Да се биде водач, да се биде предводник, да се биде прв не е само прашање на титула и на избор, многу повеќе е прашање на личен капацитет, на мудрост, смиреност и на трпеливост.Многу може да бидат избрани, но малку се оние што ќе ја надраснат и својата и општествената позиција и припадност и ќе успеат да ја погледнат реалноста од повисока перспектива. Само тие ќе се водачи и само нивниот збор ќе остане како патека и како мудрост да одѕвонува во главите на своите луѓе. Оние другите, кои случајно се нашле себеси во позиција да се први и да се избрани, ќе продолжат да ги оптоваруваат сите околу себе со секојдневна празнина и со човечка опседнатост. Најмногу од с`, ќе бидат оптоварени самите со себе, со својата празнина, со својата немоќ и со својот гнев. Тие никогаш нема да ја заслужат општата почит, ниту од своите ниту од туѓите луѓе.
Во општество како нашето, каде што ги имаме сите шареноликости и по етничка и по религиозна определба што може да ги има држава во овој дел од Европа, но и каде ја имаме најсилната и најдобра традиција на меѓусебно почитување и уважување, како денес така и низ вековите наназад, да се фрлаат отровни стрели и навреди кон сите кои не се исти како себе, е многу неодговорно и многу опасно однесување. Мирот во нашето општество не е плод на напади и навреди, туку е плод на мудрост и разумност на нашите луѓе, без разлика кој јазик го говорат и на која вера припаѓаат. Штом тоа ни е цел и желба на сите, треба да се однесуваме така.
Македонците со исламска вероисповед се реалност која не може да биде негирана од никого. Таа реалност не е нова, не е овогодишна или неколку годишна. Македонците со исламска вероисповед постојат и живеат со нас најмалку исто онолку долго колку што меѓу нас постојат и живеат Албанци со исламска вероисповед, но и многу подолго наназад. Негирањето на првите е негирање и на вторите. Ако не е можно да постојат Македонци со исламска вероисповед, не е можно да постојат ниту Албанци со истата вера. Историјата ни е една и заедничка, и нам и на Албанците и на Србите, Грците, Бугарите и на сите други народи што живеат и што живееле на Балканскиот Полуостров. Граници и засебен развој, без големо директно влијание меѓу себе, на овој дел од Европа од последните 16 века постои само во последните 100 години. Сите сме живееле во исти држави, сме почитувале исти закони и сме се бореле против исти владетели. Сме ги делеле и добрите и лошите работи низ историјата. Затоа желбата за примат и предводништво кај едните или кај другите или кај третите не е ништо друго од опседнатост со себе и желба за доминација. Ниту јас сум подобар христијанин само затоа што сум Македонец ниту некој друг е подобар муслиман само затоа што е Албанец. Таквите теории и заблуди се погубни не за оние за кои се изречени, туку токму за оние што ги изрекуваат.
Дали да се биде добар Албанец значи дека мора да се биде и муслиман. Секако, не. Стотици и стотици големи Албанци низ историјата и денес, писатели, преродбеници, борци и водачи не биле муслимани, па никој не смее и не може нив да ги оддели од албанското национално ткиво. Така и обратно, да се биде Македонец не значи дека мора да се биде православен христијанин, ниту дека мора да се биде дел од МПЦ-ОА. Низ историјата, но и денес, стотици илјади наши луѓе, Македонци по род, по јазик и по традиција, не се дел од МПЦ-ОА, дел не се ниту православни христијани, но се нераскинлив дел од нашиот народ. Дали Гоце Делчев во поимањето поединци не е Македонец само затоа што не е православен? Дали Борис Трајковски не е Македонец само затоа што не е православен? Дали митрополитот Теодосиј Гологанов, кој побарал унијатски статус за епархиите во Македонија директно од папата е предавник за нас Македонците? Дали стотици илјади Македонци, кои го сториле истото, но својот спас го побарале во исламот, се предавници на македонскиот народ? Одговорот е не, не и не. Kој не го разбира или има проблем со своите знаења или има тенденција да внесува немир и проблеми. Има тенденција да ја продолжи асимилацијата врз Македонците.
Ние Македонците, иако н` има и христијани и муслимани, ја делиме истата судбина, истиот јазик, истите традиции, истите песни и истите обичаи. Нам сите, нашата вера во Бог ни ја злоупотребувале и користеле за да н` одродат од сопственото јато. Христијаните со векови сме биле подложени на разни туѓи пропаганди од соседните православни народи, пропаганди кои до ден-денес оставиле горко наследство помеѓу нас. Поради црквите н` пишувале и дека сме Грци и дека сме Бугари и дека сме Срби. Во една фамилија имало и од едните и од другите и од третите, но ниту првото, ниту второто, ниту третото е исправно и искрено. С` било под принуда и закана, како и денес. И во овој момент има многу наши луѓе кои не се дел од МПЦ-ОА, туку се дел од Грчката, Српската или Бугарската црква, но тие не се помалку Македонци од нас другите само затоа што историјата и нејзините патеки ги однеле во различен правец. Така исто и Македонците со исламска вероисповед не се ниту малку помалку Македонци само затоа што се муслимани. Напротив, сите ние сме биле едно и ќе бидеме едно, колку и тоа да не му е убаво на кој било друг околу нас. Знаеме дека поделбите помеѓу нас биле желба и стратегија на другите, на туѓите по род и јазик, но и знаеме дека таквите средновековни патеки мора да бидат запрени денес. Дали живееме во Република Македонија или надвор, дали сме православни или муслимани, дали одиме во македонска црква или во грчка, српска или бугарска, ние го говориме истиот јазик и потекнуваме од истиот корен. Тоа е наше право за нашата иднина, но и наша обврска кон нашата историја.
Македонците со исламска вероисповед кај себе го зачувале најчистиот и најубав македонски јазик, ги зачувале најубавите традиции, митови и легенди, го зачувале своето чувство за национална припадност, иако биле подложни на асимилации и негирања исто онака како што биле и Македонците со христијанска вероисповед. Маката што сме ја влечеле на себе е иста, само туторите биле други. Затоа денес, во овој век, на овој степен на развој на цивилизацијата, ниту е добро некој да се обидува да ни кажува што сме и какви сме, ниту па ние самите ќе го дозволиме тоа. Историјата ја учиме за да не ги повториме сопствените грешки, но и да не им дозволиме на истите негатори да успеат во своите стари средновековни стратегии.
Илија Димовски
Извор:vmro-dpmne.org.mkМногу може да бидат избрани, но малку се оние што ќе ја надраснат и својата и општествената позиција и припадност и ќе успеат да ја погледнат реалн