиства и наjлош теророт над интелигенција, над работниците и селаните, автономисти, кои и самите се џелати кои ги убија најдобриот македонски борци како Хаџи Димов, Кантарџиев и Сл(авчо). Ковачев, поетот Чопов (Тодор) итн, такви луѓе немаат легитимитет на теророт на српските власти да одговорите со тероризам и на тој начин да се влоши и онака веќе неподнослива ситуација во Македонија.“
Поделениот македонски народ беше изложен на денационализаторска политика на владеачката буржоазија во сите три дела на распарчената македонска земј