НА ОСИГУРУВАЊЕТО НЕ ТРЕБА ДА СЕ ГЛЕДА КАКО ТРОШОК, ТУКУ КАКО НА ВЛОЖУВАЊЕ

“Според нашите анализи, покрај осигурувањето на автомобили, денес голем потенцијал на македонскиот пазар лежи во осигурување на имот, особено осигурување на домаќинства.”Евроинс осигурување е осигурителна компанија присутна на македонскиот пазар од 2008 година. Какви беа плановите и очекувањата тогаш, кога влеговте, а какви се денес?
Во 2008 година компанијата Евроинс Иншуранс Груп – EIG, Софија (членка на Холдинг групацијата Еврохолд Бугарија), преку купување на мнозинскиот пакет на акции, стана мнозински акционер во Макошпед Осигурување со над 90% во основниот капитал на друштвото. Влегувањето во сопствеништво на меѓународно етаблирана компанија, донесе поместување на стандардите на работа, а со тоа и зголемување на поставената цел како и компаниската амбиција. Евроинс, се појави кога на пазарот веќе беше започнат процесот на комплетно отворање. Таквата ситуација за нас беше поволна, затоа што веќе функционираа принципите на слободен пазар, а се уште имаше доволно простор за секој нов субјект. Кога влезе Евроинс, компанијата имаше полисирана премија од 275 милиони денари и околу 50 вработени. После офанзивниот настап, компанијата стартуваше со квалитетна понуда за сите продукти во својата сфера на работење. Денес Евроинс е модерна и динамична осигурителна компанија со полисирана премија над 500 милиони денари и со над 150 вработени во сите градови во Македонија, а тоа е млад и стручен кадар, ентузијасти и мотивирани вработени. Преку прилагодувањето на нашите веќе постоечки програми на осигурување, им овозможуваме на нашите клиенти користење на дополнителни вредности од осигурителните производи. На македонскиот пазар постои голема и силна конкуренција од меѓународни компании, но и покрај тоа, нашиот долгорочен бизнис план е освојување на минимум 10% од пазарниот удел.
 
И покрај зголемената конкуренција на пазарот во земјава, не заживеаја голем број услуги. Доминираат задолжителните видови осигурување, пред се автомобилското, а многу малку се користи осигурување на домови, домаќинства. Каде Евроинс осигурување го насочува фокусот?
Една од особеностите на македонскиот пазар е што е млад пазар. Тоа значи дека, ние, првите странски компании имавме функција и на едукатори на јавноста за потребата од осигурување. До некој степен и денес постои истата потреба од менување на јавната перцепција и свеста за сигурноста на секојдневието и домот и за бенефициите од осигурувањето. Но, значителен напредок е постигнат и можам да кажам дека со понудите и осигурителните продукти што ги создадовме го моделиравме пазарот. Според нашите анализи, покрај осигурувањето на автомобили, денес голем потенцијал на македонскиот пазар лежи во осигурување на имот. Тука посебно мислам на осигурување на домаќинства. Искуството кое што го имаме од странство, како и лидерската позиција во Бугарија и Романија, ни помагаат во развојот на овие продукти. За сите видови на осигурувања кои ги нудиме во нашето портфолио имаме развиени одржливи бизнис планови.
 
Каков е потенцијалот на македонскиот осигурителен пазар, кои се ризиците за бизнисот, и во овој контектс, во кој правец оди и ќе се развива Вашето портфолио?
Пазарот е мал, односно голем онолку колку вие самите сакате да работите и да вложувате во развојот на компанијата. Презаситеност нема, има голем број навистина моќни играчи на пазарот, но и ние сме еден од нив. Сакам да кажам дека, границите си ги поставувате самите со развивање на нови продукти, понуди и слично. Клиентите, поточно граѓаните секогаш сакаат нешто ново, нови можности и опции, а нивните потреби секојдневно се менуваат како што времињата и начинот на живот се менува. Ако зборуваме за пречки – да, тие постојат. Намалениот степен на имотното осигурување во последните десет години е резултат на практиката на големите странски инвеститори да склучуваат договори директно со своите осигурителни друштва од земјите од каде што доаѓаат. Секако, законот пропишува дека мора да се осигураат кај осигурителни друштва регистрирани во Македонија и доколку нема претставништво на осигурителното друштво кај нас, тие избираат од постоечките. Сепак, во имотното осигурување, како кај правните, така и кај физичките лица, лежи големиот потенцијал на македонскиот пазар.  Во ова ризично време за делување сите оправдано стравуваат од загуби во тековното работење, така што стопанствениците не можат да добијат подобра гаранција за своите вложувања од нашата полиса за осигурување на имот. Наша цел е да се создаде едно балансирано портфолио. Во наредните години ќе вложуваме повеќе енергијапретежно во имотните  типови на осигурувања. Во секој случај, на македонскиот пазар на осигурување му претстои силен развој и раст во сите сегменти, а Евроинс осигурување се наметна како важен играч во тој развој.
 
Што ќе направите за да го доближите осигурувањето како услуга до граѓаните и фирмите, меѓу кои поголем дел се во заблуда за неопходноста од осигурување на имотот и домот?
Како што напоменав, уште при самото појавување како осигурителен субјект, а и денес, имаме улога и на едукатори кои ја менуваат свеста за потребата од осигурување. На повеќе начини и преку разни комуникациски средства, се обидуваме на граѓаните да им укажеме на предностите од осигурувањето. Во исто време, нашата стратегија е да се приближиме до купувачот во неговото непосредно опкружување, да се приближиме на неговите потреби и да му предложиме осигурителни понуди кои одговараат на неговите потреби. Затоа имаме најразвиена продажна мрежа во Македонија со преку 40 филијали низ целата земја. Се обидуваме на граѓаните да им објасниме дека  во денешно време на осигурувањето не може да се гледа како трошок, туку тоа претставува вложување. Вложување што заштедува. Меѓутоа, секако дека водиме сметка и за можностите на нашите клиенти со тоа што на пазарот нудиме пакети на осигурување кои се поевтини отколку што би бил самиот збир на истите осигурителни полиси.  
 
Пазарот на осигурителни услуги во Македонија заживеа пред неколку години кога се отворија повеќе друштва и се зголеми конкуренцијата. Како Вие ги гледате и оценувате состојбите?
Нашите размислувања и анализи се во правец дека без оглед на моменталната состојба на пазарот со осигурувања, како и самиот факт дека на пазарот постојат доволно силни меѓународни играчи, постои доволно простор за раст на пазарот на осигурување во иднината. Пенетрацијата на пазарот е много ниска во споредба со развиените европски земи.  Со растот на стопанството и овој вид на финансиско работење неминовно ќе расте. Останува на нас низ чесен пазарен натпревар да влеземе во расподелбата на пазарот и тоа колку што е можно повеќе, што во најголема мера зависи и од нашите способности.
 
Која е предноста на Евроинс осигурување пред другите осигурителни компании во земјава?
Имаме поддршка од меѓународна компанија што има веке етаблиран бизнес во повеќето земји – Бугарија, Романија, Грција, Чешка, Словачка, Украина, а големото портфолио на клиенти, исто така ни оди во прилог. Секојдневно создаваме производи соодветни на нашите сограѓани, кои што се издвојуваат по својот квалитет, одржуваме комуникација со постојните и потенцијалните клиенти. сето тоа го правиме врз основа на издржани и релевантни истражувања.  Во согласност со постојаните анализи, нашите сознанија се дека македонските осигурувачи засега не добиваат соодветен третман во однос на одредени делови од овие услуги. Посебно овде мислам за делот на исплати на штети. Евроинс Осигурување единствено во Македонија има исплата на мали штети до 10 000 денари за еден ден. Евроинс се гордее со овој дел од својот осигурителен бизнис. Секој има можност да продаде осигурување, но во случај кога доаѓа штетен случај осигурителот мора да реагира брзо и стручно и да понуди на својот осигуреник адекватна исплата на штетата. Тоа е најголемата предност на Евроинс осигурување и тоа е нешто што го нудиме на македонскиот пазар. Осигурениците нè перципираат како друштво на кое што му веруваат.
 
Дали осигурителниот сектор потпадна под влијанието на глобалната криза?
Осигурителниот сектор не остана имун на глобалната финансиска криза. Причини за тоа секако има повеќе. Пример, ако се откажуваат капитални проекти, тогаш е сосема сигурно дека тие проекти никој нема да ги осигура, што е автоматски директен удар за осигурителните компании. Во моменти на криза луѓето повеќе се грижат за своите егзистенцијални трошоци, во кои не спаѓа осигурување. Но, тоа е погрешно, затоа што токму во тие моменти осигурувањето е и тоа како потребно и е најголем фактор на сигурност, било да се работи за семејството, домот, имотот. Сепак, гледано на финансиска индустрија во глобала, осигурувањето стои поприлично добро.
 
Фото: Нова МакедонијаЕвроинс осигурување е осигурителна компанија присутна на македонскиот пазар од 2008 година. Какви беа плановите и очекувањата тогаш, кога в

Пронајдете не на следниве мрежи: