Најдобрите гафови на Ѓорге Иванов

Што да прават сеирџиите, како да се воздржат, кога Иванов им дава толку многу поводи да се шегуваат на негова сметка? Не е само последниов случај со средбата со грчкиот претседател Каролос Папуљас, за која сега не знаеме дали воопшто се случила или не. Има премногу, недозволиво многу поводи.
Во комплетно исполитизирано и поделено општество како нашето, воопшто не треба да нѐ изненадува тоа што многу луѓе со неверојатна леснотија си го исмеваат својот претседател. Тоа го има и во политички релаксираните општества, никаде политичарите не треба да бидат лишени од критика, без разлика дали таа е сериозна или хумористична. И хуморот често носи сериозна поента дека нешто не е како што треба да биде. Разликата е само во тоа што многумина овде одвај го чекаат следниот гаф на претседателот Ѓорге Иванов, неговата следна непромислена или несреќно дадена изјава. Но што да прават сеирџиите, како да се воздржат, кога Иванов им дава толку многу поводи да се шегуваат на негова сметка? Не е само последниов случај со средбата со грчкиот претседател Каролос Папуљас, за која сега не знаеме дали воопшто се случила или не. Има премногу, недозволиво многу поводи. Сосема доволно за да се создаде впечаток дека претседателот прави само гафови и ништо друго.
Првиот можеше лесно да се прости. Неискусниот политичар како тазе инаугуриран претседател, коментирајќи го тешкиот и сложен спор со Грција за името, рече дека „разумен компромис е разумен компромис“. Едноставно, Иванов тогаш невешто се снајде во напливот новинарски прашања, па можеби од преголемата внимателност каков прв впечаток ќе остави кај јавноста (особено за најгорливата тема со која се соочува државата), згреши. Се сопна, стана и продолжи.
Дојде на ред првпат да помилува затвореници по повод најголемиот државен празник 2 Август, кога меѓу имињата да ти бил и Ламбе Арнаудов, поранешен директор на ЕСМ. Сензационална вест. Така и одекна. И веднаш потоа помилувањето беше поништено. Како тоа да зависи од реакциите на јавноста, а не од некои критериуми што треба да бидат исполнети за претседателот да го стави својот потпис.
Една година подоцна се отвори „операцијата 1995“. На брифинг со новинари претседателот се почувствувал како таен извор што ќе им даде вредна, спектакуларна информација дека евро – пратеничката Дорис Пак му кажала оти Македонија уште во 1995 година добила понуда да почне да преговара за членство во ЕУ и во НАТО, но тогашните власти ја одбиле. Тоа беше годината кога ја потпишавме Привремената спогодба со Грција за референцата ПЈРМ и кога имаше обид за атентат врз претседателот Киро Глигоров. Но Иванов заборавил да каже дека треба да биде само таен извор што го поттикнува истражувачкото новинарство, па по неговата изјава се јави Дорис Пак со закани дека ќе го тужи. Уште една трагикомична ситуација.
Со колкава доза на важност, пак, лани беше пренесувана веста дека на форумот во Азербејџан претседателот Иванов „остварил средба“ со новинарот Лари Кинг од Си-ен-ен, која била „пријателска“? Ја нема во архивата на претседателската интернет-страница, избришана е дури и од многу медиуми што тогаш ја објавија. Изгледа им текнало што направиле. Кој е Лари Кинг? Да, тој е светски познат новинар и водител и несомнено човек за кого слушнале многу повеќе луѓе отколку за Ѓорге Иванов. Како што порано гласеше рекламата за неговата емисија – секој што е некој и нешто, зборувал со Лари Кинг (му гостувал). Но зарем не е потценувачки за функцијата претседател на Македонија тоа што неговиот официјален фоторепортер го сликал со ТВ-лице, а потоа тоа било споделено со медиумите и пренесено како вест, како некоја „битна работа“?
Затоа, пак, беше направен голем чекор напред во односите со САД, кога меѓусебно си намигнале со американскиот претседател Барак Обама на молитвениот појадок. Иванов ја добил честа да седи блиску до масата каде што бил седнат Обама, се поздравил со потпретседателот Џо Бајден, а претседателот, пак, го погледнал и му намигнал. Тоа беше денот кога ишаретот влезе во дипломатска употреба.
И сега дојде последната работа – „историската средба“ со грчкиот претседател Каролос Папуљас. Веста со таков наслов стоеше и вчера на официјалната интернет-страница на претседателот, и покрај грчката реакција дека тоа не било никаква средба, туку само размениле два збора на поминување. Според Иванов, двајцата се сретнале по негова иницијатива, разговарале отворено за двете општества, за граѓаните, за тоа како можат како претседатели да придонесат за поголема соработка, порачале дека треба да ги следат добрите односи и трендови меѓу земјите, а на крајот добил и ветување дека повторно ќе се сретнат. Според Грците, пак, сѐ што се случило било следново: Иванов му рекол на Папуљас „треба да пиеме кафе“, а тој му одговорил „ќе пиеме, кога ќе ги решиме проблемите“. Да, оваа средба може да се нарече историска, ако за неа пишува некој саркастичен коментатор. Тој потоа би објаснил дека првпат во историјата македонски и грчки претседател оствариле контакт очи в очи, можеби дури и физички (ако се ракувале), а притоа рамнотежата на универзумот не била нарушена и светот не имплодирал во една мала прашинка, и покрај 20-годишните сомневања дека токму тоа би можело да се случи, поради што и се избегнуваа таквите состаноци. Но тешко дека претседателот употребил сарказам.
Целава работа е многу нејасна. Ѓорге Иванов е комплетна спротивност на Силвио Берлускони, Џорџ Буш или на Никола Саркози. Нема ништо заедничко со нивната наметливост и ароганција. Без разлика кој како го запознал, дали како претседател, универзитетски професор или како сосед во маалото, сите го опишуваат како мирен, скромен и пристоен човек. Па сепак, исто како нив, може да биде запаметен како гаф-мајстор. Како успева во тоа? Во почетокот можеше да му се прости поради неискуството или невештото снаоѓање, но веќе поминаа четири години откако стапи на функцијата. Знаејќи колку е церемонијална неговата должност (споредена со големата реална моќ што ја имаа Буш, Берлускони и Саркози), се чини дека ќе беше поуспешен ако останеше невидлив.
Често се вели дека во системите како македонскиот, шефот на државата нема некоја власт, туку треба да послужи како обединувачки фактор. Но зарем треба да бидеме обединети за неговото критикување и гафовите? Можеме да се смееме и да се шегуваме колку што сакаме, шегата не е само на негова сметка, туку и на наша. Затоа, би било добро и за него како личност, и за Македонија како држава, до крајот на мандатот веќе да не го споменеме во ваков контекст.
Автор: Гоце Трпковски
Преземено од Нова МакедонијаШто да прават сеирџиите, како да се воздржат, кога Иванов им дава толку многу поводи да се шегуваат на негова

Пронајдете не на следниве мрежи: