Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски, денеска извршија увид во градежните работи во изградбата на нова детска градинка во Горно Лисиче.Се очекува новата градинка да биде готово до крајот на август, односно да биде подготвена да прими дечиња на почетокот на учебната година.
Новата детска градинка ќе има капацитет до 100 дечиња и ќе ги исполнува сите неопходни стандарди за ваков тип институции, овозможувајќи современи услови за згрижување и престој на деца од претшколска возраст.
Објектот ќе содржи две големи занимални, простор за прием, кујна, санитарни јазли и административен простор. Детската градинка ќе биде опремена со креветчиња, масички, столчиња, плакари, нагледни средства и играчки.
Новиот објект, кој ќе биде енергетски ефикасен со еколошки прифатливи материјали за изградба, се гради во соработка со Министерството за труд и социјална политика, кое учествува со половина од неопходните финансиски средства во висина од 13 милиони денари.
Исто така, во текот на оваа година се гради уште еден нов објект на градинката „Срничка“ со капацитет за прифаќање 200 дечиња, кој се очекува исто така да биде готов на почетокот на септември.
Во 2017 година, пак, во рамки на градинката „Буба Мара“ ќе биде изграден уште еден нов објект со капацитет за, исто така, 200 деца.
Се очекува новата градинка да биде готово до крајот на август, односно да биде подготвена да прими дечиња на почетокот на учебната година.