Николина Славковска е личноста која го започна модниот проект „Fashion in Skopje“. До сега ја гледавме како новинар и фотограф која се грижеше другите да изгледаат убаво, но сега таа го прифати предизвикот во ова издание да биде во улога на фото модел.Запознајте одблиску која е Николина Славковска.
И.А.: Пред да преминеме на главното, би сакала да ни кажеш нешто повеќе за себе.
Н.С.: Позитивна, полна со идеи и човек кој никогаш не се откажува од замислената цел што ја има зацртано во глава. Останатото тие што добро ме познаваат нека дополнат, а за другите многу не се грижам (се смее).
И.А.: Уште од мали нозе те привлекуваат музиката, танцот и камерите. Дали си и ти поборник за теоријата дека децата уште додека се мали треба да се поттикнуваат да го следат својот сон?
Н.С.: До некаде се сложувам, до некаде не. Најпрво, не е доволно да имаш само талент, тоа е само 10% од верзијата која треба да ја претставиш пред другите. Талентот е дарба од Бога и тука нема, „ама јас сакам да бидам како него/неа“. Секој е предодреден за некоја мисија на светов која треба да ја исполни, но да беше тоа толку едноставно, до сега ќе чувме и за повеќе личности кои сега се кријат во своето дувло. Точно е дека треба да се работи на себе и својот талент, но треба да знаеш како да го менаџираш. А како ќе знаеш да го менаџираш, ако најпрво не се образуваш и сознаеш малку повеќе за себе и светот кој те опкружува? Кога си сѐ уште млад за такви предизвици, можеш многу лесно да се изгубиш. Тогаш си лесна мета на разноразна злоупотреба на туѓи цели. Треба да се биде психички подготвен и сигурен за целта која се сака да се постигне. Успехот е тука и секогаш ќе нѐ чека. Сѐ до тогаш, не се откажувајте, вложувајте на себе и терајте си го својот филм.
И.А.: Беше дел од популарните „Сител бамбини“. Колку тоа искуство сметаш дека ти го смени животот?
Н.С.: Јас мислам дека како таква детска емисија, нема никогаш да има. Мене детството ми помина пред камера со „Сител бамбини“. Имаше многу магија во тој проект, невиност, љубов и искреност. Природноста на сите случувања во него ми го запечатија детството. Сѐ уште се сеќавам на водителката Деси (која во оваа пригода ако го чита ова, ја поздравувам), на многуте игри, песни и кореографии. Емисијата се емитуваше во живо секоја недела со почеток од 11 часот (гледаш, сѐ уште знам), каде се подготвував со нетрпение, возбуда и среќа. За оние кои не знаат за мене, имав почетна музичка кариера (се смее). Имав своја песна, а и еден дует со сестра ми, која ни ја подготви Ристо Самарџиев. Тоа беа навистина добри стари времиња кои никогаш нема да ги заборавам, а чија голема благодарност ѝ ја должам на мојата мајка.
И.А.: Според твоите сколоности кон креативните нешта, дали сметаш дека постојано треба да работиш на себе за да ги усовршиш талентите?
Н.С.: Ништо не доаѓа лесно во животот. Тоа на сите ни е повеќе од јасно. Тоа што некој има талент, не значи дека треба да ужива, зашто не му е даден само така на поклон. Мора да се работи 100% на себе, ако сакаме да видиме успех. Еве прост пример, одиш во теретана, вежбаш еден месец и мислиш дека е доволно за да изгледаш фит? Или решена си да научиш нов јазик, мислиш дека за 3 недели ќе го усовршиш? Сѐ си бара време и многу труд. Ако навистина не го сакаш тоа, тогаш воопшто не ни влегувај во „игра“.
И.А.: Опиши како треба да изгледа еден идеален ден според тебе.
Н.С.: Задачата за мојот идеален ден е кога ќе успеам да нацртам насмевка на туѓите лица. Било тоа да е најобична шала, искрен збор, услуга итн. Кога луѓето би мислеле барем малку и на другите, освен на себеси, тогаш ќе ја видат убавината и вредноста на животот.
И.А.: Хоби ти е фотографирањето. Кој е „виновникот“ поради кој одлучи за прв пат да земеш фотоапарат во раце?
Н.С.: Ова е многу интересна ситуација во мојот живот. Сето си дојде случајно. Тоа што ви кажав и претходно. Јас сум личност што не може да поднесе да седи дома во четири ѕида. Јас морам нешто да правам со себе, морам, инаку ќе полудам (се смее). Имам многу енергија во мене што не знам каде да ја насочам. Имаше период кога скоро цело време излегував по кафулиња и слушав едни исти муабети. Кога тоа се случува постојано, ти станува досадно и решив да не излегувам на такви собиранки, зашто почувствував дека губам време за нешто што е непрогресивно за мене. Имав дома апарат кој букавално си фаќаше прашина, никој не го користеше, а ѝ беше подарен на сестра ми за роденден.
Нејзе меракот ѝ помина и го остави така. Решив да го понесам со себе апаратот каде и да одам и да почнам да сликам. Сликав природа, животни, случајни минувачи, обични работи. Кога им ги покажував сликите на пријателите се изненадија и ме прашуваа како тоа ми успеало. Јас сѐ уште немам одговор. Едноставно рацете и оково мое сами си се вклопија. Навистина немам објаснување, бидејќи ни самата не знаев што сум направила. Тоа ме мотивираше да продолжам и да се спознаам себеси. Да видам зошто фотографијата ми буди задоволство и среќа и каде сето ова ќе ме однесе. Љубопитна сум што ме чека таму некаде.
И.А.: Што фотографираше за прв пат?
Н.С.: Колку што можам да се сетам, мислам дека прво почнав со Скопје. Најобично тргнав, без многу подготовка, никаква прочитана теорија, никаво знаење и сликав. Чудно е со имам некоја визија во глава, како потскриени фолдери во компјутер што се кријат и чекаат да бидат пронајдени. Ви кажувам, немам објаснување (се смее). Природно е.
И.А.: Прилично си млада, но си амбициозна, непоколеблива и точно знаеш што сакаш. Дали поради тоа се имаш најдено во незгодна ситуација?
Н.С.: Во повеќето случаи сум се нашла во такви ситуации. Јас сум искрена и директна личност, и тука не можам поинаку. Некој се носи со моите зборови, некој не. Така и со постапките, сѐ што правам, правам со голема доза на страст и љубов и тука не можам да се извинувам за исходот од тоа. Порано многу сум се плашела што ќе биде ако биде, да не повредам некого за нешто, а додека размислувам мене веќе ме уништија. Животот си тече и мора нешто да се прави. Ако правам нешто добро, нека ми простат, но не можам да се извинам (се смее).
И.А.: Неодамна започна со проектот Fashion in Skopje. Од каде ти текна идејата да го стартуваш овој проект?
Н.С.: Сакав да направам нешто различно, нешто поинакво. Сакав да се издвојам од толпата, да направам и кажам нешто гласно. Чувствував дека имам потреба некому нешто да кажам, да бидам нечија мотивација, да покажам дека можам. Ова е мој прв „бебе“ проект кој го почнав многу невино и искрено. Сите ја знаеме модата низ светот, но кој ја знае модата во Скопје? Да им го овозможиме тоа на луѓето тука, а и надвор малку да ѕирнат што се случува овде. Бидејќи имам завршено новинарски студии, сакав и тоа некако со фотографијата да го склопам и да создадам нешто убаво. Вака звучи едноставно, но ние сме позади еден голем тим. Шминкер, фризерско студио, бутици за соработка, девојче кое ни подготвува специјален накит, јас како новинар и фотограф. Една недела однапред сѐ се организира и планира што ќе се објавува во наредната недела. Има доста работа позади убавата слика која ја гледате објавено во јавноста. Тоа што го носи зборот свежо во градот е „Fashion in Skopje“.
И.А.: Какви се реакциите на луѓето?
Н.С.: Искрено се изненадив, дури со секоја наредна објава сѐ повеќе посетители имаме. Има интерес кај луѓето, некои веќе почнаа сами да се пријавуваат за да бидат дел од него. Сето тоа ме возбудува и ми покажува зошто всушност тоа го правам. Штом гледам насмеани и задоволни лица, повеќе ништо не ѝ треба на мојава душа.
И.А.: Дали би можела накратко да откриеш што може да се очекува од овој проект во иднина?
Н.С.: Сѐ што ни јас не би знаела (се смее). Немам план, имам поставено основен концепт кон што треба да води и каква слика треба да презентира. Од мене може сѐ да очекувате, бидејќи ги сакам предизвиците. Едно сигурно знам дека нема да ве оставам „гладни“ (се смее).
И.А.: Велат дека омилените нешта откриваат многу за карактерот. Која е твојата омилена филмска сцена и зошто?
Н.С.: Мојата омилена филмска сцена не е поврзана со некој љубовен пар (се смее). Мојот омилен филм кој секогаш буди длабоки емоции во мене и на кој секогаш можете да ме видите како плачам е „Hachi“. Филм посветен на безрезервната, единствената и никогаш повторлива љубов на кучињата кон човекот. Многу ги сакам животните, но со кучињата имам посебна врска. Можеби зашто себеси се гледам во нив. Како што тие сакаат, така и јас. Така што, оние што го немаат гледано, топло им го препорачувам. Меѓу другото, очекувам слики со расплакани лица (се смее).
И.А.: Кои карактерни особини најмногу ги цениш кај луѓето?
Н.С.: Дефинитивно искреноста. Колку и да боли не е важно, само кажи тоа што имаш. Зошто комплицирано, кога може едноставно? Друга и најважната работа, ако не се позитивни луѓето околу мене, јас сигурно нема да бидам околу нив. Да бидеме јасни (се смее). Колку што јас давам позитива на денот, мора и може друг тоа да го направи. Трето, многу ме смирува и радува кога ќе видам одредени личности да си помагаат еден на друг. Малку моралните вредности се изгубија и луѓево некако трагаат по нешта што не се реални. Доцна е кај нив да се менуваат таквите особини, но затоа можеме фокусот да го ставиме на најмалите, зашто тие ќе бидат нашата иднина.
И.А.: Што не можеш да поднесеш кај некоја личност?
Н.С.: Дволичност, лажење, себичност, доцнење, неправда. Луѓе што не знаат што да прават со себеси. Иако не ги поднесувам овие карактерни особини, сепак им давам една шанса да се поправат во односот со мене. Доколку тоа не го искористат, не можам да им помогнам, колку и да сакам. Како што знаеше да каже нашиот Тоше „Да имав моќ, би направил да исчезне сета омраза меѓу луѓето и да има љубов..“. Тоа и јас го посакувам најмногу.
И.А.: Ти си сестрана девојка. Дали тоа значи дека динамичноста те следи во сите сегменти од животот?
Н.С.: Сакам секаде да постигнам и да не занемарам никого. Да посветам време дома, на работа, со колеги, пријатели. Посакувам да можев секоја ситуација да ја конторлирам, но тоа е невозможно. Тоа го може само Бога. За сите наоѓам време, освен за себе. По ова може да се дефинира колку ми е забавен и динамичен животот (се смее).
И.А.: Велат дека модата се повторува. Твое мислење?
Н.С.: Нека се повторува колку сака „Таа“ мода, која некој сака да ја наметне. Но, мислењето под некоја тема нема да може. Цврсто стојам на тоа дека ако мене нешто ми се допаѓа ќе го носам, само зашто мене ми се допаѓа, но не и на другите. Модата си има две страни, како и секоја друга работа во животот. Некогаш знае да внесе свежина, а во друг случај знае да шлогира. Јас лично модните трендови ги „листам“ како страниците од некој магазин, но ништо од нив не сечам за да „прилепам“ на мене. Сѐ е до вкусот и до тоа како се чувствуваш во него.
И.А.: И за крај, што би им порачала на читателите на Puls24.mk?
Н.С.: Да не го трошат залудно времето. Некогаш е добро да го свртите погледот кон себе и да си пружите рака и запознаете со себе. Ако имате сон посветете му се максимално. Не слушајте туѓи мислења, бидејќи верувајте, ќе ја почувствувате слободата за која говори и мојот проект „Fashion in Skopje“. Живејте!
Интервјуто го подготви: Ирина Анчевска
Фризура: Милена Цапов (Studio Urban Artist) Шминка: Небојша Пешевски Облека: Drama studio Обетка: Марија Канзурова
Фотографии: Дамјан Крстевски
Следете нѐ на Фејсбук: Fashion in Skopje
Следете нѐ на Инстаграм профилот: @fashioninskopjeЗапознајте одблиску која е Николина Славковска.
И.А.: Пред да преминеме на главното, би сакала да ни кажеш нешто повеќе за себе.