„Не живеам во Македонија повеќе од 10 години, но имам лична карта. Последната беше со важност до јуни 2015 година. Мојот татко ми закажа термин за вадење нов документ, па така специјално дојдов во Македонија со намера да си ја обновам личната карта. Се вратив назад, а моите родители неколку пати се обидуваа да го подигнат документот, но тоа морало да се стори лично. Kога дојдов во февруари, разбрав дека личната карта ми е во специјалното обвинителство. Оттаму ме тераа писмено да им се обратам за проблемот“.Ова се зборовите на македонска иселеничка, која веќе подолго време живее и работи во една европска држава. За „Дневник“ анонимно ја раскажа приказната за тоа како кај специјалната јавна обвинителка се заглавени лични документи од граѓани што немаат никаква врска со тоа што се случува во државата и предметите што таа ги води. Но приказната на соговорничката на ДНЕВНИК не е исклучок или редок случај. Kај Јанева, според информации на ДНЕВНИК, се заглавени личните документи на повеќе од 10 илјади граѓани. Најчесто се работи за иселеници или, пак, лица што живеат и работат во еден град, но имаат живеалиште во друг град каде што ја вадат личната карта. Дел од иселениците кои освен македонско државјанство имаат и друго ги известиле и конзултатите на тие држави за проблемот со кој се соочуваат.
Вкупниот број лични карти што држи спцијалното обвинителство, според првичните најави на обвинителката Фатиме Фетаи од СЈО, е 35 илјади. Таа ги најави како крунски доказ дека поранешното раководство на МВР издавало лични карти за фалисификување изборни резултати.
Ако се земат предвид овие бројки тоа би значело дека Јанева кај себе држи лични карти за број на граѓани кој одговара на просечниот број жители што го има еден цел македонски град. Од СЈО сега велат дека сите што ќе побараат да си ги подигнат личните карти,тоа ќе можеда го направат преку МВР, а со нивна меѓусебна соработка.
Се чудев која е Kатица што ми ја држи личната карта
– Сега, во февраури кога бев во можност да бидам во Македонија никој не знаеше да ми даде конкретен одговор каде можам да ја најдам личната карта за да ја подигнам. Првиот пат еден господин на шалтерот ми рече дека личната карта ми е земена и тоа со зборовите: „Девојко, избори се, некои лични карти беа земени“. На мое прашање од кого се земени,ме препрати кај неговиот шеф. Таму, пак,беше вистински хаос и информации не добив – раскажува иселеничката.
Таа се вратила во МВР и наредниот ден со надеж дека личната карта овој пат ќе ја подигне.
– Тогаш господинот ми кажа дека личните карти се кај Kатица во специјално обвинителство. Го прашав која е Kатица. Се зачуди и ми искоментира: „Kако не знаеш која е Kатица?“. Најпосле ми кажа дека се работи за посебна институција и каде се наоѓа Обвинителството, па се упатив таму – раскажува за своето патешествие соговорничката на ДНЕВНИК.
Во СЈО имала кратка средба со некоја од обвинителките, чие име не го дознала.
– Дојде една девојка која беше сосема незаинтересира. Ми рече дека за мојот случај мора писмено да се обратам, но кога ~ реков зошто писмено да се обраќам кога еве веќе сум лично тука и можам директно да поднесам барање или да ми даде електронска адреса на која би можела да се обратам, дрско, многу дрско ми се обрати: „Да не сакаш јас да ти ја напишам молбата?!“ – вели иселеничката за односот во СЈО. По ова не и останало ништо друго освен писмено да се обрати до СЈО.
Повторно шетање од СЈО до МВР и од МВР до СЈО
Слична приказна ни пријавија и десетина други граѓани. Ниту еден од нив не добил одговор на писменото барање со недели, за вчера наеднаш, ден откако „Дневник“ се обрати до Обвинителството на Јанева за тоа дека има поплаки од граѓани што не можат да си подигнат лични карти од МВР, да им стигне известување од СЈО на Јанева. Одговорот што го добиле е уште позачудувачки – сите граѓани кои имаат ваков проблем писмено да се обратат до МВР објаснувајќи дека личната карта им е во СЈО и да побараат МВР писмено да се обрати до СЈО конкретната лична карта да им биде вратена назад за да може да биде издадена на граѓанинот.
Сличен одговор од СЈО ни стигна и нам на нашите прашања при што оттаму ни нагласуваат дека во суштина немало некои забелешки од граѓаните за овој проблем.
– Личните карти што не беа подигнати од страна на граѓани, а се наоѓаа во МВР беа прибавени од наша страна за да се утврди за што точно станува збор и од кои причини личните карти се наоѓаат во МВР. Во оваа насока појаснуваме дека доколку се јави граѓанин на кого личната карта не му била издадена и бара истата да му се предаде, за таквата состојба ние сме известувани од страна на МВР, по што ние личните карти ги враќаме на МВР, кој потоа ги врачува на граѓаните. До ова Јавно обвинителство директно се имаат обратено граѓани и на сите им е појаснета процедурата и начинот на кој може да им биде вратена личната карта, со објаснување зошто постапката налага предавањето на личните карти да се изврши преку МВР – ни одговорија од СЈО.
Што тврдеа Фатиме Фетаи и Оливер Спасовски
Неподигнатите лични карти првпат во јавноста беа споменати на 12 февруари од страна на обвинителката во специјалното обвинителство Фатиме Фетаи. Таа ги претстави како крунски доказ за изборните манипулации од страна на злосторничкото здружение во кои ги сомничи поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески и градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко.
– Од ова произлегува дека се работи за целосна криминализација на изборниот процес, со незаконско издавање лични карти и вметнување во Избирачкиот список на лица што по ниедна основа не смеат да бидат….изготвени се 35.000 лични карти кои не се подигнати од барателите, и никој не знае зошто стојат во МВР – рече Фетаи објавувајќи го „Титаник“.
Две недели подоцна, на 26 февруари токму овие неподигнати 35 илјади лични карти ги коментираше и Спасовски во насока дека тие се веќе во СЈО, а дека МВР целосно соработува за случајот.Ова се зборовите на македонска иселеничка, која веќе подолго време живее и работи во една европска држава. За „Дневник“ анонимно ја рас