Страсно љубовно писмо напишано од писателот Хенри Милер до неговата љубовница

Славниот американски писател Хенри Милер ја сретнал кубанската писателка Анаис Нин во Париз во 1932 година, денови во кои започнале страсна љубовна врска иако и двајцата веќе биле во брак. Нивната љубов траела долги години и изродила многу страсни љубовни писма од двете страни. Ова е едно од нив, кое Милер ѝ го испратил на својата љубовница кратко по неговата посета во нејзиниот дом во селото Лувесјен, недалеку од Париз.
14 август 1932
Анаис:
Не очекувај веќе да бидам разумен. Не дозволувај ми да бидам разумен. Тоа во Лувесјен беше брак, не можеш да го одречеш тоа. Заминав, а делови од тебе останаа во мене. Се движам и пливам во океан од крв, твојата андалузиска крв, прочистена и отровна. Сè што зборувам и мислам е поврзано со тој брак. Те видов како љубовница во твојот дом, како Маварка со убаво полно лице, како црнка со бело тело, очи по целата твоја кожа, жена, жена, жена. Не знам како да го продолжам животот без тебе, овие прекини се смрт. Како беше кога се врати Хуго? Бев ли сè уште присутен? Не можам да замислам како со него ги правиш истите движења како со мене. Со затворени нозе. Без никаков отпор. Со слатко, предавничко согласување. Со кроткост на птичка. Ти стана жена со мене. Бев речиси преплашен. Ти немаш само триесет години, ти имаш илјада години.
Јас се вратив овде и сè уште пламтам од страст, како вино што испарува. Тоа не е повеќе страст за тело, туку целосна глад за тебе, ненаситна глад. Во весниците читам за убиства и самоубиства и сега целосно го разбирам сето тоа. Се чувствувам убиствено, самоубиствено. Некако чувствувам дека е срамота да не направам ништо, само да чекам погодна прилика, на тоа да гледам филозофски и да бидам разумен. Каде отиде времето кога мажите се бореа, убиваа, умираа за допир и за краток поглед? (свири онаа ужасна арија од „Мадам Батерфлај“ – „Тој ќе дојде еден ден“).
Сè уште можам да те слушнам како пееш во кујната, некакво нехармонично, монотоно кубанско завивање. Знам дека беше среќна во кујната и дека храната што ја зготви е најубавиот оброк што некогаш сме го поделиле. Знам дека се изгоре и дека не се пожали. Јас го чувствувам најголемиот мир и најголемата радост во моментот кога шушкаш со твојот фустан закопчан со илјадници очи како божицата Индра.
Анаис, јас и претходно мислев дека те сакам, ама тоа беше ништо во споредба со оваа сигурност сега. Зарем ова беше толку прекрасно само затоа што беше кратко и забрането? Зарем само глумевме еден за друг, еден спроти друг? Бев ли јас помалку Јас, или повеќе Јас, а ти беше помалку или повеќе Ти? Лудост ли е да мислам дека ова може да продолжи? Кога и каде би започнале безличните мигови? Бескрајно те набљудувам за да ти ги откријам можните мани, слабите точки, лошите страни. Но не можам да ги најдам, никако. Тоа значи дека сум вљубен, слеп, слеп. Нека бидам слеп засекогаш! (Сега ја свират „Рај и океан“ од „Џоконда“).
Те замислувам како ги слушаш плочите одново и одново… плочите на Хуго. „Parlez moi d’amour“. Двоен живот, двоен вкус, двојна радост и мизерија. Тоа мора да остава траги на тебе. Знам јас за тоа, ама не можам да сторам ништо за да го спречам. Навистина посакувам јас да бев тој кој мора да го издржи сето тоа. Знам дека сега очите ти се широко отворени. Никогаш повеќе нема да веруваш во некои работи, никогаш повеќе нема да повториш одредени гестови, некакви тагувања, претчувства за зло, никогаш повеќе нема да искусуваш. Има некој вид на светла жестокост во твојата нежност и суровост. Ниту каење, ниту одмазда, ни тага ни вина. Живеење на животот, со тоа што нема ништо да те спаси од работ на бездната освен голема надеж, верба и радост која си ја вкусила и можеш пак да ја пробаш кога и да посакаш.
Цело утро сум покрај моите белешки, вртејќи по белешките од мојот живот, чудејќи се од каде да почнам и каде да почнам, не гледајќи само една книга пред мене туку цел живот за книги. Но не почнувам. Ѕидовите се целосно голи, симнав сè од нив пред да дојдам да се сретнам со тебе. Затоа што бев спремен да заминам засекогаш. На ѕидот се познаваат точките каде што си ја потпираше главата. Додека грми и треска јас лежам на креветот со моите диви соништа. Во Севилја сме, па потоа во Фез па на Капри па во Хавана. Постојано патуваме, има и машина и книги, а твоето тело постојано е блиску до мене и погледот во твоите очи никако не се менува. Луѓето ни велат дека ќе страдаме, дека ќе се каеме, но ние сме среќни и секогаш се смееме и пееме. Зборуваме на шпански и француски и арапски и турски. Имаме пристап до секое место и секаде патот ни го посипуваат со цвеќиња.
Велам дека ова е луд сон, но ова е сон кој сакам да го остварам. Животот и литературата заедно, љубовта и динамото, ти со твојата камелеонска душа давајќи ми илјадници љубови секогаш цврсти и стабилни без оглед низ каква бура поминуваме и да сме дома каде и да сме. Во утрата, продолжувајќи онаму каде што сме застанале. Воскреснување по воскреснување. Ти се докажуваш себеси и го достигнуваш богатиот разновиден живот кој го посакуваш, а колку повеќе се докажуваш толку повеќе ме сакаш и ти требам. Гласот ти станува позарипнат и подлабок, очите поцрни, крвта погуста, а телото пополно. Похотна понизност и тиранска потреба. Посурова од кога било, свесно и волно сурова. Ненаситната радост на искусувањето.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.