Во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет денеска почна расправата по Предлог буџетот на Република Македонија за 2017 година.Според предлог вкупните приходи се планирани на ниво од 187,6 милијарди денари што е за 7,6 отсто повеќе во однос на 2016 година. Вкупните расходи се на ниво од 206,22 милијарди денари или за 4,5 проценти повеќе во однос на годинава. Буџетскиот дефицит е предвиден да изнесува 3 проценти од БДП, односно 18,6 милијарди денари.
Капиталните инвестиции се планирани на 26,95 милијарди денари.
Буџетот е работен врз основа на проекција за раст на економијата од 3 проценти, а инфлацијата да остане на ниво од 1 отсто.
Предлогот пред членовите го образложи министерот за финансии Кирил Миновски кој рече дека расправата во Собранието почнува во едни специфични политички околности. – Поставувањето на економски цели и насоки за следната година е потребно за непречено одржување на економска стабилност и покрај политичките случувања во земјава, што е и препорака на реномираните меѓународни финансиски институции, рече Миноски.
Тој очекува пратениците да ја прифатат дискусијата за буџетот и на демократски начин да ги изразат своите мислења по него преку демократска дебата.
– Ова го гледам и како еден тест за пратениците и за нивото на демократски развој на земјата. Затоа повикувам пред се одговорно да пристапиме кон овој процес и да развиеме дискусија која ќе има конкретни цели и резултати, а финалната цел секако е носење на политики кои се во прилог на граѓаните и унапредување на нивниот животен стандард, вели тој.
Предлог-буџетот за 2017 година, како што рече министерот во образложението, се базира на три основни постулати а тоа се развој, кој базира на високиот износ на капитални инвестиции, социјална заштита на најранливите категории граѓани и етапно намалување на буџетскито дефицит за да се постигне фискална консолидација на среден рок.
Според него главениот приоритет на буџетот е поддршка на приватниот сектор, бидејќи како што рече е клучен за економскиот развој на земјата и е единствен кој може да креира нова вредност.
– Очекуваме дека растот на економската активност следната година ќе биде придвижен од извозот на стоки и услуги, за кој проектиравме раст од 6 проценти на реална основа, кој се базира на очекувањата за извозна активност на капацитетите во слободните економски зони. Растот на извозот се очекува да биде придружен со понатамошно подобрување на неговата структура преку зголемување на учеството на производи со повисока додадена вредност. Во 2017 година увозот на стоки и услуги е предвидено да забележи раст од 4,7 проценти на реална основа, рече министерот за финансии.
Бруто инвестициите се проектирани да растат за 4,5 проценти, засовано на планираните инвестиции на јавниот сектор и на очекувањата за постепен раст на приватните инвестиции.
Приватната потрошувачка се очекува да забележи раст од 2,1 проценти, градежната дејност да оствари раст од 5,2 проценти, вработеноста да има раст од 1,8 отосто или околу нови 11.000 работни места.
Даночните приходи се планирани во износ од 108,876 милијарди денари и се очекува да имаат раст од 9,47 проценти во однос на 2016 година. Социјалните придонеси се планирани во износ од 51,879 милијарди денари или за 3,46 проценти повеќе од оваа година.
Тековните расходи, како што рече, се планирани во износ од 179,26 милијарди денари и се наменети за редовно финансирање на платите на вработените во јавниот сектор, навремена и редовна исплата на пензиите, социјалните надоместоци и субвенции во земјоделството. – За плати се проекитирани 26,77 милијарди денари, за стоки и услуги 19,6 милијарди денари, за тековни трансфери и субвенции 124,66 милијарди денари, за социјални трансфери 92,72 милијарди денари…, посочи Миноски.
Ппосебно внимание посвети на капиталните инвестиции, бидејќи, како што рече издвојуваме значајна сума, највисока досега, во насока на поддршка на економскиот развој.
Проектирани се на ниво од 26,954 милијарди денари што е за 4,62 милијарди денари повеќе од годинава, или 20,7 проценти раст на капиталните инвестиции.
За патната инфраструктура, како што рече, ќе се инвестираат вкупно 20,16 милијарди денари, 807 милиони за капитални расходи во железничката инфраструктура со кои ќе продолжи реконструкцијата на железничката пруга на Коридорот 10, ренот на последната делница Ногаевци-Градско-Кукуречани и Криволак-Неготино. Предвидени се средства и за проектот за железничката пруга кон Бугарија, како и набавка на нови влечни средства во износ од 50 милиони евра.
За енергетиката и комуналната инфраструктура се проектирани 3,48 милијарди денари, за уредување на ТИРЗ 246 милиони денари, за здравствениот систем 1,12 милијарди денари фокусирани на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“и Клиничката болница во Штип. Во образованието, детската заштита и спортот предвидени се 3,25 милијарди денари, за земјоделскито сектор предивден е зголемен обем на капитални инвестиции во износ од 2,22 милијарди денари. Преку програмата за финансиска поддршка на руралниот развој се предвидени 1,85 милијарди денари.
Посочувајќи на реализација на Буџетот за оваа година рече дека од јануари од август реализирани се вкупни приходи во износ од 110,62 милијарди денари, што е за 6,5 милијарди денари или за 6,2 проценти повеќе во однос на истиот период лани. Собрани се даночни приходи во износ од 66,4 милијарди денари, кои се повисоки за 5,13 милијарди денари или за 8,4 проценти во однос на тој период 2015 година.
Приходите од социјални придонеси се во износ од 32,5 милијарди денари што е за 1,6 милијарди или 5,2 проценти повеќе во однос на соодветниот период во 2015 година.
Расходите, како што рече, од јануари до август годинава изнесуваат 120,44 милијарди денари што е за 3,5 милијарди или 3 проценти повисоко во однос на минатата година. Буџетскиот дефицит остварен од јануари до август 2016 изнесува 9,8 милијарди денари, што е за 2,98 милијарди денари или 23,3 проценти помалку од соодветниот дефицит во 2015 година.
Државниот долг на 30 јуни 2016 година, како што рече, изнесува 36,9 проценти од БДП, додека јавниот долг во тој период изнесува 45,3 проценти од БДП.
Расправата по Предлог – буџетот за 2017 година во Комисијата според Деловникот треба да заврши за 10 дена.Според предлог вкупните приходи се планирани на ниво од 187,6 милијарди денари што е за 7,6 отсто повеќе во однос на 2016 година. Вкупните расходи