Oфицијално е уапсен убиецот од загрепското училиште, се товари за 45 кривични дела

Тинејџерот кој со нож уби седумгодишно момче и тешко рани уште три деца и наставничка во загрепското основно училиште „Пречко“, денеска официјално е уапсен, откако завршило лекувањето на повредите кои тој сам си ги нанел веднаш по крвавиот напад, соопшти загрепската полиција.

Во полициското соопштение се наведува дека 19-годишниот осомничен ќе се гони за сторено тешко убиство, вкупно на товар му се ставаат 45 кривични дела, пренесе „Јуроњуз“.

Осомничениот денеска од болницата каде се лекувал бил префрлен во Психијатриската клиника „Врапче“, а откако психијатрите утврдиле дека е способен за полициски распит, тој за првпат бил однесен во зградата на криминалистичката полиција.

Претходно беше соопштено дека 19-годишникот и порано бил лекуван на Клиника за психијатрија, а за да се провери дали има недостатоци во лекувањето, хрватското Министерство за здравство испратило контрола во институцијата, а наодите се очекуваат оваа недела.

На 20 декември околу 10 часот, поранешниот ученик во истото училиште упадна во „Пречко“ со нож и уби едно дете, а повреди уште неколкумина ученици. Трагичниот биланс од нападот веројатно ќе беше многу пострашен, да не беше пожртвуваноста на 61-годишната наставничка, која со сите сили се обидувала да го спречи убиецот, поради што се здоби со над 30 убодни рани.

Пронајдете не на следниве мрежи: