Магичниот град на Гауди

 
 
 
Раздвижениот космополитски град кој е дом на една од најубавата и уникатна европска архитектура и воедно сместен на средоземното море- Барселона е една од најпопуларните туристички дестинации. Оние кои ја посетиле оваа каталонска престолнина на креативни паркови, бројни маалски плоштади и светски музеи знаат дека Барселона е град до кој може лесно да се стигне, но тешко да се напушти.
Благата медитеранска клима и шарениот спектар на културни воодушевувања и природни убавини привлекуваат милиони туристи годишно.
Барселона е град кој изобилува со музеи, театри, катедрали, барови каде што се служат добро познатите предјадења „тапас“, богат ноќен живот и долги песочни плажи. Без разлика дали сакате да уживате на класичен одмор на плажа или посета на историски знаменитости и запознавање на културата на овој град, со сигурност Барселона нема да ве остави рамнодушни.

Она што не смеете да го пропуштите е посетата на делата на архитектот Гауди: Parc Güell, парк кој претставува комплекс на градини со архитектски елементи. Овој парк заштитен од УНЕСКО, е едно од најголемите архитектски дела на јужна Европа. 

Sagrada Familia, најпознатата базилика, Casa Mila, Casa Batillo и други.

Магичните фонтани му даваат посебен шарм на градот и посетителите може да уживаат во музички и светлосен перформанс во некоја од летните вечери. Задолжителна е посета на главната улица Las Ramblas, по која се наоѓаат многу ресторани и улични изведувачи. Оваа улица ќе ве доведе до пристаништето каде може да се препуштите на глетката на морето и да стигнете до готскиот кварт на градот кој се наоѓа во самиот центар и се карактеризира со тесни улички, антички плоштади и многубројни продавници.

Музејот на Пикасо е најпосетуван музеј на градот, иако и фондацијата на Миро е исто толку популарна.
За сите љубители на добрата храна, препорачуваме да пробате некои од традиционалните каталонски јадења и да уживате во чаша cava-  посебен тип на шпанско вино во областа Poble Espanyol( шпанско село). Ридот Montjuic нуди птичја перспектива на хоризонтот на Барселона преку која може да го доживеете магијата на градот.

И секако, да не го заборавиме изобилството на продавници и трговски центри каде може да се најде облека по поволни цени од многу познати шпански и интернационални брендови.
 
 
  
 
 

Пронајдете не на следниве мрежи: