Mercedes овие денови го слави 40. роденден на зачетникот на добро познатата Mercedes E-Class. Претставен во месец јануари, во 1976. година, моделот W123 од самиот старт покажа висок комерцијален потенцијал со оглед на тоа дека целокупната годишна продукција беше распродадена набрзо по лансирањето на пазарот.Поради поголемата побарувачка, сопствениците на автомобилот коишто посакале да го препродадат во првите година дена од почетокот на производството можеа за него да добијат иста сума на пари колку што издвоиле при купување на новото возило, што е вистинска реткост ако исклучиме само некои суперспортски модели.
Mercedes во својата понуда имаше повеќе верзии од моделот W123, а тука се неизбежните купе и караван, како и продолжената лимузина чие меѓуосовинско растојание било поголемо за 63 сантиметри од стандардната верзија.
Класичниот W123 седан бил достапен во девет верзии, почнувајќи од Mercedes 200 D до моделот 280 Е. На располагање била и широка палета од погонски единици, вклучувајќи и шест цилиндерски 2.5-литарски бензински мотор со 127 КС, како и турбо дизел агрегат со 5 цилиндри и 123 КС.
Mercedes уште тогаш експериментираше со алтернативните погонски агрегати, како на пример со верзијата којашто освен бензинот, како гориво, можела да употребува и течен нафтен гас. Развиен е и прототип на електричен погон, а во 1983. година е претставен и модел со водородни горивни ќелии, погонски систем кој што дури денес, после повеќе од три децении, полека влегува во сериските автомобили.
Истражувањето на алтернативните погонски системи не била единствена област којашто била интересна за инженерите на Mercedes во тој период. Германскиот производител го насочил вниманието и на унапредувањето на безбедноста на патниците, па така била конструирана цврста патничка кабина, но и поголеми „зони на туткање“, за подобро да се апсорбирала енергијата на ударот во случај на сообраќајна незгода.
Уште во раните фази од производството на Mercedes W123 се размислувало за воздушни перничиња, коишто станале доплатна опција во 1982. година. Производството на моделот W123 било завршено кон половината на 1980. години, до кога од фабричката лента се симнаа 2.7 милиони единици.