Македонската католичка лига е организација на македонските бегалци униати од Вардарска и Егејска Македонија основана на 12 јули 1922 година во Софија. Предмет на интерес на оваа Лига бил да го привлече интересот на кателиците од Европа кон каузата за содавање на независна македонска држава во нејзините „географски и економски граници“Главни иницијатори и основачи на Македонската католичка лига биле Јероним Стамов, Трпко Јорганџиев, Димитар Капсаров, Тимотеј Јанев, Иван Чикичев, Неделко Стојчев и Иван Николов, унијатски свештеници кои служеле во Македонија до Првата светска војна. На основачкото собрание присуствувале 40 луѓе од македонската емиграција во Бугарија, меѓу кои имало свештеници, занаетчии, печатачи, чиновници и др.
Во раководството влегуваат Кочо Хаџи Риндов – претседател (заменет во 1923 г. од свештеник д-р Јероним Стамов), Божин Грубешлиев – потпретседател, Јордан Попдимитров – секретар, Никола Бахчеванов – благајник, Атанас Младенов – библиотекар и Никола Георгиев и Георги Дионишев – членови-советници. Во 1924 година раководството на лигата е во состав Јордан Попдимитров – претседател, Васил Киров – потпретседател, Димитар Ичев – секретар, Тенчо Папукчиев – благајник и Атанас Диманин и Никола Георгиев – членови-советници, а во 1925 година: Кирил Кандиларов – претседател, свештеник Иван Чикичев – потпретседател, Петар Христов – секретар, Никола Бахчеванов – благајник, Тенчо Папукчиев – библиотекар и Тодор Поптодоров и Атанас Диманин – членови. На годишното собрание на Лигата на 18 мај 1930 г. е избран нов одбор во состав: Илија Поптанев – претседател, Димитар Костов – потпретседател, Тома Гоцев – секретар, Трајко Пелтеков – благајник и Никола Георгиев, Иван Матов и Васил Андонов – членови. Во наредните години се вршат мали измени во раководството.
Според зацртаните цели на основачите и раководителите на Лигата, која дејствува на духовно религиозна, културно-просфетна, добротворна и национална основа, главен акцент е ставен на политичкото делување за создавање на независна македонска држава со помош на католичкиот свет. Покрај тоа членовите на Лигата имаат задача да ги обединат македонските унијати, да му помагаат на своите сиромашни членови и да ја проучуваат Македонија од историски, географски и економски аспект.
Лигата се приклучува на Сојузот на македонските емигрантски организации и активно се занимава со политичко-општествениот живот на македонските бегалци во Бугарија. Таа редовно испраќа апели до Големите сили за поддршка за македонската кауза. Во 1924 година, Националниот комитет на македонските братства во Бугарија испраќа трочлена делегација на Конгресот на Сојузот на друштвата на Лигата на народите, кој се одржал во Лион, Франција. Во делегацијата бил и Јероним Стамов, кој бил преставник на Лигата од поробена Македонија.
Од конгресот бил испратен повик за сплотување на Македонците. Во документите меѓудругото се вели: „ Силата е во обединувањето. Да живее слободна и независна Македонија.“
Истата година било побарано поддршка од папата Пие ХI, кој ја помага Лигата и праќа 500 000 лева помош на македонските бегалци во Бугарија. Од овие пари Лигата донира 5.000 лева во касата на Националниот комитет на Сојузот на македонските емигрантски организации.
Во 1931 година Македонската лигата учествува во потпишувањето на заедничкиот меморандум до Друштвото на народите. Во меморандумот поддржан од православните и католичките свештеници кои потекнувале од Македонија, се барало враќање на прогонетото свештенство во Македонија, враќање на црквите и манастирите кои биле преземени од српските и грчките власти, враќање на мајчиниот јазик во црквите и училиштата и враќање на верската слобода. Овој меморандум бил потпишан од двајца митрополити, пет епископи, шест архимандрити и 250 свештеници.
Во 1934 година, по Деветнаесетомајскиот преврат во Бугарија и забраната на дејноста на Македонската револуционерна организација, македонските емигрантски организации доживуваат сериозен удар, а Македонската католичка лига сериозно е ослабена. Нејзините членови се надгледувани од полицијата, а поради законски измени, организацијата го менува името во Македонска католичка добротворна лига.
Јероним Стамов кој во текот на 1933 година дејствувал во пловдивското село Куклен и ја отворил унијатската црква „Св. Кирил и Методј“, доаѓа до остар судир со бугарските православни свештеници, бил ставен под посебен надзор и по превратот бил интерниран во Асеновград, а подоцна по наредба на премиерот на бугарската влада Кимон Георгиев бил пренесен во Софија.
Во 1944 година, по Деветосептемврискиот преврат, Јероним Стамов ги обновува активностите на Лигата, која сепак конечно е забранета во почетокот на 1947 година од страна на Владата на отечествениот фронт на Бугарија.
(Извори: Е.З. Католиците во Бугарија (1878 – 1989), Софија, 2002; Е.З. Самотниот воин на Македонија, Македонските католици во Софија работеле за независна Македонија, Дневник, 12.09.2014)Главни иницијатори и основачи на Македонската католичка лига биле Јероним Стамов, Трпко Јорганџиев, Димитар Капсаров, Тимотеј Јанев, Иван Чикичев,