MOL доби одобрение од OFAC да ги продолжи преговорите за купување на NIS до 16 јуни

Унгарската компанија MOL доби официјална лиценца од Канцеларијата за контрола на странски средства при Министерството за финансии на САД (OFAC) да ги продолжи преговорите за купување на рускиот мнозински удел во Нафтената индустрија на Србија а.д. (NIS) до 16 јуни, објави MOL на Будимпештанската берза.

Како што наведува MOL, по продолжувањето на лиценцата одобрено на 22 мај, преговорите значително напреднаа, а сегашното дополнително продолжување на лиценцата овозможува финализирање на документацијата за трансакцијата.

Врз основа на претходно издадената лиценца од OFAC, на MOL му беше одобрено да преговара за купување на NIS до денес, односно 6 јуни.

На 3 јуни, унгарската компанија MOL побара од OFAC дополнителни 30 дена за да ги заврши преговорите за купување на рускиот удел во NIS.

Компанијата НИС претходно доби посебна лиценца од Министерството за финансии на САД, која ѝ овозможува на компанијата да продолжи со оперативните активности, односно преработката на нафта, што завршува на 16 јуни.

Оваа лиценца овозможува одржување на операции, договори и други спогодби што вклучуваат NIS или неговите оперативни подружници, вклучувајќи рафинериска преработка, увоз на сурова нафта, извршување трансакции потребни за безбедност на снабдувањето и техничко одржување, како и финансиски порамнувања.

На 19 јануари, MOL Group објави дека ги потпишала главните одредби од обврзувачкиот рамковен договор со компанијата „Газпромнефт“ за купување на 56,15 проценти од акциите во српската компанија.

Групацијата МОЛ, како што беше наведено тогаш, е во преговори и со националната нафтена компанија на Обединетите Арапски Емирати – АДНОК за нејзино влегување во сопственичката структура на НИС како малцински акционер.

САД воведоа санкции врз НИС на 9 октомври 2025 година поради нејзиното мнозинско сопствеништво од страна на Русија.
The post MOL доби одобрение од OFAC да ги продолжи преговорите за купување на NIS до 16 јуни appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: