Значајни културни содржини во насока на одбележување на 1100-годишнината од упокојувањето на големиот мисионер, Св. Климент Охридски, ќе реализираат Министерството за култура и институциите од областа на културата заедно со Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).На денешното претставување на културните содржини на прес-конференција во МАНУ, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска рече дека на 8 август во црквата „Света Софија“ во Охрид ќе биде отворена изложбата на копии на фрески насловена како „Портретите на Свети Климент Охридски во ликовната уметност на Македонија и на соседните земји“ која претставува пресек на врвните творечки и уметнички прикази на светителот низ минатото.
Таа заедно со претседателот на МАНУ, Таки Фити, денеска ја посети изложбата, која од 30 јуни е отворена во МАНУ, а претходно беше во Рим и сега е збогатена со три нови портрети.
Според министерката, изложбата која МАНУ ја организира во соработка со Заводот за заштита на спомениците и музеј Охрид, ќе овозможи посетителите да се запознаат со впечатливите прикази на ликот на Св. Климент во црквите во Македонија, Грција, Албанија и Србија, портретите во црквите во Костур и Москополе, како и други вредни претстави кои сведочат за мисијата на првиот словенски епископ, како и за пробивноста на неговиот култ на овие простори под патронатство и закрила на Охридската архепископија.
На изложбата, нагласи, свое обраќање ќе има академик Цветан Грозданов, кој е врвен познавач на оваа тематика во науката и уметноста.
Таа рече дека истиот ден, 8 август, во рамки на нашиот најзначаен интернационален фестивал „Охридско лето“ на Античкиот театар ќе се одржи и Свечена академија посветена на Св.Климент Охридски по која ќе следува концерт на симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија под диригентската палка на маестро Борјан Цанев.
– Во рамки на наменски подготвената програма на концертот ќе бидат изведени обработки на македонски црковни напеви, како и обработки на најубавите македонски народни песни аранжирани од композиторот Сони Петровски. Солисти на концертот ќе бидат нашите светски реномирани оперски пејачи Ана и Игор Дурловски, кои ќе настапат и со женскиот камерен хор Херувими. Уверена сум дека со овој настан соодветно ќе го одбележиме овој историски датум и достоинствено ќе му оддадеме почит на ликот и делото на Св.Климент Охридски, кој зазема значајно место во нашата колективна материјална и духовна меморија, рече Канческа Милевска.
Програмските содржини, потенцира Канческа Милевска, се дел од богатата програма која оваа година под покровителство на претседателот на Република Македонија, МАНУ и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, а во соработка со министерствата за култура, образование, Македонската православна црква, високо-научните институции во државата, градот Охрид и др. установи ќе се реализира на национално ниво во насока на одбележувањето на 1100 годишнината од упокојувањето на големиот мисионер Свети Климент Охридски.
Потсети дека Министерството за култура годинава организираше уште еден навистина екслузивен настан во рамки на честувањето на традиционалната манифестација „Македонија во чест на Свети Кирил во Рим“, каде во понтификалниот универзитет „Урбанијана“ беше отворена ексклузивната изложба „Св. Климент Охридски и неговите претстави во ликовната уметност“.
– Изложените 38 дела, оригинални икони, фреско-копии и тематски фотографии од нашето непроценливо наследство кои се поврзани со безвремениот лик и делото на Св. Климент беа провокација за преку 5.000 посетители во вечниот град, кои со голем интерес го проследија ова претставување на Република Македонија. Оваа изложба во моментот е изложена во МАНУ, а ќе биде претставена и пред учесниците на Светската верска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог која Министерството за култура оваа година по четврти пат ќе ја реализира во Република Македонија, во Битола од 3 до 5 ноември, рече Канческа Милевска.
До крајот на годината, нагласи, ќе се реализираат уште неколку културни настани: По успешните претставувања во Кралскиот музеј во Мариенмонт, Белгија и во Ватиканските музеи во националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” во втората половина на годината ќе биде претставена изложбата „Словенските ракописи од Македонија од 13-19 век“, која е приказ на илјадагодишната писмена традиција на нашето тло.
– Во септември во оваа установа ќе се одржат работилници од Млад Светиклиментов универзитет, предавања за глаголица и рачно производство на хартија (традиционални занаети и вештини), а во декември, ќе се одржи и традиционалната научна средба посветена на свети Климент Охридски, додаде министерката Канческа Милевска.
Претседателот на МАНУ, Таки Фити рече дека изложбата на Глаголицата од авторите проф.Трајче Блажевски и проф.Фехим Хусковиќ на 7 август ќе биде претставена во Куќата на Уранија, т.е. во Научниот и уметнички центар на МАНУ во Охрид. Според него, ова ќе биде добра можност изложбата „Портретите на Свети Климент Охридски во ликовната уметност на Македонија и на соседните земји“ и изложбата на Глаголицата, покрај граѓаните на Охрид и на Република Македонија, да ги видат и гостите од академиите на науките од повеќе земји, кои ќе бидат присутни на централната манифестација во Охрид.
– На 8 август во 19 часот во соработка со МПЦ ќе се одржи Молебен пред гробот и моштите на Свети Климент на Плаошник. Една од целите на ова чествување е да го афирмираме сесловенскиот карактер на делото на Свети Климент Охридски, неговиот придонес за словенската цивилизација и нејзиното значење во европски рамки, посочи Фити.
Додаде дека по повод чествувањето на 1100-годишнината од упокојувањето на Свети Климент Охридски, МАНУ подготвува две капитални изданија: „Епоха св.Климент Охридски“, јубилејно тротомно издание, дел од макропроектот „Историја на културата на почвата на Македонија“, чиј раководител е академик Георги Старделов и Сесловенски ракописи од Македонија во странски ракописни збирки X-XIX век, книга 1 од академик Ѓорги Поп-Атанасов.
Директорот на НУ Охридско лето, Оливер Арсовски на прес-конференцијата наброја дел од делата кои ќе бидат изведени на концертот: „Оца и сина“ од Манасиј Поп Тодоров, „Тропарот на Свети Климент Охридски“ од Јане Коџабашија…
Директорот на Македонската опера и балет, Игор Дурловски, кој е оперски солист, укажа на кој начин стигнале до варијантата да обработуваат македонски народни песни со симфониски оркестар.
Посочи дека идејата им била првично од италијанските канцони односно наполитанските песни кои многу често оперските пејачи знаат да ги изведуваат во белканто стил и сметале дека може македонски народни песни кои имаат посебна уметност во себе, да бидат исто така обработени за симфониски оркестар и за пеење кое делува малку поинаку од сите останати концерти кои досега сме ги слушале со преработка на македонски народни песни.
– Убеден сум дека ќе имаме одличен концерт, одлична програма и прекрасни аранжмани, додаде Дурловски.На денешното претставување на културните содржини на прес-конференција во МАНУ, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска рече дека