Сликите на шарени мачиња со иронични коментари кои на социјалните мрежи во Македонија почна да ги објавува тогашниот олеснувач во меѓупартиските преговори, Белгиецот Питер ван Хут, и кои кореспондираа со опозициските протести, се творба на Американецот Итан Зукерман, член на светскиот борд на фондацијата на Џорџ Сорос – Отворено општество, пишува Дневник.Тој е директор на Центарот за граѓански медиуми на познатиот Институт за технологии во Масачусетс, а уште во 2008 година ја развил Теоријата на слатките мачиња, која потоа се применувала во земјите во кои се случувале насилните промени на дотогашните владејачки гарнитури. Употребата на слатките мачиња, чии фотографии и коментари се ширеа преку социјалните мрежи, била посебно интензивна пред неколку години во арапските земји во иницираната Арапска пролет во текот на која насилно беа отстранети лидери на повеќе северноафрикански држави. Обиди за користење на мачињата имало и во Русија, Kина и во Виетнам, каде што нарачателите процениле дека треба да се предизвика реакција на актуелната власт во смисла на обид да им се забрани пристап до социјалните мрежи на нивните корисници. Целта било да се испровоцира забраната на пристапот до социјалните мрежи, кои се главен начин на комуникација на незадоволните граѓани и оние што протестираат и со што ќе се зголеми нивниот револт. При ова сликата на ригидноста на одредена власт во некоја од државите се зголемувала со фактот што поводот за забраната се мачките, а кои не случајно се избрани како конкретно животно. Идејните творци на оваа теорија тргнале од тоа дека мачката е животно кон кое повеќето од луѓето негуваат пријатни чувства и затоа забраните на нивните фотографии со коментари неминовно предизвикуваат зголемување на незадоволството на граѓаните.
Зукерман сето ова уште пред осум години го спакувал во Теоријата за дигитален активизам, која потоа почнала и практично да се применува. Тој сам држи често предавања за ефектите од теоријата, чија главна цел е преку социјалните мрежи да се поттикне дејствувањето на граѓаните. Сето тоа е опфатено во неговото предавање кое може да се прегледа на интернет, а е со наслов „Слатките мачиња и Арапската пролет: кога социјалните медиуми извршуваат општествена промена“, а светската јавност добро знае какви с` и во кои земји се предизвикани тектонски промени.
Со ова практично излегува на виделина дека постовите со ликовите на мачките, што белгискиот олеснувач Питар ван Хут ги објавувал на социјалните мрежи се, всушност, испробан рецепт и метод зад кој стои членот на светскиот борд на фондацијата на Сорос. Односно, ваквата употреба на мачките и ироничните коментари не е ниту негова ниту оригиналност создадена во Белгија, како што на почетокот на март годинава објаснуваа дел од медиумите во земјава. Тогаш некои медиуми побрзаа да објаснат дека објавувањето слики со мачки со иронични коментари во таа земја почнало да се прави кога белгиската полиција, која иницирала повеќе акции за разоткривање терористички групи по крвавите напади во Париз, ги повика граѓаните да не пишуваат ништо на социјалната мрежа „Твитер“, а што е поврзано со акцијата на полицијата. Тогаш белгиските твитерџии почнале масовно да користат мачиња што „зборуваат“.
На интернет-страницата на Соросовата фондација – Отворено општество, е наведено дека Итан Зукерман е член на Управниот одбор, а Ребека Мекинион е основач на меѓународната заедница на блогери наречена „Глобални гласови“. Наведено е дека преку неа и преку „Беркман“, центар за интернет и општество при Универзитетот „Харвард“, Зукерман активно ја промовира слободата на изразување и се бори против цензурата во онлајн- просторите. Во 2000 година основал и компанија што испраќа ИТ-специјалисти да работат на проекти во земјите во развој, со фокус на Западна Африка.
– Во целиот свет дисидентите се базирани на веб-портали, мрежи каква што е „Фејсбук“, а кои се користат, пред с`, за секојдневни цели, на пример, размена на слики со слатки мачиња. Авторитарните режими не можат да ги блокираат политичките фејсбук-групи без да ги блокираат сите фанови и љубители на мачки. Затоа, владата не може едноставно да го затвори „Фејсбук“ бидејќи тоа ќе опфати голема група граѓани за која не може да дозволи да се радикализира – вака ја објаснил својата теорија Зукерман за американскиот весник „Њујорк тајмс“.
И изборот на мачките како животни што „зборуваат“ преку иронични коментари не е случајно направен бидејќи се смета дека тие предизвикуваат многу попозитивни реакции кај луѓето отколку, на пример, кај кучиња.
Во текот на меѓупартиските преговори за излез од политичката криза, познато е, владејачката ВМРО-ДПМНЕ реши да ја прекине соработката со Ван Хут поради неговите омаловажувања кон Македонија и македонскиот народ почнувајќи од тоа дека нашиот менталитет не е европски, па с` до постовите со мачињата. Од неговите истапи тогаш се огради и делегацијата на Европската Унија во нашата земја.
Руско разоткривање на „добротворите“
Неодамна и рускиот медиум „Русија денес“, поврзано со парламентарните расправи за тоа што треба да се подразбере под „добротворна дејност на невладините организации“, укажа дека „невладините добротвори“ често имаат испробани методи во активностите.
– Методите веќе станаа класика. Во западната практика на дестабилизација и обоени револуции ова се нарекува теорија на слатки мачиња. Манипулацијата е едноставна. Заедно со провокативна содржина, на пример, се повикува на непослушност. На социјалните мрежи се ставаат слики од мачиња или кои било други невини, беспомошни животинчиња. Потоа, ако владата ги блокира овие страници, тогаш таа активност на властите изгледа ужасно репресивна бидејќи ќе се толкува „и мачиња се угнетени“, а пораката што се праќа до јавноста е „ете, дури и слатките мачиња се плашат од оваа влада“ – наведува овој медиум, кој исто така потсети дека автор на ваквата теорија е Итан Зукерман.
Овој медиум наведува примери во кои американската организација за помош – УСАИД во Европа и Евроазија ја водел Даглас Менарчик, кој 26 години бил во служба за воздухопловните сили и е експерт за борба против тероризмот, а во Русија шеф е Чарли Норт, дипломец на Воената академија во САД.
– Дали некој верува оти човек со такви квалификации води организација за хуманитарна помош на помалку развиени земји – се прашува овој медиум.Тој е директор на Центарот за граѓански медиуми на познатиот Институт за технологии во Масачусетс, а уште во 2008 година ја развил Теоријата на сла