Сузана Спасовска објави во јавноста дека била малтертирана од страна на грчките цариници на грчката граница!
Во продолжение може да го погледнете писмото кое таа го испрати до медиумите:
„И покрај тоа што не сакав јавноста да ја оптеретувам со моите приватности и случувања, сепак решив овој случај да го изнесам пред медиумите со цел уште еднаш да се спознае вистинското лице на Грција како наш сосед.
Имено, на 6 септември 2013 година, со цел транзитно да поминам преку Грција до Турција, на граничниот премин Евзони бев спречена во тоа од страна на грчките гранични служби.
Со голема доза на зачуденост од постапката и на прашањето зошто не можам транзитно да поминам, грчките граничари одговорија дека има некаков проблем со компјутерскиот систем, кој не дозволува да ме регистрира како лице кое може слободно да се движи низ нивната територија. Во меѓувреме испечатија формулар на грчко-српски јазик кој ми го подметнаа да го потпишам, чин што јас одбив да го сторам со барање за објаснување од нивна страна.
Наместо тоа добив условување дека доколку не го потпишам формуларот, нема да ја добијам назад мојата патна исправа, ниту ќе ми се дозволи враќање назад кон македонскиот граничен терминал. Веројатно, следниот чекор беше мое приведување. Документот ме регистрира во грчкиот национален регистар како личност која е непожелна за влез во Грција со необјасниви причини. И покрај моето инсистирање да добијам објаснување за нивната постапка, наместо тоа дрско и со висок тон од страна на грчките граничари бев условувана по секоја цена да го потпишам документот, што на крајот морав да го сторам.
Сепак, и покрај неможноста да добијам објаснување од граничарите на Грција за овој случај, кој слободно можам да го оквалификувам како инцидент, претпоставувам дека станува збор за следното.
Имено, на 15 јули 2013 година, бев поканета од Македонците во воденскиот крај да настапам на Првиот семакедонски собир со мој репертоар на нивната манифестација, која од се срце ја прифатив, а на која учествуваа и повеќе културно-уметнички друштва кои го негуваат македонскиот фолклор. Пред настапот организаторот беше предупреден од грчки групи дека би било подобро да се откаже мојот настап со македонски песни.
И покрај ова условување музичката програма започна, но дојде до прекин на снабдувањето со електрична енергија со цел концертот да не продолжи. На инсистирање на бројната македонска публика концертот сепак продолжи и заврши без никакви понатамошни проблеми.
Досега неколкупати настапував пред македонската публика во Егејска Македонија, но ова беше првпат да наидам на ваков однос, што кај мене предизвика несигурност.
Во мојата досегашна кариера која трае речиси 30 години, никогаш ми се нема случено ваков испад на ниту една гранична служба низ светот.
Со оваа моја реакција не сакам да привлечам никакво медиумско внимание заради публицитет, бидејќи тоа не е мој начин на работа, ниту на таков начин го сфаќам работењето на естрадата. Со оваа моја реакција сакам да упатам сериозна критика до грчките власти, кои политичките проблеми со Република Македонија ги пренесуваат на македонските уметници, музичари и културни работници.
Како што можат грчките музичари, вокални интерпретатори и групи слободно да настапуваат во Македонија, да свират и пеат грчка традиционална музика, а притоа нашите медиуми да им посветуваат внимание и да ги промовираат на своите програми, очекуваме и ние, естрадните уметници од Македонија, да бидеме третирани на ист начин во Грција.
Освен својата професија – музиката, естрадните уметници немаат друга дејност, ниту сакаат да бидат дел од политички игри. Апелирам во иднина вакви проблеми да не се повторуваат, со цел македонските естрадни уметници слободно да настапуваат пред својата публика, која ја сака македонската песна насекаде во светот.“