Нова форма на демократија за Западен Балкан

Светот врие. ЕУ на дело покажа голема политичка дисфункционалност. Се добива впечаток дека не постои сила подготвена да покаже план за справување со урбаниот тероризам, кој секојдневно зема невини жртви, деца, мајки, млади. И она малку што остана од граѓанската замисла за некакво супериорно НАТО, се стопи како лед на сонце пред очите на секој обичен граѓанин кога гледа како никој не може да го прекине хоророт што се случува буквално секаде, на плоштади, цркви, трговски центри, возови, домови, болници. Обичниот човек е оставен сам на себе. Сопствената заштита му останува да ја преземе само како лична обврска.Никој не го штити од злото, од хоророт, од бесперспективноста. Светските политичари изгледаат повеќе од збунето. Изгледаат дезориентирано во политиката и решенијата што ги нудат. Ако воопшто ги нудат. Сите се повеќе или помалку хаотични во реакциите и плановите. Светската политика, колку и да покажува мускули во одредени моменти, нема решенија за многубројните секојдневни проблеми, и предизвици.
Но, каде е Балканот во оваа приказна? Се препушта ли регионот во пасивноста и во летаргијата на европско ниво или знае да го препознае моментот за демонстрирање активизам? Дали земјите од Западен Балкан имаат желба да ја искористат европската зашеметеност и еднаш во историјата да покажат одлучност на дело, да преземат активности што ќе бидат исклучиво во интерес на регионот? Знае ли регионот да го „фати моментот“ и да го искористи на позитивен начин за себе и своите интереси? Факт е дека земјите од регионот се соочуваат со исти, ако не и со идентични политички, економски, етнички и други предизвици и проблеми.
Во услови на сложени и мошне комплексни геополитички случувања во светот и во Европа, балканските држави не смеат да си дозволат позиција на пасивно следење на настаните, или уште понеприфатливо, некритичко држење на страната на НАТО и на ЕУ по секоја цена. Во овие два сојуза, барем според тоа како стојат сега работите, на подолг рок нема да има нови проширувања, ниту позначајни поместувања кои би ја надминале статус кво позицијата на земјите од Западниот Балкан.
Тековните политички случувања во регионот и во Европа бараат будно и внимателно следење на политичките текови и навремено, а не задоцнето, позиционирање на земјите на глобалната политичка сцена, имајќи ги предвид, пред с`, сопствените национални, а потоа и другите интереси во контекстот.
Балканот не смее да дозволи повторно, и по не знам кој пат во историјата, да биде „колатерална штета“ од „битката меѓу двата слона“. Познатата мисла „кога два слона се во офанзива, први страдаат мравките под нив“ мора да ни биде секогаш на ум со цел стратешко креирање пристојна дистанца од која „битката меѓу слоновите“ ќе можеме да ја гледаме порационално, со далеку поголема објективност и смиреност, и што е најважно, без штети на страната на регионот во секоја смисла на зборот.
Дистанцата од актуелната „битка“ не значи повик за политичко пасивизирање на државите, туку напротив, поголема будност, внимателност и водење сметка, пред сй, на националните и регионалните интереси. Будноста треба да донесе и поголема предност во меѓусебното консолидирање на односите, пред тие да ни бидат „консолидирани“ од некој друг. Дистанцата ќе ни донесе и поголема прагматична предност, како и решенија што најмногу ќе ни одговараат како соседи, и како пријатели. Секако, таа ќе може да ни донесе и многу поголема предност во позиционирањето при идната распределба на моќта во с` поизвесниот нов европски и светски поредок што е во фаза на создавање.
Навременото антиципирање на овие нови политички моменти е клучен фактор за квалитетно подобрување на меѓудржавните политичко-економски релации и односи. Kвалитетното подобрување на односите ќе може да се направи преку проактивно размислување за создавање нови алатки, нови механизми што ќе продуцираат нов политички импулс на Балканот. Во оваа смисла, треба сериозно да се размислува и за идејата за формирање нова меѓудржавна платформа на земјите од Западниот Балкан која треба да се сфати како почетна основа за создавање нова визија за долгорочен развој на регионот.
Зависно од политичкиот и од граѓанскиот ентузијазам во процесот, но и зависно од посветеноста и од одговорноста на сите клучни чинители, новата платформа може да создаде добра основа за поголема самоодржливост на Балканот, и поголема функционално-политичка кохезија неопходна за воспоставување посилни релации на доверба и взаемна поврзаност меѓу државите. Овој нов концепт треба да доведе до надминување на постојните интровертно поставени држави во регионот кои се фокусирани само на себе, и на своите проблеми. Недоволната посветеност и демонстрирана грижа и емпатија за проблемите на соседот, неминовно го води Балканот кон процесот на пропуштање на заедничката позитивна перспектива. Но, од друга страна, ако знаеме да го искористиме моментот на позитивен начин, тоа ќе доведе до подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани, и обезбедување услови за долгорочна стабилизација на трусната балканска почва.
Новата политичка платформа не треба да се гледа како замена на постојната регионална соработка на земјите од регионот што се води под покровителство на ЕУ. Таа не треба да биде претставена како замена на постојниот Регионален совет за соработка. Новата платформа треба да понуди надградба на постојните регионални релации и односи, без на помош да се повикуваат старите и истрошени форми познати од времето на политичкото едноумие. Новата платформа треба да биде фокусирана на позасилено конципирање и реално спроведување на политиката на широко отворени соседски врати како нов политички механизам за засилено политичко, економско, културно и друг вид поврзување и помагање на земјите од регионот.
Во политиката, само интересите се вечни. А земјите во регионот, и покрај тоа што со векови живеат едни до други, с` уште не се доволно свесни за потенцијалот на тие заеднички интереси. Тие интереси ниту се доволно дефинирани, ниту се доволно искористени. Ако земјите од регионот не вложуваат поголема енергија во процесите на алоцирање на интересите, регионот самиот, и би рекла свесно, ќе се препушти на интересите на посилните. Kако што е тоа случај во моментов.
Kористејќи ја нашата политичка инертност и незаинтересираност, „слоновите“ намерно н` оставаат да бидеме „затворена книга“ од која секојдневно треба да се плашиме да ја отвориме. Намерно се создава клима на меѓусебна недоверба според правилото „подели па владеј“. Живееме едни до други без да знаеме ниту еден ред од нашите „затворени книги“. Новата политичка платформа треба да го замени пристапот на „затворена книга“. Треба да се понудат повеќе нови механизми за паметно отворање на секоја страница, и внимателно „читање“ на секој ред содржан во неа.
Од секоја завртена нова страница, регионот може само да профитира. Потребен е паметен пристап, паметна моќ во регионалните политички процеси. Стратегијата на паметна моќ треба да се заснова на два клучни елемента: многу позасилена меѓудржавна соработка на секој план од онаа што постои сега, и креирање нови алатки, како и унапредување на постојните, за унапредување на пријателството и разбирањето на земјите од регионот.
Познатиот слоган „повикај пријател кога си на мака“ треба да биде клучната основа врз која треба да се гради новиот политички пристап и соработка меѓу земјите во регионот. Основата на пристапот треба да ја најдеме во искреното пријателство, а политичката платформа врз која треба да го градиме пристапот во политичките и друг вид интереси на државите и на граѓаните.
Што ни останува ако не сме паметни и мудри навреме да се позиционираме во политичка смисла?
Западниот Балкан е веќе дел од сценариото, и политиката на „црни дупки“ во светот. Сценариото има за крајна цел политичко купување на државите во регионот. Механизмите можат да се видат преку процесите на дисциплинирање и политичко покорување на легитимно избраните политичари во регионот. Инструментите се од различна природа-уцени, закани, психоза, вештачки креирања на некакви „шарени револуции“ и слично.
Филозофијата на ова политичко заробеништво е многу јасна. Легитимно избраните политичари во нашите земји наместо да работат за интересите на своите граѓани, треба да им се покоруваат на интересите на странските центри на моќ. Се погазува изборниот резултат и политичкиот легитимитет на победникот, се создаваат паралелни институции во државниот систем како вид диво месо, се девалвира меѓународното и националното право и правен систем, се уништува вредноста на демократијата. Дисциплинирањето на политичарите е одамна започнат процес во регионот. Примерот со легитимно избраниот премиер на Србија кој никако да состави влада по своја мерка, примерот со г. Груевски кој по налетот на странското политичко „цунами“ беше приморан времено да се повлече од премиерската позиција, случувањата во Црна Гора, БиХ, Албанија, се доказ дека регионот е зафатен од чумата на интересите на светските центри на моќ. Под наводните процеси на демократизација на политичките системи на земјите во регионот се случува политика на режимска власт на странците. На сцена е класична неофашистичка политика на политичко освојување туѓи држави преку примена на современи тактики на потчинување на политичарите, а преку нив и на граѓаните во конкретните земји.
Вакви процеси се присутни во сите земји од регионот. Она што јасно се наметнува како потреба е итно освестување и создавање нова форма на демократија која наместо да го дели регионот, ќе го поврзе на суштински начин. Доста ни се регионални поделби. Потребно е меѓусебно сплотување и разбирање на интересите. Новата форма на демократија треба да биде поттикната од новата политичка платформа на поврзување на земјите од Западниот Балкан. Платформата треба да се види како импетус за новата демократска идеја на регионално-политичко поврзување и споделување. Паметната и инклузивна политичка моќ може да ги победи сите демони и стравови што надвиснале над Балканот и да сврти нова страница на една нова, отворена, пријателска и солидарна книга на балканските држави и граѓани.
 
Пишува: Тања Kаракамишева-Јовановска за ДневникНикој не го штити од злото, од хоророт, од бесперспективноста. Светските политичари изгледаат повеќе од збунето. Изгледаат дезориентирано во полити

Пронајдете не на следниве мрежи: