Посетата на премиерот Никола Груевски на Израел е мошне важна за Македонија, особено во ова време. Оваа посета на македонскиот премиер на оваа силна држава во светот треба да биде предизвик и за сите преставници на Македонија низ целиот свет да продолжат да инсистират на важноста на меѓународното признавање на земјата како „Република Македонија“, изјави во интервју за Програмата „Гласот на народот“, поранешниот медијатор во грчко македонскиот спор, Робин О Нил.Запрашан колку може да помогне влијанието на официјален Тел Авив врз Вашингтон за македонската перспектива, О Нил оценува дека Израел има силно влијание врз Вашингтон, и оти ќе биде корисно доколку тоа влијание се оправда, и спроведе на директен и можен начин.
– Верувам дека САД сочувствуваат со Македонија и со нејзиното признавање како Република Македонија. Но, верувам дека САД, може да одиграат и подиректна улога, во инсистирање околу ова, доколку така сакат, истакнува О Нил.
Во врска со иднината на мисијата на Метју Нимиц како посредник меѓу Македонија и Грција, О Нил вели дека пред 23 години, на крајот од неговата мисија за обид да се реши прашањето за името на Македонија, грчката Влада инсистирала дека таа мора да биде задоволна околу мерките за градење доверба и околу усвојувањето од страна на Македонија на име избрано од Грција.
– Денес, грчката Влада инсистира пред Нимиц дека таа мора да биде задоволна со мерките за градење доверба и со усвојувањето од страна на Македонија на име избрано од Грција. Со други зборови, никаков напредок не е постигнат во изминативе дваесет и три години, и покрај сите напори на посредниците да донесат решение за овој проблем, па дури иако се разбира, мерките за градење доверба беа договорени пред многу години, вели во интервјуто О Нил.
Ваквиот заклучок, додава, е зацврстен со извештаите од Њујорк за најновите разговори меѓу Македонија и Грција под покровителство на Нимиц.
– Ова не е критика за Нимиц, кој неуморно работеше на изнаоѓање решение. Но, дојде време искрено да се признае вистината, дека целта на грчката Влада е никогаш да не се договори решение за прашањето со името на Македонија. Секоја следна влада во Грција знае дека на крајот Македонија ќе биде меѓународно признаена под нејзиното вистинско име, Република Македонија. Исто така, секоја следна влада во Грција знае дека кога тоа ќе се случи, ќе има непосредна, краткорочна емотивна реакција на непријателство од страна на некои, можеби многу Грци, и дека тоа ќе ја направи тогашната влада непопуларна. Па така, секоја грчка влада работи на неограничено одлагање на било какво решение, посочува британскиот амбасадор Робин О Нил.
Оваа вистина, според О Нил, значи дека Нимиц нема надеж за успех на својата мисија, и по негово мислење, дојдено е времето Владата на Република Македонија да го признае тоа, и да бара други начини за добивање на општо меѓународно признавање на правото на Македонија според меѓународното право да го користи името што сама го избрала, како и на обврската на меѓународната заедница да го прифати тоа.
– Македонија треба да поднесе жалба директно до меѓународната заедница, со други зборови до сите членки на Обединетите нации, за целосно да ја признаат под нејзиното име во согласност со меѓународното право: т.е., како Република Македонија. И претходно сугерирав дека ова треба да се направи во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, но, Владата на Македонија никогаш не презеде ништо во таа насока. Другиот пат е преку Европската унија и НАТО. Пред сè, сите земји-членки на ЕУ (со исклучок на Грција, се разбира) сега треба да ја признаат Македонија под нејзиното правилно име и да инсистираат на постојано користење на тоа име, а и членките на НАТО треба да го направат истото, смета поранешниот посредник во спорот за името.
Ова, потенцира О Нил, ќе ѝ покаже на Грција дека навистина е изолирана по ова прашање и дека нејзината политика на уцени конечно пропадна.
– Доколку, спротивно на меѓународното право и преземените обврски според Времената спогодба од 1995 година, Грција сè уште одбива да размислува за давање согласност за прием на Македонија во овие организации под името ПЈРМ (не го исклучувам тоа како привремен чекор), и ЕУ и НАТО треба да работат на изнаоѓање алтернативни начини за практичен прием на Македонија во де факто полноправно членство во овие организации. Сметам дека е интересно што одговорниот комесар на ЕУ, Јоханес Хан, сега придава поголем интерес и важност на ова прашање, вели О Нил
Британскиот експерт и познавач на случувањата на Балканот вели дека тоа е важно за НАТО и ЕУ, како и за меѓународната заедница во целост бидејќи, како што посочува, сериозниот проблем со имиграцијата со кој се соочува ЕУ зборува сам за себе.
– Македонија, освен Грција, е клучна точка на патот на мигрантите кои се обидуваат да се пробијат од Турција до дестинациите во ЕУ. Решавањето на ова прашање би било во голема мера потпомогнато доколку Македонија е членка на ЕУ. А сериозната безбедносна ситуација во регионот и на Блискиот Исток бара силно НАТО, вклучувајќи што е можно повеќе земји во подрачјето на НАТО. Чудно е што Црна Гора е примена во НАТО, а Македонија, која долги години придонесува во неговите мисии, сè уште е исклучена, истакнува во интервјуто Робин О Нил.
Додава дека Комисијата на ЕУ и земјите-членки на ЕУ треба јавно да ја изнесат важноста што ѝ ја придаваат на Македонија како дел од решението за мигрантската криза со која се соочува ЕУ, и да кажат дека ова може да се направи само со Македонија како членка на ЕУ.
– Тие навистина може да ѝ кажат на Грција дека мора да се откаже од своето противење на членството на Македонија во ЕУ, ако сака целосна соработка на другите земји-членки во справување со големите проблеми со кои се соочува во моментов во врска со напливот на мигранти во Грција, потенцира О Нил.
На прашањето каков е интересот на САД за овој проблем, и каква улога може тие да одиграат Робин О Нил, посочува дека САД имаат силен интерес за стабилноста на регионот, а надвор од регионот, за нестабилноста на Блискиот Исток.
– Членството на Македонија во НАТО и во ЕУ ќе ги зајакне двете организации и ќе го отстрани елементот на слабост на Балканот. САД може да одиграат директна и многу важна улога за влегувањето на Македонија во НАТО, и со тоа, да остварат силно влијание врз членките на ЕУ. Веќе реков дека спорот со името сега е нерелевантен: Грција не е сериозна при барањето алтернативно име за Македонија. Гласот на САД би бил многу моќен во кажувањето на Грција дека сега мора да се откаже од политиката на опструкција која трае 23 години без добивка за никого, потецира О Нил.
Тој во врска со можноста да се одлучи решавањето на прашањето околу името од македонска страна по пат на референдум истакнува дека тој би да биде моќна дипломатско-политичка иницијатива и во голема мера ќе зависи од прашањето што ќе му се упати македонскиот народ.
– Ако на референдумот народот на Македонија се праша дали сака името на државата да остане „Република Македонија“, и ако луѓето гласаат цврсто за тоа, на Владата ќе и се даде силен мандат и тоа ќе значи крај на процесот на медијација кој трае веќе многу години, секако, со поддршка на Обединетите нации. Но, мора да се очекува дека Грција тогаш би рекла дека Македонија еднострано ги прекинува преговорите и затоа, можеби ќе воведе санкции. Затоа, би било важно тогаш Македонија да започне светска дипломатска иницијатива за да објасни дека постапила така за да го зачува своето име според меѓународното право, по 23 години преговори без никаков напредок, вели О Нил.
Додава дека во исто време, Македонија треба да го изнесе прашањето за името во Обединетите нации, со цел нејзиното исправно име целосно да се признае таму.
– Оваа иницијатива сама по себе нема да и помогне на Македонија во желбата да влезе во ЕУ и во НАТО. Но, и политиката која ја следеше дотогаш не го постигна ова, па, откако меѓународната заедница во целост ќе го признае правото на Македонија да го користи името по свој сопствен избор, другите членки на тие организации ќе бидат во посилна позиција да извршат притисок врз Грција или да приговори, или да изнајде алтернативен начин за прием на Македонија, посочува Робин О Нил, поранешен медијатор во грчко-македонскиот спор во интервју за Програмата „Гласот на народот“.
Извор: Запрашан колку може да помогне влијанието на официјален Тел Авив врз Вашингтон за македонската перспектива, О Нил оценува дека Израел има силно вли