Техничкиот министер за внатрешни работи Олиер Спасовски уште еден месец пред да ја измисли аферата со возачките дозволи знаел дека афера нема, туку се работело за фабричка грешка. Фирмата се заложила да ги замени тие 70.000 возачки дозволи бесплатно со наредната планирана пратка.
Како што објави Дневник, Германците уште во декември му се извиниле на Спасовски и побарале возачките дозволи со грешни сериски броеви да бидат уништени и дека на трошок на фабриката ќе бидат печатени и испратени нови 70.000 обрасци. Уште повеќе, на 22 декември директорот на фирмата со цел лично да се извини за грешката со приватен лет пристигнал во Скопје, а Спасовски го прифатил извинувањето.
Но еден месец подоцна министерот од СДСМ одржува прес-конференција на која објавува дека тој лично поради сомневања формирал комисија за внатрешна контрола, која открила 70.000 обрасци за возачки дозволи што не биле внесени во магацинскиот компјутер бидејќи такви возачки дозволи веќе постоеле.
Спасовски ја објави аферата во екот на информациите за негова лична поврзаност и врски со СДСМ со Чаушот, првоосомничениот за аферата за фалсификувани лични карти, кај кого беа пронајдени и десетици илјади прислушувани разговори. Министерот од тогаш не одговара на повиците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ јавно да соопшти до каде е истрагата и да одговори дали има кривични пријави и против кого.
Дописот на „Веридос“ како реакција на неговата прес-конференција целосно ја разобличуваат измислената афера на Спасовски. Во истиот е нагласено дека неговите вработени уште на 15-ти декември навремено ја информирале германската фирма за грешката.
-Вашите вработени навремено не` информираа на 15 декември 2015 година за овој проблем и откако извршивме внатрешна истрага, утврдивме дека грешката е предизвикана од наша страна и на 17 декември официјално се извинивме за неа и го информиравме министерството дека тие картички треба да бидат уништени на самото место. Ние лично се заложивме да ги замениме тие 70.000 возачки дозволи бесплатно со наредната планирана пратка. На 22 декември нашиот претставник допатува во Скопје со цел лично да се извини за грешката и ја понуди безусловната помош за с` што му било потребно на министерството за овој процес. Повторно ви се извинуваме за настанатото недоразбирање. Ви стоиме на располагање за каква било поддршка што ќе ви треба од нас, стои во дописот.
„Веридос“ е всушност заеднички покровител меѓу лидерите на пазарот за печатење документи и пари „Гизке и Девринт“ и „Бундесдрукерај“ во сопственост на германската влада. Оваа фирма печати дел и од еврата. Со македонската влада соработува од 2007 година. Во дописот се вели дека соработката меѓу германската фирма и македонското МВР била толку добра што фирмата го надградила македонскиот пасош со најмодерни карактеристики без никаков трошок.
„Со гордост изјавуваме дека македонскиот пасош денес се вбројува меѓу врвните пасоши во светот според физичките карактеристики, како и во однос на електронската безбедност“, се објаснува во дописот.