Македонија во странскиот печат: Македонското прашање го чека своето решавање

Басновитата птица Феникс изгорела во дамнини во своето гнездо, но од нејзината пепел се појавувал секогаш еден почуден Феникс. Македонското прашање многу прилега на оваа легендарна птица. Едвај се беше произнесла во Париз последната пресуда над Македонија од оние што досега јавно беа дале едвај ли не клетва дека не ќе решаваат за судбината на никој народ без претходно да ја узнаат неговата волја, и овој Феникс одново ја пројави пред очудениот свет својата нескршлива сила, за која новите негови угнетувачи мислеа дека конечно ја скршиле.Навистина, ова беше дело на еден гениј какви што вековите раѓаат ретко, но и овој гениј немаше да може да го извика кон нова борба својот народ, ако тој не го беше нашол во него неговиот вечно жив национален дух. И ние гледаме како, и покрај грубото насилство на новите поробувачи на Македонија, сe повеќе си пробива пат среде сознателното општество во туѓина чувството дека е извршена голема неправда спрема Македонија и дека треба веќе да се помисли за надминување на оваа нечуена неправда. Ова сознание зема да си пробива пат и да наоѓа јавен израз дури и среде раководни одговорни фактори.

Така, видниот белгиски општественик и државник г. Вандервелд, кој денес ја раководи надворешната политика на својата татковина, пред две години, во своето патување по балканските земји, со својот бистар ум јасно ја беше разбрал вистината и решително беше го посочил единствениот, според него, при дадените услови, возможен правилен исход од неподносливата положба создадена во Македонија. Тој го наоѓа овој исход во една обласна автономија, слична на онаа каква што сакаат Хрватите и Словенците, и на мислење е дека само такво решение може да стави крај на секакви незадоволства во Македонија, прекратувајќи ги овие постојани погранични случки и востановувајќи вистински мир. Уште поутешително е тоа што и еден голем денешен пријател и близок сојузник на Југославија, чешкиот раководител на надворешната политика, макар и уште прикриено, како што е природно при неговата положба, го искажува јавно истото мислење. Познато му е на нашето општество дека г. Бенеш пред неколку месеци го засегна во низа свои статии, објавени во чешкото списание „Slovansky přehled“, и македонското прашање. Во тие статии тој, меѓу другото, истакна, иако доста нејасно, некои од рецептите на српската државна политика за „конечното“ решавање на македонското прашање. Засегајќи го со тоа чувствително длабокото национално сознание на македонските Бугари, таа постапка наиде тогаш на заслужена осуда среде македонските кругови.

Сепак, ние мислиме дека не помалку внимание заслужува и другата страна на тие статии. Ние сме убедени дека г. Бенеш, кој многу добро ја познава етнографската состојба во Македонија зашто таа е толку добро изучена и расветлена од видни негови учени сонародници, и е добро информиран за длабокото национално сознание на македонските Бугари и за реткиот борбен дух, кој со таква енергија и решителност се пројавува особено од пред половина век наваму, разбира дека при овој национален дух на Македонците, не ќе биде толку лесно за српските државници да го дочекаат благопријатниот резултат на своите рецепти, спротивни на денешното време. Тој, веруваме, не се сомнева дека единствениот заслужен одговор, кој целиот бугарски народ може да го даде на слични совети, не може да биде друго освен гордото чешко противење: nedejme se! Ете зошто г. Бенеш во своите статии ја истакнува и втората можност за решавањето на ова прашање. А тоа е, како што тој се изразува, „автономизацијата“ на Македонија. Значајна е и околноста дека г. Бенеш зборува постојано за Македонија, кога неговите сојузници не сакаат ни да го слушнат тој збор. Ова совпаѓање во сфаќањата на двајцата од највидните денешни државници, кои и како членови во Советот на Општеството на народите земаат активно учество во решавањето на сериозните прашања на денешното време, може уште повеќе да нe закрепи во нашите непоколебливите надежи дека не е далеку денот кога нашето народно дело наполно ќе триумфира.
Иван Георгов
Македонија, Софија, 11 октомври 1926 година
Македонија во странскиот печат, главни редактори: д-р Филип Петровски, д-р Теон Џинго, Игор Сотиров, Државен архив на Република Македонија, Скопје, 2016, стр. 260-261.Навистина, ова беше дело на еден гениј какви што вековите раѓаат ретко, но и овој гениј немаше да може да го извика кон нова борба својот народ, ак

Пронајдете не на следниве мрежи: