Од сите балкански земји Македонија ја снајде најтажната судбина. Кога конечно по безбројните востанија и огромниот број крвави жртви се ослободи од турското владеење, од Балканската војна па до крајот на Светската војна, како упориште на војната беше изложена на нови пустошења.Во логорот на македонските герилци
Разговор со водачот на бунтовниците Тодор Александров
(од нашиот кореспондент) Софија, 29 октомври
Од сите балкански земји Македонија ја снајде најтажната судбина. Кога конечно по безбројните востанија и огромниот број крвави жртви се ослободи од турското владеење, од Балканската војна па до крајот на Светската војна, како упориште на војната беше изложена на нови пустошења. Во мировниот договор од Неј беше поделена помеѓу Србија и Грција, иако Македонија е населена претежно од Бугари, а во западниот дел од Албанци. Таа стана една земја на беда и очај. Малкуте години на српско-грчко владеење беа доволни, да училишниот систем, кој беше изграден со неописиви жртви, целосно биде уништен (од околу 1000 училишта сега не постои ниту едно единствено) и македонската интелигенција да биде протерана во странство или на планините, од каде таа ја водеше борбата за слобода на нејзиниот народ. Постоечката револуционерна организација, уште од турско време, беше обновена под водство на Тодор Александров. Г. Георг Којухаров, известувач на „Дејли Експрес“, од благодарност ми даде на располагање еден разговор со Александров, чии изјави нудат впечатлива слика за актуелната состојба во Македонија.
Г. Којухаров раскажува: „Јас ја пречекорувам границата, придружуван од две лица, кои ме земаа како нивен другар. По долг ноќен марш низ густи шуми и тесни планински патчиња, преку брда и долини, пристигнавме преморени во селото …… , каде бев предаден на окружниот водач на македонската организација. Од тука се пријавив кај врховниот лидер на македонската револуција Тодор Александров и чекав додека дојде одговорот. Бидејќи веќе уште пред четири месеци се понудив за средба која беше одредена за поповолно време, сега ми беше одобрен пристап.
Веќе по еден час стигнавме пред водачот. Веќе се беше разденило. Пред нашите очи се простираше една мала ливада насред густата шума, под чии дрва во логоруваа револуционерите. Тодор Александров има 42 години, неговите црти на лицето и покрај нивната грубост оддаваат висока интелигенција. Од неговото исончано лице врамено со црна брада гледа еден храбар поглед. Лесно облечен, со двоглед и ташна со патрони и пушка во раката, доаѓаше кон мене. Тој оддаваше впечаток на еден воен водач, чие јунаштво е докажано во текот на четириесетидвегодишно војување. Неговите другари, во најголем број високоинтелектуални луѓе, меѓу нив поранешни учители, трговци и образовани Македонци, носат воени униформи и се вооружени со пушки и рачни бомби. По поздравот го замолив Александров да ми објасни на кој начин ја создал револуционерната организација, на која цел ѝ служи таа и кои се нејзините задачи и методи на борба. „По војната“, почна Тодор Александров, „ја проталкав цела Македонија, придружуван од двајца верни другари, за да ги утешам моите измачени државјани и да ги разбудам нивните надежи за подобри времиња. Страшните услови, предизвикани од неопишаниот терор на српските и грчките власти, ме убедија дека македонскиот народ само со самостојна борба би можел да се ослободи од оваа положба и тоа само преку една силна борбена организација. Си поставив задача да го поведам мојот народ против диктаторите од Белград и Атина. Бесмислените и насилните методи на Пашиќ за србизирање на мојата татковина само ја олеснија мојата работа. Уште за време на мојот прв престој во Македонија ми успеа да создадам густа мрежа на организации, во чии редови се врбојуваат не само Македонци туку и други малцинства, како Турци, Албанци, Романци и дури и Грци. Локални Срби во Македонија воопшто и нема. Откако ги организирав сите градови и села, свикав генерален собир на сите водачи на окрузи. Во момент ја освежив заспаната организација и таа беше повторно функционална како и пред Балканските војни. Централниот комитет на Внатрешната македонска организација, избран во годината 1911 г., повторно ја презеде на себе обврзувачката активност и веројатно ќе ја води до свикување на конгресот. До 1920 г. нашата борба беше легална. Нашата цел беше: остварување на наша самоуправа и културни права на пат на политичката борба. Ние сакавме да основаме една чисто македонска партија, со намера македонските пратеници да ги пратиме во белградскиот парламент. Белградскиот државен министер сепак го наруши нашиот план и успеа со примена на полициска сила да си ги добие гласовите од гласачите за себе. Полни со убедувањето дека на легален начин нема да дојдеме до политички успех, во нас се разви замислата, мирољубивата борба да ја претвориме во револуционерна и поради тоа го зедовме оружјето в рака.
Му помогнав на мојот народ да сфати дека само со оружје в рака ќе може да се избори за својата слобода. Им упатив повик на сите наши државјани и ги замолив за спремност за жртвување за својата татковина. Секој му ја стави својата мала заштеда на располагање на Централниот комитет. Ние основавме еден фонд, кој ќе биде потполно доволен за нашето вооружување и храна. Денеска Македонската организација, или поточно македонската армија, претставува еден моќен фактор, кого никаква сила не може да го скрши. Колку повеќе Србите и Грците ги зголемуваат теророт и прогонствата, толку поистраен и понескршлив станува нашиот дух. Секој еден човек е борец, спремен веднаш да го жртвува својот живот таму каде што ќе му биде наредено. Ако има потреба да се изведе некоја револуционерна акција, ги повикувам војниците од блиските села и општини, изведувам акција и потоа ги распуштам моите луѓе. Значи јас сум и секаде и никаде. Целиот народ, сите Македонци се мои војници, додека јас сум само првиот од истите во борбата. Тврдењето на Србите дека македонските банди се обучуваат во Бугарија и ги преминуваат границите е само една легенда. Сите ние кои сме родени во земјата на Александар Велики, на Кирил и Методиј и на св. Климент, сме едни по крв и месо. Нашите стремежи можат да се сумираат во следните зборови: Слобода или смрт! Вистина е кога велам дека не постои никаква моќ на земјата не може да ја уништи нашата организација, без притоа да се доведе во опасност да искрвари. Оваа состојба во Македонија, општата свест за слобода и право, сигурно ќе не доведе до целта. Македонија ќе живее, еден ден ќе постои како независен и рамноправен член на светската култура и таа самата ќе придонесува за светскиот мир.
Ние не сакаме да станеме алатка во рацете на некоја голема сила, но сепак ќе настојуваме да бидеме во добри односи со сите држави кои ќе покажат и најмал интерес за нашите стремежи. Ние се сложуваме на секаков политички компромис само ако се постигне целта, на Македонија да ѝ се вратат самостојноста и културните права. Во овој случај сме задоволни да ни се даде автономија на Македонија, вклучувајќи го и главниот град Салоники, тоа значи сегашните српски и грчки подрачја, и под протекторат на Друштвото на народите или на некоја група на големи сили да се приклучиме на некоја југословенска федерација. Ние сакаме да станеме легитимни граѓани на нашата татковина и да се занимаваме со мирољубиви дејности; ние сакаме да станеме господари на плодовите на нашата работа и да живееме во една атмосфера, која нам, поддржана од нашата власт и армија, ќе ни осигури еден мирен живот. Истовремено со тоа сакаме да ги отвориме нашите училишта, да ги вратиме нашите избегани свештеници во нашите цркви и да читаме и пишуваме на мајчин јазик; да ги извадиме од засолништата нашите библиотеки и древности и пребеганата интелигенција повторно да ја вратиме во татковината. Дотогаш ние нема да го оставиме оружјето. Секој пат кога ќе падне ноќ над нашата татковина, почнува нашата револуционерна активност; тогаш им докажуваме на угнетувачите со нашите претходно смислени акции дека духот на Македонија е спремен во секој момент да оди во смрт за слободата на нашата татковина. И ова ќе се повторува сe додека не ја извојуваме нашата слобода. Ова се мои зборови, кои ѝ ги упатувам на болната и егоистична Европа. Ние очекуваме свеста на христијанскиот културен свет конечно да се разбуди за да нѐ третира со правичност.“
Рајхспост, Виена, 2 ноември 1923 година, стр. 3-4
Македонија во странскиот печат, главни редактори: д-р Филип Петровски, д-р теон Џинго, Игор Сотиров, Државен архив на Република Македонија, Скопје, 2016, стр. 176-179.Во логорот на македонските герилци
Разговор со водачот на бунтовниците Тодор Александров