Mарула, спанаќ и јагоди со тешки метали се продавале на македонскиот пазар

Марула со кадмиум, спанаќ со кадмиум и олово, замрзнати јагоди со олово, пронашла Агенцијата за храна во минатите две години. Зеленчукот е од Македонија, а јагодите биле увезени од Србија.
Пронајдено е олово кај седум мостри кај производот зеолит, што се користи како додаток во исхраната. Станува збор за еден увезен и шест домашни примероци.
Во 2017, пронајдени се повеќе небезбедни производи.
– Програмата за мониторинг на безбедност на храната за 2017 годинa e успешно реализирана со земање на 857 мостри храна кои се лабораториски испитани. Добиени се 34 резултати со небезбедни лабораториски наоди, од кои 3 небезбедни наоди за резидуи од пестициди во храната (зеленчук и овошје), 24 небезбедни наоди на нитрати, 1 небезбеден наод за тешки метали и 6 небезбедни наоди на материјали кои што доаѓаат во контакт со храна, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Лани земени се 954 мостри од храна. За утврдување на присуството на тешки метали, тестирани биле 66 мостри, од кои четири биле позитивни.

Во анализата на Институтот за јавно здравје за 2017, пак, на над 4.500 примероци пронајдени се 19 производи со тешки метали над дозволените граници.
-Недозволено високи концентрации на тешки метали се измерени кај 19 мостри, седум од увозни производи (0,2 отсто) и тоа од групата жито, брашно, а од домашно производство и промет биле детектирани тешки метали кај 12 (1,17 отсто) мостри, пишува во извештајот.


Тешките метали имаат релативно висока густина и се отровни при ниски концентрации. Во групата на тешки метали се кадмиум, жива, арсен, хром, талиум, никел и олово.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.