Oбичаи и верувања на Велики Четврток…Со обичаи и верувања особено е исполнет Велики Четврток или Величетврток како што почесто се вика меѓу народот. Главен обичај што се изведува на овој ден и со посебно внимание е вапцувањето на велигденските јајца. Според обичајот најпрвин се вапцувале три јајца, а потоа и другите. В. Кличкова запишала дека во Порече, а тоа го среќаваме и во други краишта на Македонија, првото јајце било наменето на Господ и се викало Господово јајце, второто на домаќинот – главата на семејството, а третото на стоката и бериќетот. Особено повеќе обичаи и верувања се поврзани со јајцето првак за кое се верува дека има магиска моќ. Тоа подоцна стои пред иконата, со него се враќа облак, се лекуваат болести кај луѓето и стоката, тоа заштитува од пожар, гром и сл.
Јајцата ги вапцува домаќинката рано наутро пред да изгрее сонцето, зашто се верувало дека ако тоа се направело подоцна јајцата ќе се засмрдат. Вапцани пред да ги види сонцето овие јајца особено првакот не се расипуваат и по неколку години. Кога ги вапцува јајцата домаќинката мора да има нешто јадено или да има каснато барем еден залак леб, зашто ако тоа го прави на гладно срце, јајцето може да ја разбие, да се разболи или да е несреќна, а и таа ако го разбие тоа ќе ја загуби магиската моќ.
Насекаде во Македонија на Велики четврток рано пред изгрејсонце првото јајце се става во сито и се обесува на дирекот од куќата или на друго место спроти сонце за да го видат првите сончеви зраци. Во некои краишта во ситото ставаат едно во други две или три јајца. Исто така, во некои краишта во ситото ставале и жито, некаде и срп за богат бериќет или сукало, за да се сучи касметот. Ситото било покривано со црвен машки појас или со друга ткаенина но секогаш со црвена боја.
По вапсувањето на јајцата, но пак рано пред изгрејсонце, домаќинката го земала јајцето првак и на децата уште додека биле в постела им минувала три пати по лицето зборувајќи: „Црвено бело дебело“ или: „Црвено бело здраво и живо“, што значи да се дебели како јајцето, но и црвени во образите, што е ознака за здравје и напредок.
Во Скопско како што запишала Милица Георгиева јајцата се бојадисувале не само пред сонце туку и пред да удрело клепалото од црквата зашто таквите јајца помалку се кршеле и подолго време не се расипувале. Е. Спространов сведочи дека во Охрид вечерта се носеле во црквата неколку црвени јајца „за да чует дванајсет ванѓељја“, а потоа едно од нив закопувале во нивата или во лозјето „за бериќет“. И Стефан Тановиќ во записите од Гевгелиско сведочи за одење во црквата каде што се слушале дванаесетте евангелија, а за тоа време секој во рацете држел свеќи. Таа свеќа, пак што се држела додека се читало последното евангелие се носела дома и од неа се палело кандилото пред иконата.
Со Велики четврток се поврзани и други обичаи и верувања. Така на пр. Стефан Верковиќ забележал дека во с. Мачуково во егејскиот дел на Македонија „таа ден колко црни кокошки снесат јајцата, и бележуват сус кониц, да напкум ‘и закопуват уф лозјата, за да не ‘и удре грат”. Кузман Шапкарев забележал обичај според кој малите моми замесувале за прв пат тесто, кое потоа со црвените јајца (чиј број бил колку што имало членови семејството) го носеле во црквата за таму да преспие додека се читале дванаесетте евангелија. Со тој квасец по празникот замесувале леб.
На Велики четврток се запотнува, како што тоа се прави на сите Величетвртоци до Спасовден кога и не се работи, како што запишал Е. Спространов „за да не бијат град“.Запотнувањето се прави на тој начин што се става потка на клучките од вратите, потоа на долапите, стомните, грнците, амбарите, каците, бочвите и други места. За потка се користат билки за кои се верува дека имаат волшебна моќ како што се: кукурек, вратика, челинок, понекогаш се запотнува со гранки од леска, дрен, и др. Се запотнува за здравје но и со верување дека на тој начин луѓето, стоката и објектите ќе се заштитат од разни болести, несреќи, елементарни непогоди и сл.
На Велики четврток се изведуваат и други обичаи. На пр. се јаде пресен зелник со зелје, потоа девојките си ги мијат косите, а во водата ставаат црвено јајце и здравец, за здравје. Во Мариово како што запишал Милан Ристески овчарите потстригувале неколку овци за потоа да стрижат во четвртоците, жените заплевувале во нивјето за потоа и тие да можат да плеват во овие денови, а мажите уште и оделе по дрва но без секира за да не треска град.
Празници во Охрид
За Велигден се вапцуваја јајца, на Величетврток се вапцуваја јајца. Тога шарени јајца вака ко сега немаше, имаше бакардан (бакам) се викаше едно, носеа од далечните источни азиски земји, ко прачки, од вечер ќе се накиснеа и пушчаа големо царвило. Мајка ми ко сега се сеќавам во мрежа ќе кладеше десет, петнаесет јајца в тенџера, ем се вареа, ем се црвенеа. Пак така, шеесет, седумдесет до сто јајца, зависеше, црвени. После то ќе ги намачкаше та со маслена крпа да светнат, кој ќе дојдеше чес да напрајт, на постарите се даваше јајце со велејне: „Христос воскресе“, „Вистина воскресе“. Три дена се празнуваше и државата тога Кралевина Југославија на тије празници не се работеше, три дена не се работеше. А Велипетрок беше ко најголем празник Тога се одеше во црквата „Свети Климент“, Величетврток и Велипеток. Величетврток ко сега се сеќавам беше распетието Христово и тога армијата, војската плашчаше војници, имаше еден вод војници го вардеа Христа, како на времето шо го варделе. После на Велипеток погребението беше. Велјасабота подготовка за Воскресението. Спроти Велигден од сабајле в црква со јајцето в џеб и чекаме да се речит „Ристос воскресе“ и да се чукаме ко деца.
(К. Групчев), 1918)
Во нашата куќа многу се поштоваше веронауката, постефме по шес недели за Велигден, за Божик, цели пости ги постевме, баба ми ногу сакаше пости, ама имафме шо да јајме, имафме цели амбари ореј. Тогај мајка ми не знеше да прајт колачи, само ни праеше питулици со ореј, ореј полни пајнци кршефме, јади со леб како торти, како колачи ни беше то. Постефме со граф, ошав имафме ногу, праефме комади посни, палачинки посни праефме со ореј и така шес недели постефме и баба ми ќе не земеше за рака и ќе не однесеше в црква и сите ние ќе се причестефме, ќе дојдефме дома, мајка ми ќе имаше спремено нешчо со масло и ќе седнефне да си ручаме, и риба пржена и риби со кромитче. И ќе си седнефме и пресреќни бефме ко ќе се причестефме. Сите деца ќе не причестеше, со баба ми за рака одефме дотерани, сега, како сега не можефме да бидиме дотерани, ама тога толку имаше. Тој шо имаше едно дете сигурно ќе го дотерат појќе, ам ние седум деца се знајт како. Тој ден ќе бефме слободни, ќе си играфме, ама ко ќе не викнеше татко ми дома на ручек, или дома на вечера, не можеше да се седит уше малку, никако. Ќе си се соберефме дома и ко ќе речеше горе на спајне, и молчената ќе си се качефне горе, и ќе си кажвефме приказни, вицој од школата како бил учителот, ногупати си прикажвефме за веронауката, за Џакончето, и денеска Џакончето е жив шо ни предаваше веронаука и ден денеска е жив, имат едно девесет години. Го сакафме ние него зашо ни беше предметот добар, зато шо тој предмет само за добро те учеше, за лошо никако не. И ко ќе помислефме некој со некого да се искараме, ќе помислефме за веронауката како не учит Ристос – така да прајме. Ако некој не удреше: Ти мене ме удри – тебе Ростос – ќе речефме. Во веронауката пишит вака: Ристос велел, ако некој те удрит, ти уш еднуш сврти му се, аку, удри ме, зашо тој немат уше еднуш да те удрит ко ќе му се доближиш, а не да му узвратиш одма, зашо тога ќе имат тепачка. То удират ти удираш и голема тепачка, него ако те удрит некој, тарни се ти настрана, поспокоен ќе си, тој ќе се напрајт пишман шо те удрил. Веронауката то го кажвит, то учеше, не дацава сега…
А за Велигден ние ќе одефме на Ристос васкресе сите деца со баба ми и татко ми, и мајка ми ќе дојдеше и на сите јајцина ќе ни даеше. Ко ќе се речеше Ристос васкресе ние ќе се чукнефме уше в црква, Ќе си дојдефме дома и си имаше сфе мрсно напраено, зато шо постефме седум недели за Велигден, така било, седум недели се постеше и ние радосни, радосни. А ко ќе се праеше јадењево пред Велигден, тога за Велигден да бидит готово, комади се праеја ногу, колачи тога немаше, пандишпањи имаше, кокошки ногу, пандишпањи се праеја во големи тепци. И сутлијачи ногу се праеше. Млеко имафме доста, и кокошки имафме ногу, и со јајцата ќе напраеше и преснец, шо го викат гибаница тога се викаше преснец со сирење, со јајца. И ќе си седефме сите, баба ми ќе ја клаеше тепцијата: Ајде дечиња да ми јајте. А ние испоснати цело време, испоснати зато шо месо не јадефме ич, сите седум недели месо не. Риба, масло граф, ореј, јаболка. Оревот ни беше како прво јадење, колку сакафме си земафме, зашчо цел амбар ореј имафме. Никој не ги купвеше, ни пак се продаваа. Секој кој шо си имаше дома за себе си чуваа и си имафме болук, а ми се чинит од орејте, поздраво немало. И така со голема радост ко ќе се омрсефме, мајка ми ќе праеше мрсно, барем со лајца не пробвеше дали е уба манџата или не е. Сега не се знајт ни Велигден ни Божик, ни празник, нишчо.
(З. Малезанова, 1930)Со обичаи и верувања особено е исполнет Велики Четврток или Величетврток како што почесто се вика меѓу народот. Главен обичај што с