Посредно или непосредно, директно или индиректно, вака или така, ќе се согласите дека надворешниот изглед во голем број животни ситуации игра во најмала мера доволна улога. Ова особено се однесува на жените.Верувам дека секој од вас се нашол во ситуација кога идеалната комбинација (читај провокативното деколте или кусото здолниште) ве извадила или барем ја олеснила комплицираната ситуација во која сте се нашле. Исто така верувам дека црвениот кармин или екстравагандната фризура била причина за нападни погледи, односно таканаречени зјапања без престан од околината.
Ако овој вовед ви е доволен, ќе го наметнам клучното прашање, а тоа гласи – колку надворешниот изглед создава нам или на опкружувањето комплекси од секаков аспект?!
Сакам да кажам дека доколку не изгледате или барем се трудите да изгледате онака како што се смета дека е правилно се зародуваат комплекси кои ве мачат. А од друга страна се јавуваат и општествените комплекси кои се одговорни да налагаат одредени стандарди кога станува збор за женската убавина.
Што ако ја немате добитната комбинација од долга и густа коса, полна уста, крупни очи, големи гради, долги без целулит нозе и рамен стомак? Дали треба да сте жртва на комплексот на помала вредност? И не станува збор само за даровите од мајката природа, туку и за оние константи кои нели треба да ги следите како современа жена.
Едноставно сте против екстензиите во коса, долгите гелни нокти, солариумскиот тен. Не можете да се замислите во долго здолниште или кожни панталони или можеби сте противник на неудобната долна облека од тантела. Современото секојдневие ќе најде милион начини да ве потсети дека воопшто не сте во тренд, дека не сте интересни за машкиот пол или со еден збор дека сте еден вид лузери.
Во секое друштво ќе се најде баре една другарка која нема да ве подржи во било кој од горенаведените ставови, Интернет медиумот упорно лансира содржини против вашата теза, а дури и некоја постара теткица ќе се најде да искоментира ''Под нашминкај се малку и пушти ја косата за да заличиш на женско!''
Е сега, признале или не, модната индустрија има голем удел во женскиот свет, но исто толку имаат и стеротипните сфаќања за жената како симбол на убавина.
Затоа потребно е да се остави простор за искажување на личните критериуми во однос на убавината и вкусовите кога се работи за истата.
Ако на некого му е нормално да се мачи на 15 сантиметарски потпетици во 8 часот наутро, во ред, но истовремено ако некој/а ужива во глетката на кратки и урени, па дури неналакирани нокти, и тоа е сосема во ред. Минимализмот во облекувањето и изборот на накит, негувањето на природната убавина и скромноста во чекорот на калдрмата не треба да бидат зародиш на комплекси само поради тоа што за најоригинални се прогласувани токму екстравагандните дами, оние облечени според последниот тренд или вечните експериментаторки со лицето и косата. Аплауз заслужуваат и тие и другите! Битно да не гледаат комплекси во сопствениот одраз во огледало!
Х.Н.