Министерот за одбрана Зоран Јолевски денеска оствари билатерална средба со министерот за одбрана на Република Србија, Зоран Ѓорѓевиќ на која беше потврдена одличната соработка помеѓу двете земји.На средбата, соопшти денеска МО, се разговарало за мигрантската криза и потребата од уште поблиска координација и комуникација помеѓу двете земји.
Министрите Јолевски и Ѓорѓевиќ истакнале дека се задоволни од нивото на досегашните контакти и изразиле подготвеност за нивно интензивирање особено во делот на меѓусебното користење на регионалните капацитети кои се развиваат во двете земји.
Во тој контекст министерот Јолевски ги понуди армискиот полигон „Криволак“ кој е уникатен по понудата за извежбување на различни типови терени, Центарот за обука на пилоти кој е еден од најсовремените центри од овој тип во Југоисточна Европа, како и Регионалниот центар за односи со јавноста, како прв партнерски центар за едукација во Република Македонија. Од српска страна биле понудени регионалниот центар за АБХО, Центарот за логистика како и Центарот за обука на копнени сили.
– Дополнително, министрите се согласија во потребата од изведување на заеднички вежби со што ќе се унапреди интероперабилноста помеѓу припадниците на двете Армии, стои во соопштението.
Министерот Ѓорѓевиќ на средбата се заблагодарил за улогата на Република Македонија во воспоставувањето на главниот штаб на Балканските медицински наменски сили во Скопје и укажал на тоа дека овој проект е од големо значење за Србија, земја од која доаѓа командантот на главниот штаб до 2019 година.На средбата, соопшти денеска МО, се разговарало за мигрантската криза и потребата од уште поблиска координација и комуникација помеѓу двете земји.