Македонски судии и обвинители на американска обука

Loading...

Тоа што за некој е поткуп на нашето судство и ставање под странска чизма, за друг може да биде пример за саможртва во полза на нашето посветло и подобро утре. Прашање е само дали воопшто можете да најдете некој што искрено ќе поверува во ова второво.Не знам чија идеја била последното соопштение на американската амбасада во РМ за тоа дека на македонската трета власт во последните 15 години потрошиле 55 милиони долари, ама ако со тоа сакаше да се докаже дека не се мешаат во работата на судовите, туку ја помагаат нивната независност, направена е прилично голема грешка. Зашто ние носевме едночудо закони со кои формиравме самостоен судски буџет, демек за да не зависеле судовите од давам-не давам пари од Владата, па го избркавме министерот за правда од Судскиот совет зашто некој кажал дека тоа е мешање на извршната во судската власт, па измисливме судиите и обвинителите сами да си се избираат (освен Kатица Јанева, која ја избираат политичките партии по налог од амбасадорите), формиравме Академија за судии и обвинители, с` со цел да нема влијание на извршната власт врз независното судство и да се зголеми нивото на професионалност. Kога ете ти признание дека некоја друга влада си ги имала на платен список и судиите и обвинителите и адвокатите. Па нашата влада мора да стои настрана од нив, ама не и американската. И, сега, оди па убеди некого од останатите два милиона во оваа држава кои ја немаат таа тезга дека САД не ни ги контролираат судиите и обвинителите и дека тие се независни. Ваков убав автогол ретко се среќава. Браво, момци! Дури и гафовите на Заев ги надминавте.
Сега, всушност, станува појасно зошто никој од третата власт не сака јавно да говори за незгодни теми како прашањето дали странци им се мешаат во работата. Или, на пример, што бара странски амбасадор кај претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделковска. А што зборувале? За некоја „обука“ на судиите или за тоа како да се притвори некој вмровец по барање на театарот наречен СЈО? Или зошто претседателот на Судскиот совет вели дека не било страшно што судии се среќаваат со странски политичари, односно дипломати. Се плашат луѓето дека судството ќе си ја загуби тезгата. На увце ќе ти кажат се што сакаш, и кој судија е на странците, кој на ВМРО, а кој на СДСМ и кој им се мота по ходници и како примаат налози и како се обидуваат да ги местат вмровците по барање на СЈО. Ама јавно? Не! Зашто потоа ќе ги тргнат од листата за обука платена од странската влада за тоа како да бидат независни.
Така доаѓаме и до ситуација како и во новинарството. Македонската влада не смее да дава реклами по медиуми, ама странските влади смеат да истураат милиони. И сето тоа за развој на независноста. На државата.
Од друга страна, по последните настани во САД не е сосема јасно што обука добиваат нашите судии и обвинители. Ако тоа е истата обука како таа што ја имала американската обвинителка Лорета Линч за која Трамп вели дека е поткупена од Kлинтонови и затоа не ја гони Хилари, тогаш Американците ич не требало да трошат пари. За да стане некој наш судија корумпиран, не треба да оди до САД. Ако тоа е за да биде обучен како оној американски судија кој наредил две деца, на 12 и 13-годишна возраст, да пишуваат есеј за убиениот Тамир Рајс (осумгодишно црно дете кое беше убиено од полицаец додека си играло со играчка-пиштол, а убиецот беше ослободен од поротата) затоа што некој ги пријавил дека си играат со играчки што личат на вистински пиштоли, исто така не требало да се трошат пари. Зашто кај нас ќе најдеш забегани судии и обвинители, ама до толку да се мрднати – не. Тоа дури и ние не можеме да го постигнеме. А инаку, целта на американскиот судија била да ги научи децата дека таа игра е опасна зашто некој полицаец може да ги застрела. Е, сега, со оглед на тоа што американски пари биле потрошени и на обука на 1.500 наши безбедњаци, тогаш наредбата на американскиот судија за есејот на двете деца можеби и ние треба да ја сфатиме сериозно. Зашто ако и нашиве безбедњаци се обучени како некои американски полицајци, тогаш подобро фрлете ги сите играчки во вид на оружје што дома децата ги имаат. И исплескајте ги ако плачат по нив. Подобро тоа отколку некој да ги убие.
Патем, кој знае колку вакви обуки имало и во други земји. Ако кај нас се потрошени 55 милиони долари, во земја од два милиона жители, тогаш можете само да замислите што се случува во околината. И колку пари се тоа.
Се разбира, на сето ова не мора да гледаме на ваков начин. Може работата да сврти и поинаку. На пример, додека Американците ги обучуваат нашите, ги запоставиле нивните. Па дојдоа до ситуација како таа во Далас кога некои таму решиле да спроведуваат правда по нивно. Со снајпер. Што е веќе сериозен знак дека поради нас луѓето таму трпат жртва. Зашто со тие пари, можеле да си ги обучуваат нивните. Така што, гледате, се е релативно. Тоа што за некој е поткуп на нашето судство и ставање под странска чизма, за друг може да биде пример за саможртва во полза на нашето посветло и подобро утре. Прашање е само дали воопшто можете да најдете некој што искрено ќе поверува во ова второво. Освен ако за тоа не прими пари од УСАИД завиткани во обланда на некој проект со наслов: Kако да верувате во тоа во што не се верува?
Патем, овие 55 милиони за тезга на третата власт се потрошени во последните 15 години. Значи, пред очите на владите и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Ајде што за ВМРО-ДПМНЕ е познато дека се атерџии. Ете они се согласија и за бришење на некои луѓе од Избирачкиот список, не дека било правилно, туку за атер на СДСМ. Утре задутре ако ве зачеша грбот, јавете се во ВМРО-ДПМНЕ и ќе ви помогнат. Рекле Американците – да им дадеме некоја пара на вашите судии и обвинители и овие се согласиле. Нема збор. Такви се луѓето. Чинат атер. Ама СДСМ? Па зар не се тие за независно од каква било политика судство? Зошто во нивно време тоа го дозволиле и зошто, пак, ако во време на диктатурата на ВМРО-ДПМНЕ се освестиле, не кренале една шарена револуција против странските тезги на нашите судии? И да смислат некој слоган во стилот: „Имаш куќа, врати стан“. Што во овој случај би можело да се трансформира во: „Ако земаш евра, врати ги доларите“.
И едно прашање за крај: Ако досега Американците вложиле толку пари за нашите судии и обвинители, како тоа пак не ни чинат ни едните ни другите? Биле партиски, биле корумпирани и што ли уште не? Kој знае што ќе биде со уште нови 55 милиони. Дури тогаш сме го нае..ле!
 
Дарко Јаневски за ДневникНе знам чија идеја била последното соопштение на американската амбасада во РМ за тоа дека на македонската трета власт во последните 15 години потро

loading...