Нова рунда преговори за спорот за името меѓу Македонија и Грција ќе се одржи денеска во Виена каде што шефовите на дипломатиите на двете држави Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе имаат средба со медијаторот Метју Нимиц.Димитров и Коѕијас, во пресрет на средбата со посредникот на ОН, како и минатиот пат, разговорите ги почнаа со неформална работна вечера. Тие претходно повторија дека сакаат да се најде компромис и конечно да се реши спорот.
Позицијата на Грција е сложено име со географска одредница, за севкупна употреба и промена на македонскиот Устав.
Македонската страна останува на ставот дека слеано име не е најдостоинственото решение, особено не непреведено и секако прашањето да се реши преку меѓународен договор, а не со промена на највисокиот правен акт на државата.
Пред средбата во Виена грчкиот премиер Алексис Ципрас рече дека посакува другата страна да има сила да донесе тешки, но неопходни одлуки.
– Не значи дека влегуваме во преговорите за да постигнеме какво било решение. Преговараме со чувство на одговорност и со цел да постигнеме решение што ќе ги гарантира нашата историја и нашето културно наследство, а во исто време ќе исклучува секаков вид на иредентизам од другата страна, рече вчера грчкиот премиер.
Професорот на Универзитетот Македонија од Солун Јоргос Христидис во интервју за МИА оцени дека е најважно што постои политичка волја и од двете страни, но оти преговарачкиот процес би можел да трае подолго од првичните проценки, бидејќи, како што рече, се покажа дека постојат разлики во позициите на Македонија и Грција.
– Мислам дека она што произлегува од изминатите денови е дека преговарачкиот процес може да трае подолго. Постоеше надеж дека може ќе се завршеше во средината на април, за веднаш да почне процесот за интеграција на ПЈРМ во НАТО. Ова, на крај можеби и да не е изводливо и веројатно работите покажуваат дека преговарачкиот процес ќе продолжи и по април во еден обид да се постигне договор. Секако, факт е дека колку поминува времето, знаете постои и внатрешната сцена и во двете земји, времето не им оди во прилог на преговорите, ова мислам дека е нешто за кое повеќето се согласуваат, а според тоа, тоа е еден параметар што треба да загрижува, рече Христидис.
Според ставот на официјална Атина што неодамна го изнесе Коѕијас, името треба да биде сложено со географска одредница, со придавка и да разграничува дека не станува збор за грчката Македонија и да не содржи иредентистички елементи.
– Треба да најдеме сложено име што ќе ја изразува посебноста и географската позиција на оваа држава, а во исто време нема да навредува ниту една од двете страни, изјави Коѕијас.
Како што потенцираше, пак, шефот на македонската дипломатија Димитров, географската одредница е прифатлива, но за дистинкција од територијата во Грција, а не за обезличување на македонскиот јазик, народот и државата. За македонската страна, повтори, неприфатливо е слеано пишување на одредницата со името Македонија, а исто така е неприфатливо и име без превод.
– Македонците мора да бидат Македонци, кои го зборуваат македонскиот јазик, порача Димитров, кој вели дека од Виена нема очекувања, туку надеж.
Тој најави дека по средбата во Виена Владата ќе го свика државниот врв и лидерите на најголемите партии на лидерска средба.
За текот на преговорите за името по средбата во Виена, како што објавија грчките медиуми, следната седмица министерот за надворешни работи на Грција ќе ги извести претседателите на грчките политички партии.Димитров и Коѕијас, во пресрет на средбата со посредникот на ОН, како и минатиот пат, разговорите ги почнаа со неформална работна вечера.&nbs