И во последниве десетина години, колку што беше ВМРО-ДПМНЕ на власт, голем број политичари и интелектуалци од досегашната опозиција ја користеа фразата „Ви рековме, ама вие не верувавте“, но во наредниот период, речиси сигурно, таа ќе биде меѓу најкористените во политичката дебата. Граѓаните, за кои стабилноста и сигурноста се секогаш приоритет, сакаат да веруваат дека ова е погрешна процена и дека работите ќе се средат, дека СДСМ во новата влада ќе владее со ум и со разум, дека албанските партнери на Заев ќе се залагаат за европски вредности и дека ќе се залагаат за сите граѓани, како што се залагаат за своите Албанци. Сепак, почетокот не ветува ваква разврска.„Инаугуративниот говор“ на новиот „претседател на Собранието“ и мизансценот во кој тој ја презеде функцијата спикер на парламентот не ветуваат стабилна и граѓанска Македонија туку нови премрежиња во власта и надвор од неа. Катарзите ќе бидат присутни и во коалицијата СДСМ – ДУИ – Беса – Унитети, но и во македонскиот политички блок меѓу СДСМ и новата опозиција.
Заев сѐ уште не може да сфати дека албанскиот јазик на Талат Џафери со кој тој ја презеде својата „функција“ на трагичниот ден, четврток, не е случаен избор туку јасен сигнал какви ќе бидат околностите во новата влада. Заев не разбира дека Џафери и ДУИ немаат никаков интерес да работат на државно единство, ако веќе срцето и гените не им даваат да работат на национално единство.
И вториот сигнал што го испрати Талат Џафери не ветува дека црните сценарија се нереални. Поставувањето на албанското знаме во кабинетот на новиот таканаречен претседател на парламентот е директно кршење на Законот за знамиња и на Уставот на РМ. Се разбира, во ситуација во која Македонија има многу поголеми проблеми од тоа колкави и колку знамиња се веат по кабинети и по улици, сепак овие сигнали се многу важни за да се детерминира иднината во која ќе функционира македонската администрација.
Поставувањето две знамиња на Албанија покрај едното македонско во кабинетот на претседателот на парламентот е јасен сигнал дека единствен приоритет на ДУИ и на другите албански партии е задоволувањето на нивните национални интереси. И тука, рака на срце, не смееме да се лутиме затоа што секоја нормална политичка партија или нормален политичар, особено на Балканот, работи за своите луѓе. Овде лутината и горчината може да бидат упатени само на тие што дозволуваат не само да се навредува македонското достоинство, да се крши законот, туку и да се онанира јавно на ставовите на стотици илјади луѓе, кои пред 16 години го прифатија Рамковниот договор, но никогаш нема да прифатат да бидат граѓани од втор ред во својата единствена држава.
Најтешко се излегува од сопствената стапица
За жал, сценариото дека некој во новата власт ќе ги спречи Џафери и другите албански политичари да докажуваат колкави големи Албанци се и со тоа да ги иритираат другите е речиси неверојатно. Заев и СДСМ дури и да сакаат сега немаат можност да ја запрат трансформацијата на Македонија, која сѐ помалку и помалку ќе биде крушевска, асномска или илинденска. Секој обид на Заев да ги смири националистичките страсти на ДУИ и на другите албански партии ќе заврши со неуспех затоа што, за разлика од СДСМ, кој без нив нема алтернатива за правење влада, ДУИ или некој нејзин пандан секогаш ќе бидат во подобра политичка ситуација.
Внатрешната битка во албанскиот блок дополнително ја отежнува ситуацијата за тие македонски настроени членови во СДСМ, кои многу брзо ќе увидат дека државата се движи кон бинационална, место кон граѓанска. Битката за политички опстанок на ДУИ и борбата за превласт во доминантно албанските населени места во пресрет на локалните избори нема ни за момент да ја помрднат кампањата што ја почна ДУИ во Тирана на православниот Божик. Оваа националистичка кампања во која малку недостига Талат Џафери да постави албанско знаме и во собраниските подруми, бифе и тоалети се случува во ситуација кога ДУИ има сериозни проблеми пред своите гласачи и затоа не треба да се изненадиме што кампањата ќе се претвори во долгорочна стратегија за наметнување албански симболи, јазик, историја и политика во сите сфери на општественикот живот каков што претходно Македонија не видела ниту во италијанската окупација каде што балистите биле локална власт.
Битката за преживување на ДУИ пред налетите на Беса и на Села нема да запре на локалните избори, таа ќе продолжи во годините пред нас, а за Ахмети и за дружината единствен начин за останување на политичката мапа е да ја користат до максимум националистичката реторика и постојано да докажуваат дека се најголеми Албанци, без притоа ни најмалку да се грижат за чувствата на огорчените, разочарани и револтирани македонски граѓани. Прифаќањето на Охридскиот договор, Законот за територијална организација и „изборот“ на Талат Џафери за „претседател“ на Собранието, и толеранцијата што Заев и СДСМ ја имаат за националистичките провокации на албанскиот блок, се најдобар сигнал дека ДУИ треба да ја турка својата агенда без притоа да мора да се грижи за македонскиот дел од граѓаните.
Нивниот товар и сега и во иднина ќе го носи македонскиот партнер во владата. Заев е тој што сега ќе мора да одговара за нивните постапки. Македонските граѓани одговорност за национализмот на Албанците ќе бараат од Заев, тој ќе мора да дава објаснувања зошто влета во авантурата од која сега нема враќање, освен ако не сака експресно да се врати во опозиција. Затоа ќе мора да трпи и да молчи, да го прави тоа што успешно го прави со години. Да кажува работи што немаат никаква логика, а потоа да ги релативизира и демантира, да тврди дека не сме го разбрале ниту сфатиле. И охрабрен од поддршката од странците да мисли дека прави добро за Македонија.
Странците легитимираа преседан и тие имаат дел од одговорноста за иднината
НАТО, САД и ЕУ, од позиција на глобални моќници, во последниот македонски случај решија да поддржат правен и уставен преседан, кој не е забележан ниту меѓу младите балкански демократии. Нивната политичка, воена и економска моќ им дава право да го „октроираат“ Талат Џафери за спикер иако неговиот избор не исполнува ниту минимум критериуми за избор на фудбалски тренер во германска трета лига. Со тоа сите европски и американски лидери ќе мораат да ја преземат и одговорноста за иднината на земјата. Ако се повтори сценариото што беше спроведено по косовската криза, кога и покрај ветувањата за помош западот целосно се повлече од менаџирањето на кризата, која во 2001 година се претвори во конфликт, на Македонија ѝ се заканува целосно уништување. Западните сили се тие што ќе мораат да ги регулираат односите во новата македонска влада затоа што е јасно дека „враќањето на животот“ и еуфоријата од заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ од државните институции ќе трае максимум неколку месеци. Ако западот не се инволвира директно во менаџирањето на барањата на Села за федерализација, на Беса за комплетна трансформација на земјата и, општо, во амортизација на барањата на Албанците од новата власт, јасно е дека Македонија сѐ уште не ни почнала да излегува од криза.
Талат како вовед во референдумот за името
Најавата на Заев дека еден од приоритетите на новата влада ќе биде промена на името, односно решение на спорот со Грција, е доволен аргумент секој, па дури и најголемите сили, да се уплашат од развојот на настаните во Македонија, со можност за долготрајна нестабилност во регионот. Преседанот што ЕУ, НАТО и САД го направија со Џафери како спикер на Собранието ќе биде од особена важност кога Заев на маса ќе стави референдум за промена на името, а тој нема да биде прифатен од мнозинството македонски граѓани. Дали и тогаш меѓународниот фактор, користејќи ја својата сурова моќ, а тргнувајќи од своите интереси за затворање на грчко-македонскиот спор во нестабилниот регион, насила ќе рече дека 42 процента од граѓаните што се за промена на името се повеќе од, на пример, 58 проценти, кои се против тоа? Како што сега решија дека 59 пратеници се повеќе од доволно за избор на нов парламентарен спикер иако Уставот налага минимум од 61 пратеник, односно 50 проценти, плус еден. Политичкото насилство на големите сили врз малите земји не е непознато ниту во современата европска и светска историја ниту во историјата на Македонија. Тоа што во моментов ѝ се случува на Македонија е подраматично затоа што западните сили не се ни обидоа да дадат некакво правно толкување. Со тоа тие директно го прекршија принципот на владеење на правото за кое толку многу се залагаат и со кое се гордеат. Во македонскиот случај, слично како и со пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, западните партнери на Македонија ќе имаат сериозни проблеми да објаснат зошто се откажаа од еден од своите најважни принципи.
Идната опозиција со свои цели
И без идните чекори на новата македонска опозиција, состојбата во земјата е доволно компликувана, но Заев не смее да се надева дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го жали и ќе му помага да остане на власт затоа што тој, речиси е извесно, ќе влезе во проблеми до гуша со своите албански партнери. За очекување е дека ВМРО-ДПМНЕ по стоте дена од владеењето на СДСМ ќе го искористи истиот рецепт што го користеше Заев. Постојан притисок, блокади, бојкот, дури и вадење „бомби“, кои не мора да бидат во аудиоформат. Користејќи ги преседаните во политичкиот живот во последниве шест-седум години, ВМРО – ДПМНЕ ќе има целосно право од првиот ден во опозиција да бара предвремени избори и, други и ако ги загуби првите, да продолжи да бара нови, сѐ додека не се врати на власт. Во оваа битка, следејќи ја матрицата поставена од Заев, сѐ ќе биде дозволено и сѐ ќе биде легално.
Преземено: republika.mk„Инаугуративниот говор“ на новиот „претседател на Собрани&s