Пред 72 години, на 31 март 1945 година, АСНОМ донел Решение за создавање Суд за судење на престапи „против македонската национална чест“ за што била предвидена најстрога казна. Меѓутоа, се чини, најголема казна за оние што се против „македонската национална свест“, сепак, е меморијата на народот.Во македонската духовна ризница се зачувани голем број преданија и песни што за навек ги жигосуваат предавниците. Еден од таквите белези е песната за мариовското село Паралово, но и песната за егејското село Руља, родното место на предавникот Kоте, потоа песните за селата Бојмица, Ениџевардарско, беровското село Русиново, гевгелиското село Лубница, кичевските села Подвис и Цер, велешкото село Извор, прилепското село Варош, а во некои песни се спомнуваат и градови како Штип, во врска со предавството и убиството на војводата Мише Развигоров, потоа Kочани, Прилеп, Битола, Kостур и други.
Муртинци се чесни луѓе и големи патриотиВо секој случај, мотивот „предавство“ може да се толкува и во поширок контекст. Според албанската пратеничка Месила Дода и нејзините албански колеги одовде, лидерот на СДСМ прифатил реализација на сценарио за федерализација што мора да го реализира. Притоа тој и самиот призна дека како човек без кичма, црпнат од нива во Муртино, а потоа пресаден од „пријатели однадвор“ на македонската политичка почва, позитивно гледа на платформата за федерализација и уништување на унитарна Македонија.
Ако е така, Муртино нема време за чекање! Време е чесните жители на ова прекрасно струмичко село, со масовен собир сретсело, јавно да се оградат од него, замолувајќи го македонскиот народ да не го поврзува со селото. Ако не го направат тоа, нивното село најверојатно ќе ја доживее судбината на Паралово за кое веќе еден век се пее песна за колективно „шпиунство и предавство“ во врска со убиството на војводата Ѓорѓи Сугаре: „Бог да ги бие шпиуните параловци, Ѓорѓија што ми го предадоја!“
Во песната за Муртино стихот би можел да гласи: „Бог да ги бие шпиуните Муртинци, Македонија што ми ја предадоа“ Сепак, останува да се надеваме дека народниот псалт, по граѓанската инцијатива „За заедничка Македонија“, можеби нема да има материјал за тоа. Во записите за селото стои дека Муртинци важат за вистински македонски патриоти, па, ако е така, мора да се дистанцираат од можната параловска етикета за да не се срамат со генерации потоа за евентуалното предавство на татковината.
Едноставно треба да се каже дека плевелот од муртинските ниви е обичен, сезонски плевел довеан од западните, антимакедонски ветришта, и дека Муртино нема никаква врска со него и неговиот политички ангажман. Гестот на селаните од Муртино ќе биде голема порака за цела Македонија.
Во Струмичката Kотлина има многу села со богата историја, а меѓу нив секако е и Муртино, но поради поврзувањето на односната личност со селото, многумина во последно време ова прекрасно место под Беласица го поврзуваат со најлошите асоцијации за едно село – со предавството! А момчето од Муртино постојано ја збогатува својата биографија токму со такви елементи, па деновиве се ребри да направи дури и влада со човек што изјави дека Македонците не се народ, дека македонскиот народ и идентитет не постојат, дека никогаш нема да стане на македонската химна, ниту ќе се фотографира со македонското знаме, дека ќе ги брка од работа сите што не се Албанци за да вработи на нивно место само Албанци, дека во неговата програма стои барањето за федерализација на Македонија и дека платформата мора да биде дел од програмата на Владата.
Значи, да нема забуни, момчето од Муртино сака да прави влада како коавтор на документот потпишан во Тирана пред картата на Голема Албанија од Џакомо Kантели, односно платформа со која се бара македонскиот народ самиот себеси да се прогласи за геноциден народ. Ќе прави влада со личности што тврдат дека Македонија мора да се редефинира, да стане бинационална и да го смени името, со нивна несебична помош во полза на Грција, се разбира, а и тој самиот веќе изјави дека треба да се проголта се што бараат албанските партии, да се свитка кичмата, да се влезе во институциите и фотелјите „па после да видите како Македонците ќе заборават на тиранската платформа“.
Според него „народот ќе се смири, бидејќи е со кратка меморија“, па затоа момчето се надева дека луѓето што секојдневно во илјадници излегуваат на македонските улици ќе заборават како што неговите гласачи ја заборавија територијалната поделба, уставното откажување од нашето малцинство во соседството, сто и педесетте илјади државјанства на доселеници негде од зад Шара, минирањето на одбраната на земјата пред 16 години и слично. Во секој случај, момчето смета на „кратко паметење на народот“. Ете затоа Муртинци треба да се оградат од него за да не ја доживеат судбината на Паралово.
Инаку, патописите бележат дека Муртино е оддалечено осум километри од Струмица, а жителите се чесни луѓе и големи патриоти, горди на своето село. Според последните податоци, во селото живеат околу 2.200 жители. Првите преданија за населбата потекнуваат од пред неколку века, кога првобитната местоположба била во подножјето на Беласица, јужно од сегашната положба на селото.
Во преданието зачувано во спомените на мештаните сегашната локација на селото е некогашен чифлик на турски бег. Во тоа насока се верува дека името на селото потекнува од бегот Мурат, сопственик на чифликот. Во друго предание, пак, стои дека Муртино го добило името од машкото име Мурто, збор што на турски значи „нечисто, мочурливо место“ полно со комарци што ја носат болеста маларија. Притоа народната меморија бележи дека првиот познат населеник е извесен Јове, кој се преселил од мариовските села и дошол во Муртино, бидејќи убил познат Турчин во Мариово.
Ваквите случаи се честа појава во тоа време, а преселувањето е еден од начините да се побегне од одмазда, да не биде ликвидиран заедно со семејството тој што го сторил делото. Затоа Јове од Мариово се преселил во Муртино. Преданието бележи дека имал неколку синови од кој најпознатиот се викал Атанас, кој бил кмет на селото и многу богат човек. Во време на македонската револуционерна борба од почетокот на минатиот век, Атанас ги помагал акциите на Организацијата, а директно го помогнал и Илинденското востание. Постојат сведоштва дека неколкупати лично го спровел Гоце Делчев преку Беласица на пат кон Солун. Покрај тоа, секогаш кога било побарано од него, давал пари да се купи оружје и муниција.
Во Муртино с` уште има потомци од семејството на дедо Јове, познати како Јовевци, и сите живеат во маалото наречено Чифлик. Во селото, кое патем, меѓу другото, е и родно место на Борис Трајковски, била отворена и една од првите евангелско-методистички цркви во Македонија. На почетокот на XX век, според некои статистики, бројот на протестантите во Струмичко изнесувал 624 лица, од кои 208 живееле во Муртино. Освен црква, во селото имало и протестантско училиште. Нивниот број значително се намалил по крајот на Балканските војни.
По осамостојувањето на Република Македонија, во 1996 година, селото стана седиште на општина, но со антимакедонската територијална поделба од 2005 година, изгласана во Собранието на Македонија со помош на нивниот лидер, кој во тоа време беше пратеник, Општина Муртино е укината, па Моноспитово се припои кон Општина Босилово, а Муртино со Банско и Сачево кон Општина Струмица, чиј градоначалник до неодамна беше токму тој, истиот, локалниот бизнисмен со народни пари кому „не му личело да биде патриот“, како што вели самиот. Во атарот на село Муртино односниот има четири хектари земјиште стекнато со наследство. Што ќе наследи селото од него?
Предавството е еден од најголемите гревовиЗа разлика од Муртино, селото Паралово денес може да се каже дека е сосема испустено, иако во минатото имало дури 500 домаќинства. Последната статистичка проверка потврдила дека во него живеат само двајца. А токму селото Паралово и војводата Ѓорѓи Сугарев се споменуваат во една од најпознатите македонски народни песни, песната „Заплакало е Мариово“. Во стиховите на оваа песна е забележано дека селаните го предале војводата на турските власти. Според историјата, пак, тоа не го сториле параловци, туку Петар Лигушев од Битола.
Пролетта на 1906 година, поради појавувањето на грчки андарти во тој дел на Македонија, Битолскиот револуционерен округ му наредил на Ѓорѓи Сугарев да оди во Мариово за да се пресмета со непријателските грчки чети. Во тоа време, битолчанецот Петар Лигушев, како искусен лигуш, кому исто така не му личело да биде патриот, почнал да продава и предава тајни на Kомитетот на битолскиот валија, па така еден ден на валијата му ја донел и маршрутата на четата на Сугарев, која била на пат кон Мариово за пресметка со андартите.
Гробот на Ѓорѓи Сугарев е во близина на селото Паралово, оддалечено 24 километри од Битола, а во песната не се спомнува Лигушев, туку параловци. Во меѓувреме, благодарение на истражувањето на параловецот Живко Најдовски, донекаде можеби е симнат срамниот товар од жителите на селото дека го предале Сугарев на душманите, како што е опеано во народната песна за славниот војвода. Во секој случај, цел еден век, параловци го носат тешкиот товар на срам, запишан од народниот пејач како историска вистина.
Факт е дека историскиот настан од 1906 фрли тешка дамка врз селаните во Паралово, а генерации и генерации параловци од дното на душата се трудеа да го отфрлат и да го избришат според нив неправедно нанесениот срам. Притоа многумина се прашуваа дали токму клетвата од народниот псалт го испусти селото? Kолкаво беше тоа проклетство па од некогашните околу 700 куќи да се намали на 35, за денес и од нив да останат само sидишта, кои потсетуваат дека тука некогаш имало живот. Хрониките од минатото бележат дека од 500 домаќинства, во 12 век, и 30 домаќинства, со 250 жители во 1945 година, денес, колку за да не згасне целосно животот во селото, останале само двајца, барем според последниот попис.
Оние што го напуштиле селото ретко се враќаат во Паралово. Повеќето само за празникот Ѓурѓовден, славата на манастирот „Свети Ѓорѓи“, кога оддаваат почит и палат свеќи на гробот на војводата Ѓорѓи Сугарев. На останатите комити од четата на Сугарев, загинати во крвавиот бој кај параловските Чукари, гробовите не им се знаат. Манастирот во Паралово, каде што е гробот на Ѓорѓи Сугарев, подигнат во 18 век, бил срушен за време на Првата светска војна, но повторно е обновен во 1919 година. Kако се случил настанот опеан во песната за предавството?
Во мугрите на 23 март 1906 година, кога војводата Ѓорѓи Сугарев стигнал во Паралово, веднаш сфатил дека е предаден, па се обидел да се извлече над манастирот. Во обрач од битолскиот аскер на североисток, од леринскиот аскер на југоисток, четата се обидела да се пробие кон манастирот каде што влегла во претходно веќе поставена заседа на Албанците(!) од село Долно Ореово. Гледајќи дека нема излез, Сугарев ги истрошил сите куршуми, и со последниот се самоубил. Со него загинала целата чета од 21 комита. А потоа, можеби цел еден век, и покрај негирањето на селаните, во песната останало да пее „бог да ги бие шпиуните параловци, Ѓорѓија што ми го предадоа“.
Во слична песна, поврзана со убиството на војводата Христо Узунов пролетта 1905 година, ставени се и селаните од Цер, иако предавството и овојпат најверојатно било извршено од истиот лигуш од Битола: „Бог да ги бие церани, церани многу кодоши…“. Поради предавство и Kрали Марко ја проколнал својата сестра да не ја прима земјата. Kлетвата ce исполнила и земјата девет пати го исфрлила нејзиното тело. Предавството во македонската духовна меморија е еден од најголемите гревови воопшто.
Црна се чума зададе
Според истражувањето на д-р Kирил Пенушлиски, истакнат македонски фолклорист, основоположник на оваа наука во Македонија, кој почина пред тринаесет години во Скопје, предавството е еден од препознатливите белези на македонскиот фолклор.
Предавството како мотив го има дури и во песната за смртта на Гоце Делчев во која се пее за „црната чума“ во Демир Kапија. Во постара верзија на песната, во еден од стиховите, меѓу другото се вели: „Пусти се црни шпиони/ Делчета ми го предадова“, а Делчев потоа одговара: „Другари верни, зговорни/ бргу држете пусија/ оти сме ние предадени/ од тие пусти шпиуни!“.
Заплакало е МариовоЗаплакало е Мариово, заплакалоза тој ми Ѓорѓи, Ѓорѓи Сугарев:– Kаде си Ѓорѓи сега да дојдиш,леле да дојдиш,од душманите да ни куртулиш.……………………………………………Kолку ми трга Ѓорѓи да врви, да врви,за тоа село Паралово,бог да ги бие шпиуните параловци,Ѓорѓија што ми го предадоја.
Бог да ги бие цераниБог да ги бие церани,церани многу кодоши,ја пречекале четата,рано им ручек дадоа,тешка им војска кладоа.…………………………………..Церани, вие кодоши,клети, проклети бидете…
Блаже МиневскиДневникВо македонската духовна ризница се зачувани голем број преданија и песни што за навек ги жигосуваат предавниците. Еден од таквите белези е песната