Продолжуваат новостите за шпионажата на американската тајна служба НСА, која според документите на Едврад Сноуден шпионирала голем број светски институции, меѓу кои и Европската унија. Според новите информации на германскиот неделник „Шпигел“, американската тајна служба НСА ги шпионирала и Обединетите нации.
Покрај тоа, амбасадите на ЕУ биле шпионирани подолго отколку што се сметаше.
Американската тајна служба НСА прислушувала и во централата на Светската организација во Њујорк. Тие летото 2012 година успеале да го пробијат системот за видеоконференции на ОН и истите да ги дешифрираат, информира неделникот „Шпигел“ повикуваќи се на документи на поранешниот соработник на НСА, Едвард Сноуден.
Ова доведе до „драматично подобрување на податоците од видео-телеконференциите и можноста да биде декодиран овој проток на податоци“.
Во еден случај, НСА ги открила кинеските тајни служби како шпионираат. НСА притоа го прислушувала тоа, што Кинезите претходно го шпионирале, информира „Шпигел“.
Во рок од три недели бројот на декодирани комуникации се зголемил од 12 на 458. Акциите на шпионажа биле илегални, имено во еден договор со ОН кој важи до денес, САД се обврзуваат да не спроведуваат тајни акции.
Како што информира „Шпигел“, НСА ги шпионирала застапништвата на Европската унија при ОН и откако тие се преселиле во новите амбасадорски простории во септември 2012 година.
Освен тоа НСА во повеќе од 80 амбасади и конзулати во светот одржувала програма за прислушување, која интерно се нарекувала „Special Collection Service“ и честопати била спроведувана без знаење на земјата домаќин. Вакви пунктови за прислушување НСА имала и во Франкфурт на Мајна и во Виена.
Постоењето на прислушувачки единици во амбасадите и конзулати морало да се држи во тајност, под сите околности, цитира „Шпигел“ од документ на тајната служба. Доколку тие би биле обелоденети, тоа би им „нанело тешки штети на односите со земјата домаќин“.Според новите информации на германскиот неделник „Шпигел“, американската тајна служба НСА ги шпионирала и Обединетите нации.