Светот, особено неговиот политички дел, низ историјата видел многу црни изборни кампањи. Колку што ривалството меѓу најсилните политички партии е поголемо толку кампањите се повалкани. Колку што годините во опозиција се подолги толку гневот и желбата да се победи кај тие што губат се поголеми. Притоа, како во светот, така и кај нас извртувањата се поперфидни, нападите се помалку аргументирани, лагите се посочни, а ветувањата се пошарени. И иако светот видел сѐ и сешто, сепак последната изборна кампања во македонските избори има што да додаде како оригинална измислица на светската наука за однесување за време на изборна трка.Првата придобивка што ја даваат македонските избори за глобалната политичка наука е тоа што ако некој реши да ја следи македонската практика, пристојните анкети ќе исчезнат од изборната кампања. За разлика од пред три години, кога, и тогаш на предвремените парламентарни избори, еден месец пред изборниот ден се појавија 10 различни анкети од различни институции, институти и истражувачки центри, сега само три агенции објавија анкети за расположението на народот.
Ако во 2011 година со свои анкети излегоа „Димитрија Чуповски“ , Институтот за демократија „Социетас цивилис“, „Прогрес“, ИПИС, „Рејтинг“ , „Павел Шатев“ , „Либерта“, „Брима галуп“, Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања и словенечкиот ИФИМЕС, сега приказната (барем до моментот кога се затвора неделникот „Република“, се сведе на три анкети, Институт за политичко истражување од Скопје на Владимир Божиновски, кој е оспоруван од опозицијата, и Институтот „Димитрија Чуповски“, како и анкетата, односно прогнозата на агенцијата „Рејтинг“.
Сите други решија дека е подобро да не се срамат како во 2011 година. Анализата на Македонскиот центар за меѓународна соработка на анкетите направени пред изборите пред три години најдобро покажува зошто бројот на агенции се намалил за две третини во споредба со минатите парламентарни избори. Грешките што беа направени тогаш се толку големи што дури и на најтврдокорните партиски институти им е срам да излезат со сериозни јавни тврдења за рејтингот. На нивна жалост, маргината на грешка во светската наука не може да се растегне до фантастични 10 проценти, колку што погрешија некои од агенциите.
Но, за разлика од специјализираните агенции, институти што сфатија дека не можат долго да ја замајуваат јавноста со лажни резултати од анкети, дел од медиумите ја презедоа нивната манипулативна функција и се обидоа со непостојни анкети да влијаат на резултатот на изборите.
Па, така во аналите на светската глупост ќе останат анкетата на извесна ЦИГ, според која Пендаровски води со 30 проценти во однос на Иванов, која беше објавена од медиуми што постојано говорат за професионалност и обвинуваат дека провладините медиуми извртуваат информации. За да биде недоследноста поголема, во истата анкета се наведуваше дека Пендаровски ќе освои 380.000 гласови, а Иванов 320.000, што ни оддалеку не е 30 проценти разлика.
Се разбира, по изборите во 2011 година, кога дојде до кулминација на злоупотреба на медиумите за партиски потреби и кога беа поставени темелите на денешниот начин на функционирање на медиумите и на нивните политички ментори, веќе ништо не може да нѐ збуни и изненади на ова поле. Сепак, дури и во толку многу заtруена атмосфера, навистина, е катастрофално кога медиумите цитираа анкета на „реномирана“ агенција со кратенка ЦИГ за која никој жив не знае кое е целосниот назив ниту, пак, некој знае која е таа и што друго работела во земјата. Нема никакви информации ниту за извесната директорка за Македонија, Ана Канга, која ја нема во ниеден регистар на агенции или организации ниту, пак, такво име воопшто може да се сретне на светската мрежа. Уште посмешно беше цитирањето на анонимната агенција „Паблик инвест консалтинг“ (Public Invest consulting), која со 97-процентна точност ги прогнозирала изборите во САД, а информации за неа, доколку воопшто постои, нема никаде на интернет.
За точноста на резултатите на досега објавените анкети на ИПИС, „Рејтинг“ и на „Димитрија Чуповски“ ќе почекаме до 13 односно 27 април. Но доколку се види компаративната анализа на МЦМС направена по јуни 2011 година, тогаш најголем дел од агенциите, сосема мудро, решиле веќе да не се срамат и да се фатат за друга работа.
Втората карактеристика на оваа кампања и наш придонес за светската наука е обидот да се извртат работи што воопшто не се грешка во здравото расудување, туку обичен лапсус лингва или, пак, обидот од некоја работа што е позната во светот, а кај нас е непозната, да се исфабрикува, наводно, катастрофална грешка. Па така лапсусот на претседателскиот кандидат Иванов во кој тој кажа дека Ширак е претседател на САД, иако во истата реченица кажа дека по него дошол Саркози, а пред тоа дека Ширак бил градоначалник на Париз 20 години, со што јасно стави до знаење дека знае што зборува, беше употребуван како најголема грешка во современата македонска политика што, можеби, е легитимно во ваква зовриена атмосфера, но не е корисно затоа што тие што го шират овој божемен гаф и луѓето на кои имаат политичко влијание, веќе се определени и имаат став, тие знаат кој е за нив добар а кој не и, што е најважно, знаат дека се работи за манипулација.
Уште поголема трагедија е кога токму тие што се автори на политичкото извртување не препознаваат очигледни изјави дадени од светски познати луѓе, кои ги користат дел од домашните политичари. Таков беше примерот уште пред две години, кога дел од опозициските медиуми и активисти изјавата на претседателот Иванов „ништо не успева како успехот“ ја прогласија за гаф, а потоа, откако сфатија дека згрешиле и дека, меѓу другите, ја користел и легендарниот Мартин Лутер Кинг, но и висок претставник на нивната партија, ги тргнаа текстовите и навредливите статуси од социјалните мрежи.
Слично е и со изјавата на Иванов во Ростуше каде што кажа дека ни господ не може да ги заврши сите работи сам и дека треба да му се помогне. Ако неговите критичари и тие што активно се обидуваат да му го урнат рејтингот се потрудеа малку повеќе лесно ќе пронајдеа дека за потребата со своето однесување или поведение да му се помогне на Бога пишувале и Махатма Ганди, Мајка Тереза, па дури и еден од највлијателните 25 луѓе во последниве 25 години во САД, Расел Симон.
Се разбира, јасно е дека обичниот читател или гледач може лесно да се изманипулира со вадење од контекст на одредени моменти од говори или јавни настапи и тоа го прават сите партии секаде во светот, но неверојатно е како истите интелектуалци што сакаат засекогаш да бидат водечки креатори на јавното мислење во земјава не разбираат дека со ситни шпекулации и извртувања не можат да ја смената големата слика во која малите измами немаат голема улога .
Третата автентична македонска иновација на овие избори се кадровските и естетските рамки на кампањата на дел од партиите. Новите луѓе на листите на опозицијата се добра идеја. Авторот на оваа колумна тоа го напиша уште пред три години и цврсто стои зад него, но само доколку тоа се случи на најмалку две–три години пред избори за да можат сите носители на листите и тие по нив да се подготват за сериозен противник како ВМРО–ДПМНЕ, кој има не само власт и механизми, туку и огромно искуство добиено во надмудрување на политичките противници на краток рок. Ќе видиме како ќе функционира тоа во практика, на пример со носителот на првата изборна единица Рената Десковска, која е релативно млада, не е вклучена во транзицискиот криминал, а која, сепак, има доволно политичко искуство како советник на Бранко Црвенковски и како претставник на СДСМ во повеќе форуми. Таа со својата специфична политичка тежина треба да се соочи со најпопуларниот политичар во независна Македонија. Десковска, која досега дала само десетина изјави за јавноста, ќе треба да се судри со Груевски, кој неделно дава исто толку изјави и тоа за теми за чијшто успех може да се пофали дека е најзаслужен. Десковска, за која голем дел од граѓаните не слушнале, ќе застане наспроти Груевски, за кој зборуваат и децата на улица. Советничката на политичар што сега има едвај 1,3 процент рејтинг ќе се спротивстави на политичар што има 27-28 проценти доверба кај народот. Крајно нерамноправна битка.
Сосема друго би било овој судир да се случи по три-четири години, откако Десковска ќе помине сериозно училиште за јавни настапи, откако интензивно и јавно ќе зборува и за економија и за дипломатија и за земјоделство и тоа во стотици наврати на различни настани. Откако ќе турка и ќе истуркала некој крупен проект од јавен интерес. Кога тремата и нервозата нема да бидат дел од нејзиниот јавен настап. Вака ќе гледаме само нерамноправна битка и тоа, пред сѐ, по заслуга на врвот на СДСМ, кој немаше храброст да се судри гради в гради со своите соперници. Во стилот на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ја смени и партиската боја и тоа на само неколку недели пред изборното соочување, со што направи досега невиден потег во светски рамки. На само еден месец пред избори опозицијата делумно се ребрендираше и место во сината, заигра во виолетова боја. Како се случи да биде избрана оваа боја, која досега на светско ниво не ја користела ниту една сериозна партија во ниту една сериозна земја, знаат авторите на оваа естетска стратегија. Ако на лошиот избор на бојата на програмата на СДСМ се додадат и старите изборни слогани, кои претходно ги користеле токму нивните најголеми политички ривали, ќе дојдеме до ситуација, која тешко можат да ја објаснат и најголемите теоретичари и практичари на политичката наука.
Извор: РепубликаПрвата придобивка што ја даваат македонските избори за глобалната п