Винариите и сите откупувачи на вино ќе треба откупеното грозје од наредната реколта да го исплатат до 31 јануари, а не како досега до 30 април.Ова е една од измените во Законот за вино што Собранието на Република Македонија го донесе во рамки на пакетот закони од областа на земјоделството.
Измените, како што денеска на прес-конфереција истакна заменик-министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски, произлегле од средбите со лозарите и се направени на нивно барање.
-Винариите мора да го прифатат фактот дека оние кои сакаат да се занимаваат со производство на вино мора да го почитуваат трудот на лозарите. Има околу 20 илјади лозаропроизводители и нивниот труд и мака мора да се цени. Како Министерство сме должни да го регулираме тоа со закон, рече Костадиновски.
Доколку долгот не биде исплатен во законски утврдениот рок, тогаш винаријата е должна надоместокот од 10 проценти од долгот да го исплати, а ако не, ќе биде избришана од Регистарот и нема да може да врши откуп на грозје.
Исплатата на грозјето од минатата реколта сѐ уште е во тек, а досега се исплатени околу 60 проценти од откупеното грозје.
Дел од пакетот измени усвоени на собраниската седница во вторникот е и намалувањето на административните процедури во корист на земјоделците, односно прибавувањето на потребните документи по службена должност ќе ги врши ресорното Министерство и надлежните институции.Ова е една од измените во Законот за вино што Собранието на Република Македонија го донесе во рамки на пакетот закони од областа на земјоделството.