Новата зграда на ЕЛЕМ е готова

Loading...

Новата административна зграда на АД ЕЛЕМ е 99 отсто готова, а се очекува завршување на работите и вселувањето да биде кон крајот на идниот месец. Во новата зграда ќе бидат сместени ЕЛЕМ, ЕЛЕМ Турс и ХЕЦ Треска.
 
 Ова беше речено при денешниот увид на градежните работи од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и директорот на компанијата, Христијан Мицковски.
Зградата ќе биде на површина од 10.000 метри квадратни, а ќе биде на 8 ката и три подземни нивоа, односно подземен паркинг простор за околу 200 возила.
– Од она што можеше да се слушне од директорот, 98 – 99 отсто од зградата е завршена. Остануваат некои мали финеси, чистење на објектот, внесување на мебелот и некаде крајот на јуни ќе има вселување на луѓето кои ќе работат тука. Се работи за објект за кој ЕЛЕМ инвестираше околу 15 милиони евра, околу 10.000 метри квадратни и трајно решавање на проблемот со сместување на компанијата ЕЛЕМ, истакна Груевски.
Новите и поголеми простории се од огромно значење за компанијата бидејќи ќе го подобрат квалитетот на работењето, но и ќе се заштедат пари бидејќи досега за кирии се давале илјадници евра.
– Тие сега се сместени на прилично мал простор, на околу 3.000 метри квадратни. Имаат сериозен недостаток на простор и плус, дел од нив се сместени под кирија и годишно плаќаат околу 200.000 евра, која во иднина нема да се плаќа бидејќи сите ќе бидат заедно во новиот објект, потенцира Груевски.
Информираше дека заедно со новата административна зграда на ЕЛЕМ се работи и на зградата на регулаторните тела, кој како што рече, е сличен по големина и сличен по инвестицијата.
– Станува збор за сместување на шест регулаторни тела. Две згради кои што претставуваат објекти на државата, објекти во кои што се сместуваат државните органи. Поголем дел од нив, да речеме регулаторните тела беа под кирија, сега се сместени во сопствени објекти, или пак беа сместени во премали простории и не можеа соодветно да работат, посочи Груевски.
Според него, центарот на градот доби естетски убави згради, но исто така, многу државни институции добија објекти кои што се доволни за нивниот развој и нема да има плаќање на кирии во иднина, а со тоа и големи заштеди во нивниот буџет.
Груевски вели дека работите се квалитетно завршени и може да се каже дека е еден значаен проект за развојот на ЕЛЕМ, додавајќи и дека имал можност да слушне за другите развојни проекти на компанијата.
– Имав можност да слушнам и за другите развојни проекти од нивната примарна дејност и можам да кажам дека имаат направено сериозен напредок во однос на голем број енергетски проекти. Некои проекти се во фаза на градба, некои се во фаза на физибилити студија, некои во фаза на проекти или во фаза на отворање тендер за градба, истакна Груевски, додавајќи дека во исто време се направија огромни заштеди, но и огромни напредоци во однос на многу енергетски проекти во Република Македонија.Ова беше речено при денешниот увид на градежните работи од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и директорот на компанијата, Христијан Мицковски.

loading...