Со оваа платформа Република Македонија е уценета, а нејзината унитарност, сувереност и независност се загрозени, образложи претседателот Ѓорге Иванов, кој не му даде мандат на Зоран Заев за формирање влада. Додека социјалдемократите и нивните сателити „на лажичка“ ја оправдуваат неоправдливоста на прифатеното разнебитување на државата, незадоволството од процесот на федерализација се прелеа низ улиците, објави Република.Претседателот Ѓорге Иванов застана во одбрана на суверенитетот на Република Македонија. Оцени дека постизборната политичка платформа од туѓа држава со нејзината содржина е надвор и од Уставот и од Охридскиот рамковен договор.
-Со оваа платформа се загрозуваат сувереноста и независноста на државата доведувајќи ја во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава. Со оваа платформа Република Македонија е уценета, а нејзината унитарност, сувереност и независност се загрозени. Процесот на постизборно коалицирање и формирање нова влада стана заложник на оваа постизборна платформа од туѓа држава. Наместо, конечно, да излеземе од политичката криза, поради оваа платформа ние, за жал, заглавуваме во уште подлабока криза во која се доведоа во прашање темелните државни интереси на Република Македонија и нејзините граѓани, посочи претседателот Иванов образложувајќи дека не се исполнети условите мандатот за формирање нова власт да го понесе коалиција создадена наспроти темелните вредности на државата.
-Сè додека сум претседател на Република Македонија, нема да дадам мандат ниту на човек ниту на партија што се залага или во својата програма има платформа за рушење на суверенитетот, територијалниот интегритет и самостојноста на Република Македонија. Бидејќи длабоко верувам дека ова се темелни вредности со кои никој нема право да тргува. И не мислам да отстапам од нив, нагласи претседателот на Република Македонија.
Место веднаш и без дискусија да се отфрли, додаде Иванов, се лицитираше со унитарниот карактер на државата. Оттука, како суштинска забелешка, Иванов наведе дека разговарање за содржината или преговарање за платформа на туѓа држава е спротивно од Уставот на Република Македонија.
-За карактерот и за иднината на државата не може да се преговара, ниту да се водат разговори на нетранспарентен начин… За време на средбата од господинот Заев побарав јавно и јасно да ја отфрли и осуди оваа платформа бидејќи македонските граѓани на изборите гласаа за реформите и за исполнување на обврските од Договорот од Пржино, а не за постизборна платформа на туѓа држава, посочи во своето обраќање до нацијата претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој истакна: Во согласност со мојата заклетва, ниту Уставот ниту совеста ми дозволуваат да дадам мандат на некој што ги руши суверенитетот и независноста на Република Македонија.
Некои прашања заслужуваат одговор
И пред одлуката на Иванов, јавноста, а особено жестоките поддржувачи на социјалдемократите, се спротивстави и бараше одговори за платформата и за договорот со кој се дојде до потписите потребни за барање мандат за власт. Но, место транспарентност, свесни дека, всушност, навистина сите чекори им водат кон разнебитување и федерализација на државата, вистината за тоа што го прифатиле со платформата, социјалдемократите ја делеа „на лажичка“.
Леснотијата со која Радмила Шекеринска глуми нормалност изгледа невозможна, во нејзин веќе препознатлив манир, кога се обидува да објасни дека на Македонија ѝ е потребен документ дека „сите заедно сме страдале“. Истата таа нејзина леснотија ја продаде територијалната отстапка во Струга, Скопје, Кичево… Истата леснотија го продаде и „бонбона“ бизнисот. Денес втората жена-социјалдемократ „со консензус“ се обиде да ја продаде сеалбанската платформа која го запали регионот како прифатлива. Но, во платформата не се бара осуда дека „сите заедно сме страдале“, како што вели Шекеринска, туку „усвојување резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956“.
Нејзиното признание е прво од социјалдемократите по редицата настапи на етничките Албанци дека е договорено целосно исполнување на барањата договорени во Тирана. Но, не е Шекеринска осамен продавач. Улогите за протнување на „нормалноста “ се поделени. Тито Петковски, социјалдемократскиот сателит, ја продаваше прифатливоста на промената на државните симболи, знамето, грбот, химната. За неа не само што ќе се зборувало, туку за нејзината „тежина“во пишувањето ќе придонеле и странски експерти!?
Познат продавач на тезите за промена на името, на двојазичноста и други федерални категории, социјалдемократскиот гуру Љубомир Д. Фрчкоски, ја продаваше „нормалноста“ да се „направи нешто околу името за влез во НАТО оваа година“. Сето тоа се само фази од оправданијата на СДСМ за прифаќање на сеалбанската платформа, додека од нив јавноста бара целосен список за тоа што е договорено во замена за поддршката за добивање мандат за власт.
Продавањето лаги е позната особина на социјалдемократите и на нивните сателити. Но, попуста е лагата на Заев дека ќе го брани Уставот кога само во првата ставка од прифатената платформа на три места се спомнуваат уставни измени со тоа што Македонија би се претворила во бинационална држава; промена на Уставот кон двојазичноста со додавка дека „македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија”; за промената на државните симболи, знамето, химната и државниот грб, „да ги рефлектира општествената мултиетничност и етничката рамноправност“.
Социјалдемократите се познати и по тоа што не се грижат кога нацијата не ги прифаќа нивните игри со суверенитетот на државата. Не се грижат што редефинирањето, како што Заев и партнерите-потписници на сеалбанската платформа го нарекуваат федерализирањето на државата, наидува на отпор и кај членството и кај неопределените, кај граѓаните без разлика на етничкото, националното и верското чувство. Не се грижат за осудата кај сиот македонски народ кој препозна платформа за губење на државата, онаква каква што сите ја граделе. Тоа за што сега се грижат на улица Павел Шатев во Скопје е што реализацијата на планот за разнебитување не се одвива со замисленото темпо. Но, и што јавноста се буди и е сѐ погласна во барањето на вистинските одговори од нив. Секому веќе му е јасно дека некои прашања заслужуваат вистински одговори и дека нема да се дозволи лесно и молкум да се одигруваат дозираните игри за федерализирање. Претседателот Ѓорге Иванов застана во одбрана на суверенитетот на Ре­