Павел Атман, ракометар на скопскиот клуб Металург, во интервју за „Руска реч на македонски“ зборува за тоа со кого се дружат руските спортисти во Македонија, која храна им недостасува на трпезата и зошто не сакаат да заминат оттука.Руска реч на македонски: Додека го гледав твојот тренинг, твоите колеги од клубот ми раскажаа дека неодамна си добил син.
Павел Атман: Да, на 7 септември.
Р.Р.М: Колку убаво, ти честитам! Почна ли веќе да избираш за него македонско училиште?
П.А: (се смее) Има уште многу дотогаш. Тука договорот ми е една година, а што ќе се случи понатаму засега не знам. Со жена ми сè уште не сме размислувале за тоа. Не ни очекувавме дека породувањето тука ќе мине толку добро. Условите се комфорни, персоналот е одличен, воопшто немаше никакви проблеми.
Р.Р.М: Планираш ли некогаш да се вратиш во Русија?
Извор: Екатерина Туришева
П.А: Не знам. Животот на спортистите е таков што не се знае каде ќе бидеш утре. Јас, секако, размислувам за тоа што ќе се случува во иднина. И, да бидам искрен, некако не сакам да се враќам, особено не во мојот роден град Волгоград. Мене тој не ми се допаѓа. Најверојатно зашто имам со што да споредувам. Пред да дојдам во Македонија, три години живеев во Минск, и за мене, најверојатно, тоа е најдобриот град од сите во кои сум бил. Луѓето се добри, услужливи, чисто е, има ред и животот е спокоен.
Р.Р.М: А, како ти се допаѓа Скопје?
П.А: Во Скопје животот е малку поинаков. На жена ми повеќе ѝ се допаѓа тука, одошто во Минск. Тука ѝ се допаѓа тоа што животот е спокоен и умерен, никој никаде не брза. Мене исто така ми се допаѓа, иако локалниот менталитет се разликува.
Р.Р.М: Што имено?
П.А: Најверојатно најмногу по тоа што Македонците се многу емоционални. Кај нас на таков тон најчесто се караат, а тука едноставно си муабетат. А, кога доаѓаат на стадион да навиваат, тоа е фантастично. Мислам дека нема подобри навивачи од овие во Македонија. Тука ракометот е омилен спорт и кога на натпревар доаѓаат седум илјади навивачи, тоа е едноставно експлозија на емоции, особено кога играме дерби со Вардар. Тоа остава голем впечаток и храни со енергија. Поради ваквите навивачи добиваш желба да играш повеќе. Во други земји луѓето едноставно доаѓаат и аплаудираат, како во театар. А, тука навиваат со душа, со срце. И тоа се чувствува.
Р.Р.М: Со Вардар на терен сте непомирливи противници.
П.А: Да, тоа е нешто како Спартак и ЦСКА во Русија.
Р.Р.М: Но, таму има неколку руски играчи. Контактираш ли со нив?
П.А: Да, во Металург само јас сум Русин, а таму ги има многу. Не комуницираме многу често, зашто ретко ни се совпаѓаат тренинзите и игрите. Или тие заминуваат, или ние. А, сопругите комуницираат повеќе. Кај нив се создаде некаков импровизиран клуб.
Тука се запознав и со Наташа Тодоровска, чие моминско презиме е Малахова, таа е исто така од Волгоград. Таа тука играла ракомет, потоа ја завршила кариерата, се омажила за Македонец. По некакво случајност излезе да живееме многу близу, буквално 200 метри еден од друг. Многу убаво комуницираме. Никој не можеше да очекува дека двајца од Волгоград ќе се запознаат во Македонија.
Р.Р.М: А, имаш ли македонски пријатели?
П.А: Да, имам еден многу добар другар Македонец. Тој нема врска со спортот, случајно се запознавме и почнавме да се дружиме. Со другите балканци кои играат тука, исто така, комуницирам. Со Србите, со Хрватите, со Црногорците – со никој немам никакви проблеми.
Р.Р.М: На кој јазик комуницирате?
П.А: Јас учев српски, зашто на него зборува тренерот. Македонски, исто така, разбирам, но не зборувам. Сега зборувам некаков измешан српско-македонски јазик. Тоа не е за чудење, зашто македонскиот го слушам почесто. Жена ми учеше македонски, со неа работеше девојка-русист. А, јас самиот учев српски.
Р.Р.М: Контактираш ли со роднините и со пријателите од Русија?
П.А: Да, секој ден разговараме. Згора на тоа имам многу пријатели во Белорусија, тие многу ми значат, со нив, исто така, постојано комуницирам.
Извор: Екатерина Туришева.
Р.Р.М: Што најмногу ти недостасува во Македонија?
П.А: Понекогаш ми недостасува руската храна. Тука храната е многу добра, многу ми се допаѓа, но сепак си го сакам своето, она на што сум навикнат од детството. На пример, нема квас, налето не може да се направи окрошка, мајонезот не е како кај нас. Но, тоа се дреболии.
Јас и жена ми многу сакаме да одиме на кино, а тоа тука не е едноставно. Тука филмовите се на англиски јазик со македонски титли. Ние не сме навикнати на титли, кај нас филмовите се синхронизираат, а тука уште и странски јазици слушаш.
Р.Р.М: Како го минувате слободното време? Имаш ли сили за нешто друго по тренинзите?
П.А: Сега, откако ни се роди син, сакаш – не сакаш, сили ќе имаш. Првиот месец дојдоа родителите на мојата сопруга, а сега, кога тие заминаа, на жена ми сама ѝ е тешко, така што морам да ѝ помагам. Понекогаш навечер не спиеме, спијам до три, понекогаш успевам дење да отспијам, кога спие и тој. Порано одевме во ресторани и во ноќни клубови, а сега сме дома, целото време му го посветуваме на бебето. Но, тоа се многу пријатни обврски.
Извор: mk.rbth.comРуска реч на македонски: Додека го гледав твојот тренинг, твоите колеги од клубот ми раскажаа дека неодамна си добил син.
Павел Атман: Да,