„Одвај чекам да заврне дожд. Тогаш на улицата Рузвелтова мириса на старо Скопје. Kога ќе дувне ветерче, силно го чувствувам мирисот на листовите од домашни домати, опива босилекот, ми ги скокотка спомените мирисот на нане и шимшир“, вели една сосетка на Димитар Самарџиев, од Скопје, ентузијаст и еден од стотиците млади револуционери кои полека ја создаваат органската храна во заборавените скопски бавчи, наследени од деда си.
Во последните години, стотици, ако не и илјадници млади образовани, самосвесни луѓе решија да променат нешто во себе, да ги заменат утринските танцувања по дискотеките, со танцување во своите органски бавчи. Многумина од нив саксиите на терасите ги претворија во гнездо за разни зеленчуци, некои од нив се вратија во дворовите на своите баби и дедовци и по нивните стапки одгледуваат зеленчуци и овошки на стар традиционален начин, без прскања и токсични адитиви и ѓубрива. С` е органско.
Здравиот мирис на оваа органска револуција успева да ги заведе и најтврдокорните компјутерџии, правници, лекари….
Ова движење е толку силно, што на социјалните мрежи веќе има неколку сериозни странци каде што овие „органски“ луѓе разменуваат стари семиња за домати или за пиперки, зачувани од некоја баба по селата.
Не сакаат и одбиваат ГМО-храна. Во размената на семињата се многу сериозни и одговорни, точно бележат од која сорта е и од каде потекнува.
Органското одгледување е начин на одгледување храна која подразбира минимално или никаква употреба на вештачки ѓубрива и други адитиви. Ова производство моментно зазема два отсто од пазарот на храна во Европската Унија и исто толкав процент фармери се одлучиле да произведуваат храна на органски начин.
Движењето за органско производство почнало во средината на 20 век, кога неговите почетници забележале дека градинарството и производството на храна тргнало во погрешна насока. Почнале со мали чекори, па своите заборавени бавчи многу бргу ги претвориле во оази за здрава храна. Денес органските методи ги применуваат во светот, од мали домаќинства до големи фарми. Во последно време органските методи се применуваат дури во јавните паркови, на спортските терени, дури и дел од политичките насоки с` повеќе се приспособуваат на органското.
Урбана бавча по теркот на дедо
Самарџиев, кој сега работи како менаџер во бањата „Негорци“ во Гевгелија, вели дека помалку е опасно да јаде зеленчук и овошје одгледано во двор или на тераса на улица во близина на центарот на Скопје отколку земјоделски производи прскани десетици пати пред да созреат.
– Пред три-четири години неуко зачекорив во бавчата на дедо ми за да учам и да експериментирам на мал простор според начелата на пермакултурниот дизајн. Таму веќе имаше кајсија, вишна, праска, лозници, јаболкница, лешник, јапонски јаболка и разновидни цвеќиња под овошните дрвја. Сето тоа на готово на улицата Франклин Рузвелт среде Скопје! Баба ми ми раскажуваше дека тука бил работ на градот, а понатаму биле само ниви. Ми се чини дека деновиве луѓето си ги протегаат екстремитетите многу подалеку од рабовите на чергичето. За малку ќе се откажев од помислата во градината да садам, вадам и да јадам, оти ми се чинеше премногу сложен и тежок потфат. Се обидувам да применувам некои аспекти од пермакултурниот дизајн додека одгледувам растенија на мал простор среде град за лична прехрана. Се радувам што спиралата со зачински билки, компостот, кулата за калифорниски црви и други елементи од градината ги правев заедно со пријателите, кои исто така го изучуваат пермакултурниот дизајн и негуваат градини, објаснува Самарџиев, кого го затекнавме во неговата бавча.
Тој додава дека целта му е наскоро да се обиде од експерименти во бавчата да се префрли на поголем простор некаде надвор од градот, можеби во Гевгелиско, каде што има многу плодна и здрава земја.
– Познавам неколку семејства, кои се преселија пред години и веќе живеат така, па би се обидел и јас. Има многу причини да одгледувам зеленчук, овошје и зачински билки. Првата е храната. Просто, водата и храната се предусловите за преживување. Што може човек да направи за да преживее? Може да се обиде да си најде извор со пивка вода и во близина да си одгледува јадливи растенија. Последнава можност пред десетина години ми прозвуче примамливо, додава Самарџиев кој е дел од здружението „Зелената арка“ во кое со уште дузина млади создаваат бавчи и се обидуваат да одгледуваат здрава храна.
Мали чекори за големи бавчи
И охриѓанката Ена Видак има своја оаза која смета дека да се има и да се посвети време во органска бавча е начин на живот, всушност животна филозофија. Покрај независноста и слободата што ја чувствуваат како семејство поради производство на здрава храна, на овој начин го надополнуваат и домашниот буџет со вишокот род што го продаваат.
– Тоа е работа на избор. Иако имам уште многу да учам, бидејќи претходно немав никакво искуство со градинарството, одлуката беше вистински предизвик за мене. Органската бавча со мојот сопруг, ја имаме само две години, но значително напредував благодарејќи на достапноста на информациите на интернет од областа на пермакултурата, како и совети од некои мои пријатели, кои ги паметат и ги спроведуваат старинските начини за одгледување зеленчук и овошје. Сите тие тајни ги чувам запишани во дневник. Сето тоа исто така бара многу време, многу читање и многу знаења преточени во практиката, што е и единствен начин на стекнување сопствено искуство, вели Видак.
Таа додава дека кога секој десетти човек на планетава би се занимавал со органско градинарство, сигурно ќе нема глад на нашата планета, а ни болести.
„Мојата исхрана во најголем процент се состои од зеленчук, како и овошје, а во комбинација со босоного одење, практикување соларна јога и времето поминато во бавча во директен контакт со природата, каде што неизоставен дел се и животните, како и инсектите, во целост се заокружува мојата потреба за една здрава и природна енергија. На секого му е неопходна, првенствено за добро здравје, здрав ум, дух и тело, ослободување од стресот, прочистување од електронскиот смог, како и загадената средина. Освен тоа, преплавени сме со индустриски третирана храна, како и разни земјоделски производи кои се третираат со опасни по здравјето и природата хемикалии. И која би била смислата да се јаде повеќе овошје и зеленчук, ако истото е загадено со пестициди. Затоа решив да произведувам своја храна, која ќе биде третирана исклучиво со 100 отсто природни препарати. Така се случи мојата бавча, распослана на околу 300 квадратни метри, во близина на Охрид, со над 30 вида зеленчуци и по некоја овошка, како што се далеку познатите охридски црешни, 100 отсто органски“, додава Видак.
дневник.мкВо последните години, стотици, ако не и илјадници млади образовани, самосвесни луѓе решија да променат нешто во себе, да ги заменат утринските танц