Дали е тоа најпаметниот начин како да се трошат буџетските пари никој не може да одговори, но секако штетата би била немерлива доколку еден ден им притреба тоа оружје, а го немаат.Светските и европските случувања на политички и безбедносен план, како што се односите помеѓу Турција и Русија, односите помеѓу НАТО и Русија, случувањата во Украина, случувањата во Сирија и мигрантската криза, резултираа со сериозна набавка на оружје од голем број на држави. Во овие две до три години сите наши соседи и од поблиското и од поширокото соседство набавуваат огромна количина на оружје. Дали е тоа најпаметниот начин како да се трошат буџетските пари никој не може да одговори, но секако штетата би била немерлива доколку еден ден им притреба тоа оружје, а го немаат.
Хрватска веќе започна со модернизација на својата војска и направи набавка на ракети со долг дострел од Америка, а како одговор на тоа и Србија склучи договор со Русија за набавка на ново оружје. Бугарија исто вложува огромни напори да се вооружи. Планираат до крајот на 2016 година да потпишат договор за купување на повеќенаменски авиони. Во иста насока и Албанија веќе започна со набавка на ново оружје. Ниту во подалечното соседство состојбата не е различна.
Македонија како сериозна држава, која исто така се соочува со безбедносна криза што претставува најголем безбедносен ризик од 2001 година наваму, мора да размислува и да делува во насока како што постапуваат нашите соседи. Имаме проток на огромен број на мигранти за кои никој не може да даде гаранција дека се само и исклучиво цивилно и мирољубиво население, но исто така, за жал, на безбедносните ризици се потсетивме и со настаните во Kуманово пред не повеќе од една година.
За оваа цел на 85 седница на Собранието, на дневен ред беше поставен исклучително важен закон за Република Македонија и нејзината безбедност, Законот за одбрана. Овој закон се гласа со двотретинско мнозинство и беше потребна широка поддршка во парламентот од страна на сите пратенички групи. За жал истата ја немаше. Опозицијата, предводена од СДСМ, повторно одлучи поради евтини политички поени да не гласа еден вака важен закон за Македонија, армијата и нејзината одбрана. Закон кој нема никаква политичка , ниту партиска позадина, закон кој не се наоѓа во ниту една партиска програма, закон кој се носи со една единствена цел поголема безбедност на Македонија и нејзините граѓани.
Со предложените законски измени на Законот за одбрана требаше да се овозможи ослободување на Министерството за одбрана од плаќање на ДДВ и плаќање на царини со цел да се овозможи набавка на што е можно поголема количина на оружје и модернизација на АРМ за истите средства веќе обезбедени во Буџетот на државата.
Целта на измените на законот беше да се ослободи Армијата на Република Македонија и Министерството за одбрана од плаќање на данокот на додадена вредност и плаќање на царините кои што се движат од 1 до 11% во зависност од која држава се увезува оружјето и опремата, за да може Армијата на Република Македонија во следните 10 години да набави ново, современо оружје и опрема. Овој план е направен од повеќе од 100 професионалци вработени во Министерството за одбрана и АРМ во повеќе од 10 тематски области за кои што е потребно набавка на ново оружје и опрема.
Би потенцирал дека тековни набавки и одржување во кондиција на опремата на АРМ има, но луѓе кои се најповикани да направат проценка ја направиле и констатирале дека е потребно зголемено ниво на опремување. Проценката не е направена од политичари, туку од вработени професионалци во Министерството за одбрана и АРМ.
За жал и на штета на сите нас овој закон не ја доби потребната поддршка, а пратениците на СДСМ уште еднаш покажаа дека за нив не се важни граѓаните и нивната безбедност, туку само деструктивноста и партиските интереси. СДСМ не успеа ниту за еден ваков закон да смогне сила и да даде поддршка како што доликува на една сериозна држава. Историјата не памети за вакви прашања политичка пресметка и партиска агенда во ниту една друга држава. Во САД, во Велика Британија, во Германија, во Полска, во Израел кога станува збор за нивната армија нема власт, нема опозиција. Сите даваат поддршка. Во овие држави, но и во многу други е политички и личен срам за кој било функционер да не даде поддршка на својата армија.
Откако веќе го блокираат донесувањето на Законот за основање на Универзитетот за национална одбрана, безбедност и мир „Дамјан Груев“, сега во иста насока ја ставаат на коцка безбедноста на граѓаните и повторно не гласаа за закон кој е од исклучително значење за државата. Kога станува збор за јакнење на капацитетите на Македонија за својот одбранбен комплекс, на СДСМ му стана навика да не гласа и да не дава поддршка.
Само за потсетување, ова не е прв пат пратениците на СДСМ да не дадат поддршка за исклучително важни закони за Македонија и нејзините граѓани. Тие не ги гласаа ниту законските измени со кои се зголемуваа пензиите и социјалната помош, намалувањето на казните и слични закони. За нив не постои мерка или проект што го поддржуваат. За нив очигледно с` е црно.
Токму поради ваквото однесување и дејствување, пратениците на СДСМ веќе десет години се во опозиција. Мора да разберат дека довербата од граѓаните не можат да ја добија на ваков начин, работејќи само во интерес на партијата, преку манипулации и деструкции. Граѓаните гледаат, следат и знаат. Знаат кој за што се борел и кој на што му давал или не давал поддршка.
П.С. Процесот на прочистување на Избирачкиот список ќе заврши како процес на потврдување дека теоријата на СДСМ за наводни фантомски гласачи што му ја носеле победата на ВМРО-ДПМНЕ е лажна, манипулативна и невистинита. Kојзнае што СДСМ ќе смисли за да ги правда своите десетгодишни порази наназад, но којзнае што ново ќе смисли за да го правда и поразот што ќе му се случи наскоро.
П.С.С. Честит празник на сите мајки, баби, дами, госпоѓи, госпоѓици и девојки кои овој ден го чувствуваат за свој. Им пожелувам другите денови да им бидат поубави од овој ден.
Пишува: Илија Димовски за ДневникСветските и европските случувања на политички и безбедносен план, како што се односите помеѓу Турција и Русија, односите помеѓу НАТО и Русија, случ