„Нашето единство е наша победа“- во петок сите на „Филип Втори“!

Нашето единство е наша победа. Арената „Филип Втори“ и домашната публика ќе бидат нашиот главен адут против Велшаните и Шкотлаѓаните, а Македонија на дело ќе може да го види и најскапиот светски фудбалер на денешницата, Герет Бејл, по неговиот трансфер во Реал Мадрид. Според нашите информации, постои голем интерес кај гледачите за овој меч и продажбата на влезниците се одвива одлично.
 Македонската фудбалска репрезентација против Велс во петок и против Шкотска четири дена подоцна ги очекува двата важни натпревари во рамки од квалификациите за СП во Бразил.
Мечот против Велс во петок ќе го играме од 19:00 часот, а не во 20:00 часот како што беше претходно најавено, поради настапот на нашите кошаркари на Евробаскетот во Словенија. Националната навивачка еуфорија која веќе започна да ја зафаќа Македонија е причина плус во петок масовно да им дадеме поддршка на нашите фудбалери, па со полн „Филип Втори“, на крилјата на бројната „фаланга“ да славиме против силниот противник, кој секако треба да биде магнет за македонските љубители на фудбалот.
Дека македонското срце почнува спортски да пулсира покажува и податокот дека засега има голема заинтересираност за мечот во петок, продажбата на влезниците оди одлично и се очекува полна стадион да ги бодри нашите фудбалери.
 
Нашите фудбалери заслужуваат полна арена во петок и поддршка од трибините во пресрет на денот на независноста на Република Македонија, 8-ми септември, кој оваа година ќе биде одбележан во спортски дух под мотото „Со спортот победуваме заедно, Македонија победува“.
 
-Секој спортист и тим кој ги брани боите на сопствената држава, кој придонесува за афирмација на својата татковина, кој го обединува народот и поттикнува на победнички менталитет, заслужува поддршка. ФФМ презеде активности да излезе во пресрет на љубителите на фудбалот, да можат да проследат два значајни натпревари на македонските национални тимови, истакна претседателот на ФФМ, Илчо Ѓеорѓиевски.
 
Одбележувањето на 22 годишнината од независноста на Република Македонија преку спортот е вистински потег во пресрет на настапот на кошаркарите во Словенија, но и на фудбалерите на домашен терен. Во петок да ја обоиме арената „Филип Втори“ во државните бои, да им дадеме поддршка на нашите фудбалери, кои заслужуваат после долго време да го почуствуваат ветерот во грб од трибините и почуствуваат поддршката на македонскиот навивач.
 
 
Најскапиот фудбалер на светот за само 100 денари на „Филип Втори“
 
Герет Бејл ќе го одигра првиот натпревар по комплетирањето на 100 милионскиот трансфер во Реал Мадрид и тоа на никое друго место,туку на нашиот „Филип Втори“. Тоа секако е прилика која македонските навивачи не треба и не смеат да ја пропуштат.
 
Новото засилување на Реал вчера и се приклучи на велшката репрезентација во својата база во Кардиф и сигурно ќе игра во Скопје.
 
-Не можам со сигурност да кажам дека Герет Бејл ќе биде стартер в петок против Македонија, наша цел е тој да настапи барем на дел од мечот во Скопје. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите во следните денови, но можам да кажам дека доколку не е подготвен, ние нема да ризикуваме со него, без оглед што тоа би му бил прв настап како најскап светски фудбалер. Мора да се има во предвид дека веднаш потоа следи домашниот меч со Србија, многу Велшани ќе сакаат да го видат како игра на таа средба. Вистината е дека тој многу слабо тренирал во последните два месеци, сега ќе работи со нас… Сигурно е дека тој нема сили за 90 минути, ќе видиме колку ќе може да настапи во Скопје, изјави селекторот на Велс, Крис Колмен на денешната прес-конференција.
 
Покрај Бејл, македонската публика ќе има можност во Скопје да види и играчи од типот на Арон Рамзи и Крег Белами.
 
 
Јаневски: Фудбалерите сакаат добар резултат пред домашната публика
 
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Чедомир Јаневски изјави дека не очекуваат два тешки натпревари против Велс и Шкотска, но потенцираше дека нашите фудбалери можат да се носат со товарот.
 
-Како што знаете во овој период од седум дена не очекуваат два тешки натпревари почнувајќи веќе во петок против Велс, репрезентација која во своите редови има фудбалери од Премиер лигата, репрезентација која е доста силна. Имаат одлични поединци, доста трчаат и не се предаваат во текот на сите 90-минути. Сигурно имаат свои амбиции, бидејќи борбата за позициите од трето до шесто место почнуваат со овие септемвриски мечеви. Од друга страна и нашата репрезентација и овие фудбалери кои ги повикав имаат свој квалитет и јас верувам во нив. Истите сакаат пред домашната публика да направиме еден добар резултат кој ќе ни донесе подобар пласман од овој што го имаме во моментов, изјави селекторот Чедомир Јаневски.
 
Курир.мкМакедонската фудбалска репрезентација против Велс во петок и против Шкотска четири дена подоцна ги очекува двата важни натпревари во рамки од квали

Пронајдете не на следниве мрежи: