Ние другите

Една поранешна пратеничка од Република Турција, при една посета на Република Македонија, изјави дека во државите во целиот свет постојат мнозински и малцински заедници, единствено во Република Македонија постојат мнозинска заедница, малцинска заедница и ДРУГИ малцински заедници. ДРУГИТЕ се Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и другите други.ДРУГИТЕ во најголем дел иако потекнуваат од народи што имаат свои држави, се интегрирани во Република Македонија, не бојкотирале ниту еден попис на населението и ниту едни избори, имале почит кон функциите на високите државни функционери, не го бојкотирале Собранието и никогаш не излегле на улица и не барале ништо што не е во рамките на институциите на системот.
Но, ДРУГИТЕ и покрај повеќепати потврдената лојалност кон Република Македонија, никогаш не биле вклучени во решавањето на најбитните предизвици со кои се соочуваше Република Македонија по нејзиното осамостојување.
ДРУГИТЕ не беа вклучени во преговорите и склучувањето на Охридскиот рамковен, не беа вклучени ни во договарањето и преговарањето во Пржино 1 и Пржино 2.
ДРУГИТЕ никогаш не биле причина и не дале повод за каква било нестабилност на Република Македонија, ниту политичка ниту економска, а ниту безбедносна криза, но последиците од сите видови кризи паѓаат и на товор на ДРУГИТЕ.
И, токму кога ДРУГИТЕ подзаборавија дека се заборавени, дека се само некои небитни ДРУГИ во Република Македонија и во немоќ прифатија дека од 2001 година Република Македонија фактички е бинационална држава, лидерот на СДСМ на почетокот срамежливо, зад закрилата на демократијата, граѓанската рамноправност и соживот, ја промовираше двојазичноста на целата територија на Република Македонија, претставувајќи ја како мултикултурализам и како богатство во разноликоста. Зачудува леснотијата со којашто лидерот на СДСМ кажува дека Охридскиот рамковен договор бил само РАМKА и дека требало да се оди НАДВОР од таа рамка.
Да, Охридскиот рамковен договор беше рамка, само додека се преговараше и договараше, но, со усвојувањето на амандманите IV до XVIII тие амандмани се составен дел на Уставот на Република Македонија. Преку РАМKАТА нема каде да се оди бидејќи веќе не постои РАМKА, прашањето е дали ќе се оди преку Уставот? Одговорот на лидерот на СДСМ е дека нема да се менува Уставот на Република Македонија, туку дека воведувањето на двојазичноста е добра за да може секој со секого да се разбере!
И, повторно, лидерот на СДСМ заборава дека во Република Македонија живеат и ДРУГИТЕ, кои многу добро се разбираат со секого, употребувајќи го мајчиниот јазик или јазикот на друга заедница во секојдневната комуникација или македонскиот јазик кој е службена употреба на целата територија на Република Македонија. Повторно нејасно, за кого лидерот на СДСМ би ја вовел двојазичноста? За гласовите на 9.250 члена на СДСМ од албанската заедница или за сите, па и за ДРУГИТЕ? Иако, во една демократска држава не би требало заедниците да се сведуваат на проценти и бројки, сепак, непобитни се некои факти. Бидејќи последниот попис на населението беше во 2002 година, меродавни се само тие податоци, според тој попис од вкупниот број на население во Република Македонија, ДРУГИТЕ биле застапени со 10.64 проценти, или околу 215.000 граѓани или околу 150.000 гласачи.
Дали лидерот на СДСМ при промовирањето на идејата за двојазичност барем еднаш помислил на достоинството, на националните и човечки чувства на ДРУГИТЕ, кои некако прифатија барем според Уставот да бидат рамноправни граѓани на Република Македонија, а фактички да живеат во бинационална држава како граѓани од ТРЕТ ред, бидејќи првите два реда веќе се зафатени. И покрај широкоградоста на ДРУГИТЕ, сепак тоа чувство е фрустрирачко. Тоа што лидерот на СДСМ не се осмелува јавно да го каже, лидерите на владејачката и опозициските партии од албанската заедница го кажуваат отворено, јасно и недвосмислено.
Чесно е тоа од нивна страна и не е ништо нити ново, ниту е изненадување за кого било во Република Македонија. Очигледно, сите во Република Македонија, освен лидерот на СДСМ подобро го читаат и разбираат амандманот V, став 1 од Уставот на Република Македонија, па така и самите партии од албанската заедница знаат дека за да има двојазичност на целата територија на Република Македонија, треба да се измени Уставот на Република Македонија.
Очигледно, сите во Република Македонија, освен лидерот на СДСМ, знаат кон што би водела двојазичноста и сите политички чинители, освен лидерот на СДСМ тоа го кажуваат отворено. И повторно, ДРУГИТЕ, како и сите останати, освен лидерот на СДСМ, знаат дека со уставните амандмани и Законот за територијалната поделба Република Македонија делумно ја изгуби својата унитарност, но и формалното и целосно губење на унитарниот карактер на Република Македонија би било премногу за да има соживот, а камоли ЗА ЖИВОТ!
М-р Ѓулен Емин за ДневникДРУГИТЕ во најголем дел иако потекнуваат од народи што имаат свои држави, се интегрирани во Република Македонија, не бојкотирале ниту еден попис на

Пронајдете не на следниве мрежи: