Никола Груевски: Ако верувате во Македонија, Вашиот избор е јасен!

Интегрален текст од обраќање на Никола Груевски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕУШТЕ 5 НЕДЕЛИ ДО ОДГОВОРОТ КОЈ ТРЕБА ДА ГО ДОБИЈАТ СИТЕ КОИ СИ ИГРААТ СО ЧУВСТВАТА НА НАШИТЕ ГРАЃАНИ И ГИ ДРЖЕА ВО ЗАЛОЖНИШТВО ЦЕЛИ 2 ГОДИНИ! ПОД ТЕНЗИЈА, ПОДЕЛЕНОСТ, КОНФЛИКТНОСТ.
УШТЕ 5 НЕДЕЛИ ДО ГОЛЕМАТА ПОБЕДА НА МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ ПРОТИВ СИТЕ ОНИЕ КОИ ГИ ПОТЦЕНУВАА ВО ОВОЈ ПЕРИОД И СО ПОДГОТВЕНИ СЦЕНАРИЈА ОДЛУЧИЈА ДА МУ ГО ЗЕМАТ МИРОТ НА МАКЕДОНСКИОТ ГРАЃАНИН!
УШТЕ 5 НЕДЕЛИ ДО ИЗБОРИТЕ КОИ ЌЕ БИДАТ ПРИМЕР ДО СИТЕ ДЕКА НЕ МОЖЕ СО НАПИШАНО СЦЕНАРИО ДА СЕ УРНЕ ДРЖАВА И ДА СЕ РАЗНЕБИТИ НАРОД! Дека во една држава со слободоумен народ ни странски служби, ни некој кој однадвор те спремал, како што вели самиот, мојот политички опонент не може да го прелаже народот.
Уште 5 недели кога ние од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Подобра Македонија ќе го почнеме новото време кое Македонија го заслужува! Свесни за работите и кои кај нас треба да ги промениме, но и промени на подобро во државата, преку реални проекти и мерки!
Со одлична програма која е реална и остварлива. Со извлечени поуки од грешките и пропустите од минатото, со сериозна сондажа на мислењето на народот на сите негови размислувања за тоа што поддржува, а што не од нашите активности и прилагодување на тоа, со приоритети во политиките и мерките кои се најважни за мнозинството на граѓаните, со нова енергија, со нови кадровски освежувања!!!
Со нови мерки и политики за натамошно подобрување на квалитетот на животот во земјата и решавање на многу проблеми. Уште 5 недели до големата победа на ВМРО-ДПМНЕ.
Почитувани присутни,
Денес сме собрани на годишната конференција на Унијата на Жени на ВМРО-ДПМНЕ. Сакам во оваа прилика да изразам честитки и јавно признание, но и благодарност до Вас жените во ВМРО, за огромниот придонес, енергија, влог, посветеност и пред се резултати. Вие, кои одамна сте еден од клучните столбови на ВМРО, веќе прераснавте во институција за респект. Вашата грижа, Вашата посветеност, Вашата работа, Вашите успеси се за восхит, како во партиското работење, така и многумина од Вас на кои им се доверени државни функции и одговорности. Јас и сите мои соработници денес се гордееме со Унијата на Жени на ВМРО-ДПМНЕ. Ве имаме секаде каде е потребна вашата помош за нашиот народ и во добро и во лошо, и во поплави, и кај настраданите семејства во пожари, и во помош на ранливите и социјални категории, но и во креирањето на партиските и државните политики, планови и стратегии, и во нивното спроведување. Унијата на Жени денес е респектабилен фактор, не само во партијата туку и многу пошироко.
За ова сте заслужни сите вие кои со својот труд и залагање помогнавте многу за напредокот на Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ. Посебни честитки заслужува претседателот на Унијата на Жени, Даниела Рангелова, која заедно со нејзиниот тим во Извршниот комитет на Унијата на Жени, целосно се вложи во работата на Унијата, што се гледа по резултатите и по бројните активности.
Со Вас заедно, со Вашиот силен ангажман, одиме многу посигурни и многу постабилни на голема победа со 63 пратеници, на изборите на 11-ти декември.
Во држење на ваков говор јас не би бил јас, доколку не обзнанам неколку проекти и реални мерки кои планираме да ги реализираме. Затоа уште на самиот почеток да ја задржиме оваа традиција.
Досега многу работи поврзани со жените ги ветивме и ги реализиравме.
Се овозможи неплатено родителско отсуство, надоместок за плата поради бременост, раѓање и родителство, 15 месеци породилно отсуство за мајка на близнаци, се донесе законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, се изврши зголемување на посебните додатоци, додаток за трето дете кое сеуште важи и е на сила и е многу користено, се изградија над 80 детски градинки, се изградија 532 станови за млади брачни парови, се намали ДДВ-то за бебешки производи, се воведе и прошири проектот за бесплатно ин витро за трето и четврто дете, и мноштво други мерки и проекти.
И со новата програма се предвидуваат многу нови мерки и проекти со кои ќе се помогне или олесни животот на жените и мајките.
Почитувани присутни,
Ние сме исто така препознатливи и по носењето на инвестиции кои отвораат нови работни места. Сигурно се сеќавате на времето кога слушавме само за вести во кои фабрики се затвораа, работници се отпуштаа од работа, ние дури и во состојба на криза го намалуваме бројот на невработени и носиме инвестиции подобрувајќи ја бизнис климата во земјата. Не е попусто што Светската банка не прогласи за држава која е петта најдобра во Европа и десетта најдобра во Светот според добрата бизнис клима и добрите услови за правење бизнис. Се објави дека од нас во Европа со подобра бизнис клима се само Данска, Англија, Норвешка и Шведска, кои пак од друга страна имаат многу високи трошоци за правење бизнис. Е затоа, драги пријатели,  секој месец имаме најави или почеток на градба или почеток со работа на неколку нови инвестиции во Македонија.
Така, два дена откако американската фабрика Леар на која работеше Веле Самак, официјално почна со работа во Тетово и ќе обезбеди вработување за најмалку 2.000 директни вработувања, од кои 500 веќе работат, денес можам да најавам уште неколку.
Прва добра вест е дека една Чешка компанија која се занимава со железнички транспорт и шински возила донесе одлука да инвестира во Македонија и да вработи најмалку 600 невработени лица, при што во првата фаза ќе се вработат 150 до 200 лица.
Тие планираат да отворат нов погон за одржување на шински возила во Скопје, со кој ќе ги сервисираат активностите поврзани со железнички транспорт на компанијата во повеќе земји од поширокиот регион. Се планира инвестиција во вредност од 20 милиони евра, и се очекува изградбата да почне во првата половина на 2017-та, и за неполна година да започнат со работа. Поранешниот инвестициски промотор во Јапонија, кој пред две години се врати и го ангажирав во мојот кабинет во Владата во секторот за привлекување инвестиции при кабинетот, Бојан Петровски ја води оваа инвестиција.
Имаме дозвола да го кажеме и името на компанијата: се вика Локо Транс.
Втора добра вест е што американската корпорација, американска компанија влегува на македонскиот пазар отворајќи канцеларија во Битола со план да вработи 300 лица. Тие обезбедуваат техничко административна поддршка на осигурителната индустрија, маркетинг услуги и преку социјалните медиуми, и медицинско кодирање на итни центри за грижа во Америка. Она што е предност е што ќе се вработат млади и добро квалификувани дипломци за што ќе се обезбеди и професионален тренинг. Оваа инвестиција ја води министерот Џери Наумоф, чие потекло е од битолско, и видно забележливи се неговите намери и напори да донесе повеќе инвестиции за Битола.
Трета добра вест е за Крива Паланка. Словенечка компанија во браунфилд објект ќе отвори производство на ранци за деца кои ќе ги пласира на европскиот пазар. За почеток ќе започнат со 50-тина вработувања со развојни планови за раст и за градба на гринфилд објект. Исто така оваа инвестиција ја обезбеди Џери Наумоф.
Четврта добра вест е што американската компанија Амфенол, почнува со градба нов погон за автомобилски делови во Кочани. Амфенол веќе има две фабрики и три погони во Кочани. Градбата на трета фабрика односно четврт погон треба да заврши во средината на 2017-та и да отвори нови директни 400 работни места, плус индииректни кои секогаш доаѓаат со директни. Со сите нивни фабрики постоечки и новата Амфенол ќе достигнат 2.500 нови вработувања. Оваа инвестицијата ја обезбеди Христијан Делев.
Тоа се четири нови инвестиции коишто денеска ги објавувам, четири нови коишто отвораат многу нови работни места, многу нови приливи на инвестиции, многу нова надеж за многу наши граѓани коишто таму ќе го најдат местото каде што ќе заработуваат, и каде што ќе го прехрануваат своето семејство.
Сакав да кажам нешто денеска, не можејќи да одминам, затоа што тоа им е тактиката на овие … што смислуваат опозицијата што да прави. Идејата им е да викаат тотално безначајни фигури кај нивните експонирани новинари (нормално како што дознавме тоа со денови наназад го договараат во детали по домови на разни лица и слично). И да си наметнуваат теми кои тие мислат дека ќе ни наштетат, а кои пак ако се размисли подобро, немаат никаква врска со изборите и со реалните проблеми на луѓето.
Па така, слушаме од страна на извесен Слободан Богоевски бил поранешен разузнавач, И осуден човек за криминал, со излежана казна затвор во Идризово, разни квалификации за првиот министер за внатрешни работи на независна Македонија, Јордан Мијалков, лични навреди за него, неговото семејство и слично.
Човекот ми е вујко и тоа е единствената негова маана во моментов и причина зошто беше споменат. Човекот е починат пред 25 години, пред точно 25 години.
Значи замислете тие се занимаваат со човек кој починал пред 25 години и не може да им врати и не може да им одговори. До сега Стојан Андов беше експерт за раскажување негативни работи за луѓе од како ќе починат, и за себе величење во комуникацијата со нив, или најчесто во божемната комуникација со нив, сега еве и други се појавуваат.
Инаку Андов, а некој умре, одма вади книга и оди на телевизија ја промовира, одма вади книга, значи да не си умреш. Одма Андов ти вади книга и раскажува што било, како било, како те надмудрил, што ти кажал, колку он бил попаметен, колку бил посмел и така натаму. Колку веќе умрениот бил лош и не доволно паметен, а колку самиот Андов бил мудар и одговорен.Сега пред изборите се вклучуваат и други некролошки матачи на вода пред избори.
До кое дереџе стигнаа?
Што и да каже човек околу ова навистина мислам дека ќе погреши, и затоа сакам само да потенцирам дека вакви работи ќе има затоа што тоа им е целта.
Да се докажуваме кој е поголем Вмровец, кој бил од 90-та, а кој бил од 91-ва. Дали кога ја слушал песната слушам кај шумат шумите бил навистина радосен или глумел и слично.
А каде се реалните проблеми на граѓаните? Плати, пензии, социјала, вработувања, секојдневните предизвици, тоа што опозицијата сака да ја редефинира Македонија? Нив, нив треба да ги заборавиме затоа што опозицијата е свесна дека на тие теми тие не може да добијат ништо. Затоа што, тоа е за живите, кои можат да видат, коментираат, да вратат, наградат или да казнат.
И затоа ќе се занимаваме со покојниот Јордан Мијалков и со низа други теми за кои си седат по дома и си ги договараат и ние треба сега во несвест да паднеме, па да чекаме да се јават загрижени Сдсмовци за состојбите во ВМРО и слично.
Но, како што реков – УШТЕ САМО 5 НЕДЕЛИ!!!! УШТЕ САМО 5 НЕДЕЛИ!!!!
ИЗДРЖАВМЕ 2 ГОДИНИ, ЌЕ ГО ИЗДРЖИМЕ И ОВА! И ОВА ЌЕ БИДЕ ЕДНА ОД ПРИЧИНИТЕ ЗОШТО ЌЕ ИЗГУБАТ, ЗАТОА ШТО НАРОДОТ ГО ГЛЕДА ТОА И НЕ Е ВООПШТО НАИВЕН!
И паралелно на тоа нормално ќе го гледаме Заев како оди по улици и нуди се и сешто. Прашува луѓе во стилот, на тебе што ти треба, па наместени Сдсмовци со подготвен текст ќе речат на пример јас сакам точак, ….нема проблем во нашата програма ќе ставиме точак за тебе…ќе се сврти према Рада, Радо пиши еден точак таму итн, итн. И тоа ќе биде стилот секој што сака да чуе, тоа да му биде ветено.
Затоа што нели човекот се обврза дека ќе ни даде ЖИВОТ, ќе ни даде ЖИВОТ на сите, таков му е слоганот.
Заев ќе ви даде живот, замислете, затоа што како што добро знаеме и како што самиот тој кажа на телевизија, тој е од Господ црпнат од нивата и донесен на ова место. Не за џабе. Замислете како го смислувале слоганот, колку напор требало Заев ќе ви даде живот.
Но шегата на страна, одамна ѓаволот ја однел шегата овде. Само запрашајте се за кого треба да гласам и што тој човек може да направи и да понуди за сопствениот народ и за сопствената држава. Реално, што може да направи, што може да понуди.
Прво, тргнаа да се казни и понижи дијаспората, да нема ниту еден пратеник ако е можно. Причина, зошто? Затоа што гласале за ВМРО.
Второ, Десен блок ќе направиле. Шарена револуција трето, десницата да се занимава со самата себе, ВМРО да се занимава со ВМРО, а реално тоа се неколку луѓе кои треба да одработат за Заев, да отцепат некој глас од ВМРО, далеку од доволно тие да имаат свој пратеник, но со надеж дека ќе е доволно ВМРО да загуби некој пратеник, и центар и лево да опфатат колку што тие можат. И нормално Катица да е здрава и жива да си штанца пријави по секаков основ и да држи прес конференции за тоа во целиот изборен период со измислени обвинувања без вина и без правен основ и докази.
Може ќе добијам и едно обвинение денеска што на настанов сме собрани многу повеќе од СДСМ. Чисто онака колку да не се без работа. Колку да си ја заработи платата жената, највисоката во државата, плата. Па не за џабе буџетот им е 4 милиони евра.Па внук и мора да земе плата овој месец, да ја заработи, исто и уште 100-тина Сдсмовци вработени таму, нивни роднини, комшии и пријатели кои нели го ,,зајакнуваат капацитетот,, на СЈО.
Тука кога ќе размисли човек СЈО има се повеќе значителен удел во намалување на невработеноста во Македонија. Па собраа куп луѓе, ем членови на СДСМ, ги згрижија имаат одлични плати и итн. Како порано не ни текна да направевме повеќе СЈОа, да ја намалевме невработеноста во земјата.
Освен супер активно СЈО, со штанцање на пријави и обвинувања, кои веќе се прочитани од народот и немаат ниикаква содржина, освен притисокот кој во континуитет ќе го вршат врз судиите и од тука и од надвор, освен ветувањето за се и сешто кон народот од страна на Заев и неговиот криминален клан, освен уфрлувањето на разни преваранти, криминалци и бивши разузнавачи да направат забуна пред изборите, и осмислените и советувани други два блока кобајаги трети патишта, чија единствена употребна вредност ќе е да направат барем мала штета на ВМРО, што секако нема да им успее бидејќи веќе се прочитани, сите се од нив веќе прочитана книга, не се нови во политиката. Стратегијата дадена како совет од оние кои на СДСМ им кажуваат што да прават, во овој изборен период, ќе се соочиме и со ситуација како оној случајот со криминално полициската хајка против Диме Спасов во која за среќа ги видовме снимките и се ни е веќе јасно. Откако пропадна операцијата со производителот на фалсификати наречен Чауш, сега не треба да се изненадиме ако во овој период одредени структури во полицијата креираат ваков вид или слични хајки со цел дискредитација и заплашување на водството на ВМРО. Ако имаше се уште некој што мислеше дека борбата да имаат министер за внатрешни работи пред избори е со цел да осигураат фер и демократски избори, сега веќе, после Чауш, после опколувањето на МВР со партиски алфа полицајци, всушност докажани криминалци, и после хајката врз Диме, мислам и на последниот човек во земјата се му е јасно. Снимките така јасно одговорија на се, што немам што да додадам, освен да замислам само што ќе се случеше ако беше обратно, ако МВР или министерот за внатрешни работи беше од ВМРО, а дополнителниот заменик за труд и социјална политика беше од СДСМ, а се другото да останеше исто, односно да се случеше истото.
Ууууф, па тоа ќе беше драма.
Прво, јунаците од СДСМ со трчање и плачејќи ќе отрчаа во сите можни амбасади во земјата. Веднаш во првата минута. После некој од амбасадорите мераклии да водат политика преку Твитер ќе твитнеа некоја порака, некоја порака ќе испратеа по твитер, и ќе побараа ИТНА средба за пола саат кај мене, а првата реченица ќе им беше дека нивните главни градови се загрижени, згрозени и шокирани. Небаре цели главни градови за нас расправаат таму. Потоа за саат-два ќе твитнеше најверојатно некој комесар или некој странски министер во поддршка на амбасадорите, онака случајно и несинхронизирано. Следат ситуација луѓето и им текнало баш за тоа. Потоа најмалку пет амбасадори ќе прочитаа нешто под прозорот или во Владата или во штабот, кај што сум сега, во смисла дека демократските процеси се загрозени, дека се многу загрижени, дека очекуваат решително расветлување на случајот, дека ќе влезе во сите можни извештаи на свет и препораки, дека ќе има одговор, санкции и други работи од добро познатиот вокабулар на слични реакции. До вечерта и сигурно и едно, два три министри за надворешни работи на други држави ќе изразеа сериозна загриженост, осуда, предупредувања, одблиску ќе следат што ќе се случи, одблиску мониторираат, па дека ова не оддалечува од НАТО, не оддалечува од ЕУ и итн.
Од утредента сите НВО на еден познат светски филантроп ќе се изредеа, и нивните домашни платеници ќе се испотепаа кој повеќе да нападне и исплука небаре хонорарот што треба да го добијат и заработат е по учинок.
Во целата таа гужва, драги пријатели, најсреќен ќе беше СДСМ и Зоран Заев. Ете ти причина пак да не одат на избори, да најават бојкот, и Заев со неговото познато викање кога збори на прес конференција со 45 луѓе зад него ќе го најавеше излегувањето од изборниот процес.
Платениците што шараат низ градот, веќе ќе се развозеа со бои во комбињата и ќе ја прославуваа новата шанса за хонорар од филантропот и неговите поддржувачи. Во многу европски медиуми каде филантропот има контрола или влијание ќе се пренесеше ужасната слика на режимската власт и кутрите слободоумни опозиционери, а ако случајно ВМРО не одговораше веднаш дека ќе ги одложи изборите, Али, Мендух, Љубчо, Љубе веднаш ќе објавеа дека и тие нема да учествуваат на изборите. Нормално, на ова, на оваа објава ќе се јавеше веднаш Павле Трајанов, ќе објавеше дека тој пред сите прв објавил дека нема да учествува на изборите, дека не е он петти, дека е прв. Така што, нормално на ова ќе се налепеа разни маргиналци и платени новинари и аналитичари, по некој залутан Владика во политиката, по некој глумец, пејач, спортист, лекар, бивш претседател на суд, професор итн.  за да е разноврсно, да не е само од едни. И навреме да фатат приклучок кон новиот колач хонорари или да одработат некое идно наградување.
Е, ама бидејќи сега е обратна ситуацијата, од амбасадорите, комесарите, министрите и слични на нив имаме молк, ни траг ни глас, никаде ги нема, не сакаат луѓето да се мешаат во внатрешните работи на една суверена држава нели, не се они такви. А од овие домашните почнаа битка за одбрана на криминално полициската хајка. Значи срамната одбрана мора да е со домашни сили, тие нека се брукаат, па џабе ли се платени? Ете тоа е Македонија, тоа е Македонија во ова време, драги пријатели, тоа се тие двојни стандарди, двојни аршини. Но тука е и народот единствениот и најважен амбасадор, за нас од ВМРО-ДПМНЕ. Единствениот и најважен амбасадор на којшто ние се потпираме, гледајќи со што се се справуваме, ќе стави крај на целата ова игра, и не само тоа, туку казната ќе е со камата, за малтретажата во овие две години на сите граѓани, и изгубените шанси за нови инвестиции и уште поголем напредок на земјата. Казната ќе е со камата на 11-ти декември.
Ни СЈО со вештачки креираните обвиненија и истраги ќе им помогне, ни тој Мухи со двојазичноста на цела територија со Заев заедно, ни Оливер со партиските Алфи, ни оној Слободан Богоевски, ни дружините на Павле и Љубчо, ни секојдневните прес конференции со лажни тези. Кога со народот мајтап играш, казната не ти бега.
Е сега кога сме кај СЈО и кризата, неодамна од господинот Ахмети разбравме дека СЈО требало да работи до влезот на Македонија во НАТО, така кажа човекот, излезе и кажа треба да работи до влезот на Македонија во НАТО.
Сакам во оваа прилика да му се заблагодарам на господинот Ахмети, затоа што тој е првиот политичар во Македонија кој јавно и без влакна на јазикот ја доведе работата на СЈО со влезот на Македонија во НАТО. Тоа што многумина го мислат и планираат тој го кажа. Односно со остварувањето на политичката агенда, а не агенда на владеење на правото. Кога ќе се земе предвид дека за членство во НАТО е потребно само решение за името, тогаш неговата реченица може лесно да се преведе и разбере, нејзината вистинска суштина е следнава, а тоа е СЈО нека работи додека Македонија не го смени името на државата. Тоа е всушност пораката којашто многумина ја мислат, а тој е првиот политичар во Македонија која јавно ја кажа.
Благодариме Ахмети. Навистина, свесно или не, прв јавно кажа која е целта за формирањето СЈО, И зошто некој бара продолжување на неговата работа.
И кога сега ќе се потсетам на некои работи кои ги говорев во минатото кога опозицијата тврдеше дека тоа што го прават е автентична нивна агенда, сфаќам дека сум бил во право кога сметав дека времето, времето ќе даде одговор на многу работи поврзани со кризата.
Драги пријатели,
Во овој момент и самиот Заев знае дека ќе ги изгуби изборите.
ЗОШТО ЗАЕВ НЕ МОЖЕ ДА ПОБЕДИ И САМИОТ Е СВЕСЕН ЗА ТОА?
Затоа што нема што да понуди, затоа што никој не верува дека тој човек може да биде премиер. Затоа што сите знаат дека тоа што денес го кажува утре нема никаква вредност. Зборот за него не вреди. Тоа е човек кој пред најблиските со гордост вели дека нема проблем да излаже нешто денес и да го заборави утре.
Човек кој молел кај странци да ја уназадат Македонија во евроатланските интеграции, само за да може да ја критикува нашата Влада. Човек кој нуди насекаде работи кои не може да ги реализира мислејќи дека ќе прелаже некого да гласа за него. Човек кој лицитира со националните интереси и нуди редефинирање на државата, двојазичност на целата територија на државата, и што уште не, само затоа што мисли дека ќе добие кај едните тоа што не го добил кај другите.
Човек што својот град го направи гнездо на семејни тендерски врски, човек чии брат, и неговите роднини ги земаат сите тендери во Струмица и велат дека нема ништо незаконско и неетички во тоа, како што нели Катица си го вработи внукот и вели дека нема непотизам во тоа, туку тоа било зајакнување на капацитетите на СЈО.
Тој човек се вика Зоран Заев и повеќе од 64 проценти во неговата изборна единица имаат негативно мислење за него, во неговата изборна единица.
Е сега, еве вас ве прашувам дали таков човек заслужува да биде Премиер?
Значи ако тој е премиер, брат му ВИЦЕ, што ќе биде? Вице Премиер нели..
Така е тоа, нив си ги добивате во пакет.
Со се чичо му Трајче кој добил едни тендери…со снаа му … која добила други тендери во Струмица…со Радмила која се расфрла со издавање станови и вили на фирмата на нејзиниот сопруг,
Тоа е пакетот. Како MAX ТВ, не сакаш можеби спорт ама го добиваш во цената. Во пакет е тоа е тоа, си оди заедно!
Почитувани граѓани, драги пријатели, почитувани присутни
Дозволете да ви кажам генерално на што се сведуваат овие избори.
Имено, човек во својот живот честопати се соочува со некаков избор, одбира во кое училиште ќе оди, дали и на кој факултет ќе продолжи, што сака да спортува, што би работел, каде сака да оди на одмор, дали додека игра кошарка или фудбал ќе шутне или ќе ја додаде топката на соиграчот…..сето ова се одлуки, некои поважни, некои помалку важни, но тоа се лични одлуки кои секој од нас ги носи.
Изборот за себе значи правец во кој сакаш да оди твојата иднина, твоите планови.
Има моменти кога човек се соочува со избор кој навидум делува лесен но во суштина е многу тежок, исто како што има одлуки кои изгледаат навидум тешки, но всушност воопшто не се.
Така е и со овие парламентарни избори кои се пред нас, изборот е помеѓу две алтернативи. Споредете ги самите.
Едната опција која создаваше кризи, и другите кои и покрај се се трудат да работат, да помагаат, да создаваат, да градат и покрај сите пречки и опструкции.
Едните кои сееја омраза и поделеност, и другите кои и покрај се, работеа на конкретни проекти и мерки кои го подобруваат вашиот живот.
Едните кои се надеваат некој однадвор да ги донесе на власт, и другите кои се надеваат на довербата на народот кој гласа во ова земја, и се трудат да ги исполнат дадените ветувања кон него.
крај на сето ова секој од нас треба да се праша самиот –
Со кого ќе ми биде на мене лично подобро, со ВМРО или со СДСМ?
Кој ќе сработи повеќе, кој подобро ќе се справи со економските предизвици, кој ќе отвори повеќе нови работни места, ВМРО или СДСМ?
Со кого ќе се чувствувам посигурно, кој ќе обезбеди поголема безбедност и лична и национална, ВМРО или СДСМ?
Кој има подобар кадар, тим и програма ВМРО или СДСМ?
Кој држи повеќе до зборот, до ветувањата, ВМРО или СДСМ?
Кој има поголеми успеси во борбата против криминалот и корупцијата, ВМРО или СДСМ?
Кој ќе обезбеди  повисоки плати, повисоки пензии, повисока социјална помош, на кого повеќе му верувам за тоа, на ВМРО или на СДСМ?
Кој ќе биде достоинствен пред уцени, и со кого нема да се срамиме кога еден ден ќе погледнеме наназад, кој ќе ги штити државните интереси подобро…ВМРО или СДСМ?
Во суштина ова е едноставен избор и покрај сложените околности во кои се прави.
Избор помеѓу две комплетно различни концепти и избор помеѓу двајца кои се кандидираат за Премиер, мене или Зоран Заев.
На овие избори секој носи одлука по два основа.
Ова е одлука за себе, за тоа кој може и знае на тебе и твоето семејство да ти овозможи подобар живот и да ти пружи повеќе можности, и реши повеќе проблеми. За тоа кој има подобра програма со конкретни мерки, која е реална, и нуди решенија на твоите секојдневни проблеми и за која знаете дека со сигурност ќе се реализира.
Кој ќе работи попосветено и ќе отвори можности и ти да работиш? Со кого ти и твоите сте посигурни дека нема да ве остави на цедило и може да се потпрете на него?
Кој е поработлив и ќе ја движи државата напред?
И од поинаков агол, овие избори се и еден вид на друга одлука.
Одлука за Македонија!!!
За Македонија која не потклекнува пред уцени и сценарија.
Македонија која е силна и нема да дозволи да ја држат под постојана тензија, да ја редефинираат и променат на полошо, и да си поигруваат со нејзе и со извесноста на нејзината иднина, со нејзиниот суверенитет и државност. Македонија која сака да оди напред верувајќи во сопствените капацитети и вредности.
Време е Македонија да продолжи да оди напред!
Доста беше криза! Доста ја влечеа државата надолу! Време е да се остави конфликтноста и поделеноста зад нас и да продолжиме напред со силно темпо!
Ако верувате во Македонија, Вашиот избор е јасен!
Да сте здрави и живи и нека е вечна Македонија!
Да живе Унијата на Жени на ВМРО-ДПМНЕ!
Да живее ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Подобра Македонија!
Да живее Република Македонија!
Уште само 5 недели!!! Победуваме!!!
УШТЕ 5 НЕДЕЛИ ДО ОДГОВОРОТ КОЈ ТРЕБА ДА ГО ДОБИЈАТ СИТЕ КОИ СИ ИГРААТ СО ЧУВСТВАТА НА НАШИТЕ ГРАЃАНИ И ГИ ДРЖЕА ВО ЗАЛОЖНИШТВО ЦЕЛИ 2 ГОДИНИ! ПОД Т

Пронајдете не на следниве мрежи: