Македонија на Македонците, Грција на Грците

Велат најголемите непријатели на една држава доаѓаат одвнатре. Никој нема право да ги компромитира државните интереси посебно не истрошени локални политички фигури, кои би можеле да креираат раздор, со причина да не потонат во длабок заборав. Грчките медиуми деновиве ликуваат, додека одредена личност во Македонија го прославува “врвот” во својата политичка кариера. Полека но сигурно се наметнува прашањето, како да се заштитиме? Ќе научиме ли еднаш дека плукајќи по сопствената држава се омаловажуваме самите себеси, си го губиме сопствениот интегритет за сметка на што? Вреди ли?Да се даваат изјави дека Македонската влада води антигрчка кампања, без притоа да се изнесе ни еден веродостоен факт или доказ за ваквите деструктивни коментари е политички претенциозно и крајно аматерски. Но, сосема доволно да им даде повод на грчките власти и медиуми по којзнае кој пат, повторно да се нафрлат на нашата земја. Да се потврдуваат бесмислени шпекулации дека во Македонија постоел некаков иредентизам, а дека “македонскиот државен врв бил во делириум” е директен атак на македонскиот суверенитет. Овие жално очајнички обиди да се придобијат одредени грчки политички структури се срамно исплукување на истиот тој македонски народ кој што некогаш му доверил мандат на овој екс политичар.
Македонската влада ниту водела ниту пак има потреба да води антигрчка кампања (грчките власти изминативе години доволно се погрижија за својата репутација меѓу македонскиот народ). Владината надворешна политика во спорот за името со Грција е ништо помалку од умерено дипломатска и крајно достоинствена. И во моменти кога Грција ја блокирала и продолжува да ја блокира Македонија, нашиот став и однос останува политички коректен. И кога Грција упорно го стагнира нашиот прогрес кон НАТО и Европската Унија на светските тркалезни маси, ние сме успеале да задржиме завидно ниво на политичка медијација. Но, дали треба да бидеме исто толку умерени и коректни кон оние поединци кои што со сигурност промовираат анти-македонска пропаганда која подоцна како бумеранг ни се враќа и предизвикува голема штета на државните цели.
Потребно е да постои политичка сплотеност и унифицираност помеѓу сите сегашни и поранешни политички фигури кога станува збор за деликатни прашања со Грција и зачувувањето на националните интереси. Просто не смее да се издвои ниту една личност која што ќе ја доведе во опасност иднината на нашата земја. А сепак сме сведоци деновиве на една негативна кампања за македонскиот интегритет која одекнува низ медиумите на нашиот јужен сосед. И која е целта, а која е придобивката? Да се привлече медиумско внимание или пак да се добие громогласен аплауз од противникот? И сето тоа во негативен контекст и против интересите на сопствениот народ.
Да се биде македонски политичар, значи да се заштити и почитува стабилноста на македонската држава но и искрено да се сака и да се биде поборец на националните идеали. Тоа е аманет, тоа е гордост, тоа е привилегија. После овие случувања, жално е да се истакне дека одредени поединци не биле достојни и не заслужиле да бидат дел од креирањето на македонската национална политика. Ова повеќе не е само претенциозна навреда упатена до државните власти од страна на еден екс политичар, туку оваа навреда прераснува од политичка во лична. Ме навредува мене како македонка, а свесно допира и до секој граѓанин на нашата земја кој верува и сака Македонија да има поголем просперитет во светски рамки. Националното единство во моментов претставува најмоќната дипломатска стратегија која треба да ја примениме во сопствена самоодбрана од било какви коментари и негативни критики. Ваквата политичка идеологија на меѓусебна сплотеност и обединетост е неопходна за зајакнување на македонскиот народ. Само заедничката борба и солидарност може да не одбрани од скриените мотиви на внатрешните непријатели.
И како што некогаш изјавил познатиот Теодор Розевелт, патриотизмот не е само слепа гордост кон сопствената нација, тоа е извор на слобода и идентитет, тоа е корен на сопственото постоење. Затоа “заштитувајте ја сопствената земја како еден природен дар, негувајте ги природните ресурси, и историјата како свето наследство, за вашите деца и за вашите внуци. Не дозволувајте себични луѓе или погрешни интереси да ја уништат убавината и богатството на вашата земја.”
Автор: Нела Ташковска Да се даваат изјави дека Македонската влада води антигрчка кампања, без притоа да се изнесе ни еден веродостоен факт или доказ за ваквите деструкти

Пронајдете не на следниве мрежи: