Беше еднаш една војна, втора, светска и Македонија во неа. На победничката страна. Редок феномен во историјата на нашиот напатен народ. Дадовме жртви како многу пати пред тоа, страдавме, патевме, трпевме и издржувавме како народ – за конечно да се случи, слобода, наша, тука, на дофат. Радоста беше толку голема што ни требаа повеќе од 50 години за да увидиме дека и во победата ние сме уникатни, дека сме единствен пример во светот каде победникот изгубил територија од поразените. А не требаше. Но по војната еуфоријата на обновата и комунистичкиот самоуправен прогрес брутално до бол ги туркаше на маргините лузните кои ги правеше новиот поредок. Недемократски, без избори, но со крв пролеана по калдрмите на секој град комунистичката партија тргна во авантура, за прв пат да се проба на власт. Од влажните подруми, од темните сокачиња право во кожните фотељи останати од Кралството Југославија. Чувството беше убаво. Моќ. Неограничена и непредизвикана од никого. Се чинеше засекогаш. Но имаше и проблеми. Богатите, чорбаџиите, не смееја повеќе да бидат тоа. Се влегуваше во нивните куќи и мануфактури и се одземаше. Во име на народот. Земјоделците не смееја да садат што сакаат зошто имаше петолетки, планови кој што може и како може да сади и одгледува. Козите беа однесени во братската Словенија зошто на некој состанок било так решено а козарите пратени во фабрики… Далеку од идеално. Ограничена слобода. Слобода да правиш тоа што партијата ќе реши дека е најдобро за тебе… Македонските патриоти кои се бореа по улиците и планините на Македонија за оваа долго очекувана слобода се спротивставија на оваа погубна маршрута. Се спротивставија и полека исчезнуваа во ноќта. Еден по еден. Кој во несреќен случај, кој на превоспитување на далечна локација таму некаде во Јадранското море. По 10 години од победата останаа само послушниците, превоспитаните а 70% од раководењето со Македонија го превземаа назначените, неизбраните млади јуноши кои војната ја преспале како деца во некој подрум. Борците беа на колена пред револуцијата а таа како и многу пати пред тоа ги јадеше сопствените деца. Назначените голобради комесарчиња и началничиња од прво не беа свесни колкава моќ им е дадена на тацна, но кога ги протрија очите и видоа каде се нашле само заради нивната послушност и доблеста никогаш ништо да не прашуваат и да не размислуваат со сопствената глава – решија тоа да го задржат за себе и сопствените блиски, за навек, засекогаш. А за тоа требаше апарат, репресивен апарат кој ќе обезбеди моќта и богатството да биде засекогаш, за одбраните, за семејството. Секој што не беше согласен со оваа нова поделба или исчезнуваше или беше маргинализиран, етикетиран, обележан за секогаш, тој и неговото поколение. Оние кои знаеја да го задржат гневот во себе, живееја „мирно“ под будното око на „големиот брат“. И така 40 и кусур години. Ни правеа привид дека и мерцедес и фиќо се автомобили битно е да се возиш. Тие во мерцедеси ние во фиќовци. Нивните деца студираа кај своите тетки, стрини, вујковци и поминуваа низ системот со лесно, без потреба за знаење и ука. Дел се образуваа и во странство на престижни универзитети уживајќи во пороците и раскалашниот живот. Никој од нив не се врати во татковината со знаење кое помогна за нејзино унапредување туку само со искуство во баханалии и врбување од странски служби кои будно ги надгледуваа алчните мали пролетерчиња. Тие беа идеални бројлери за распад на кокошарникот наречен СФРЈ кога Тито ќе скине конци. Внучињата на голобрадите повоени началничиња и комесарчиња, израснати во хедонизам, баханалии и порок, заборавија на народот, заборавија на обичниот човек. Тој им беше само златна карта за обезбедување на раскалашниот живот и богатство. Го убедуваа дека во најдобриот систем на светот е нормално да се запишуваш за млеко, дека на едно семејство следи само два литра млеко дневно и за тоа треба да се запишеш. Го учеа дека кафето е луксуз и најдобро се пие кога е помешано со НАУТ, да да, за нив увозно кафе за народецот 100 грама кафе 100 грама наут. Чоколадо само едно, распослано на гондола од 10 метри. Бензин со бонови, автомобил само од Застава Крагуевац, плаќаш денес го чекаш година и пол. Тоа беше „идеалниот систем“ кој важеше за сите освен за нив. За нив имаше се. Од пиле млеко. За нив не важеше ни суд ни правда ни прописи, својот медиокритет, отсуство на патриотизам и емпатија кон сопствениот народ кој беспоштедно го молзеа за да ги спонзорираат сопствените баханалии го одржуваше во живот апаратот кој го инсталираа како фабричка грешка во општеството изградено на крвта на вистинските патриоти. Ви звучи познато? Ви звучи специјално? Баш така. Оние кои ве трујат дека некогаш некаде во некоја киборг држава наречена СФРЈ се било подобро иако едно од 20 семејства имаше автомобил, фиќо – посреќните 101, кога едно во 100 семејства имаше телефон, тогаш било подобро. Истите фаци, истите комунистички внучиња денес ве трујат дека нема правда и таа е единствено достижна преку најновиот нивни имплант во системот наречен СЈО. Сега вие само треба да ја „проголтате“ јадицата и да замижите пред нивната неспособност да склопат случај во редовна процедура. Не им замерувајте, едноставно не знаат. Додека смртниците учеле, некои 6,24 фаци биле во тренинг кампови на странски држави. Учеле она што го прават денес. Растурање на сопствената држава преку паралелен систем. Истиот вам ви го продаваат како единствено добар и исправен. Овој редовниот бил узурпиран, компромитиран, загаден. Така тие велат, неспособни да играат во него под услови кои важат за сите. Специјално обвинителство, специјален суд, специјална полиција и специјална држава за кецарошите на кои вујни, тетки и стриковци им ги дадоа дипломите. Во затворен систем. Тие само така играат – затворено во мали кругови. За нив пат до Стразбур би бил само туристичко доживување, не знаат дека има суд таму. Суд каде што човек кој ги има доказите на својата страна – ќе ја најде правдата. Но тие, „ИЗБРАНИТЕ“ кој никој не ги избрал при понуда со повеќе од една опција, тие сакаат да биде паралелно, наштимано и судиите да се на нивна страна и да играат со повеќе играчи за да победат. Не знаат поинаку. Затоа мора ВАС драги мои да ве убедат дека СПЕЦИЈАЛНИ мерки се НЕОПХОДНИ а сопствената неспособност ја проектираат врз вас и ве убедуваат дека сега сте најсиромашни, најбедни, нај неинформирани, излажани. Всушност вистината е далеку од тоа. Тие чезнеат за времето кога такви просечни, никакви, без тронка подлога и уште помалку заслуга, владееја со нас. Им пречиме. Им пречи вашиот Фолсфаген Пасат паркиран до нивниот тие го платиле 20.000 евра а вие 5000 на старо, пречи боде очи. Ви гледаат во кесата, „нивниот“ леб го купувате , пиете од „нивното“ нес кафе наместо кафе со наут, се сончате на „нивните“ плажи, во „нивните“ кафеани правите галама кога ќе ви префрлат плата, мирисате на „нивниот“ парфем кога ќе се разминат со вас. И нај страшното живеете во „нивното“ маало, „нивната“ зграда и мораат секој ден со секое отварање на очите да се соочат со фактот дека не се „ИЗБРАНИ“ ниту особени, дека се тиња, медиокритетска тиња. Затоа драги мои „СПЕЦИЈАЛНИ“ органи треба, како „специјалната УДБА“ на времето и народниот суд сред село. Со егзекуции на плоштад – за никој да не крене глава, за да се стави шминка на грдото неспособно лице. Затоа драги мои СЈО. СЈО со висок рејтинг само во нивните болни глави. СЈО кое по специјална процедура треба вас да ве стави на вашето место а нив на „заслуженото“. Тоа е СЈО. И ништо повеќе. Една позитивна страна од таа франкенштајнска скаламерија со претенциозно име е што е одличен локатор на овие гниди од минатото кои сакаат да не продадат повторно. Кој го брани СЈО – тој ги брани овие вредности од минатото и правда поделена по темни улички и мемливи подруми. Катица Јанева е името, ликот – УДБА е суштината. Нема да помине. Не овој пат. Јас се навикнав на нес кафе и нема да мешам со наут, пијам млеко колку сакам, јадам милка чоколада и возам кола што сум си ја купил сам. Јас не се враќам назад. Вие – одлучете сами. Изберете. Не дозволувајте НЕИЗБРАНИТЕ – самонаречени ИЗБРАНИ да ве прелажат. Пенкалото во рака и викнете со мене – ДА ЖИВЕЕ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА самостојна, независна и слободна.Еднаква за сите.
Пишува: Алекс ВанкоФилозоф,писател,аналитичарРадоста беше толку голема што ни тре