Дојде, остана неколку часа во Скопје, се виде со сите релевантни фактори поврзани со надминувањето на политичката криза во земјата, одржа прес-конференција од технички карактер, и замина.За некои аналитичари, таа замина со искрен оптимизам и верба за скоро надминување на кризата, за други, наводниот оптимизам, е всушност, песимизам кој г-ѓата Нуланд мораше да го прекине со оставање конкретни пораки на маса до сите фактори, и брзо излегување од овој непродуктивен политички вртлог кој не може во ниту една смисла да донесе добри резултати на меѓународната заедница. И најоптимистичкиот политичар, ако после две години употребен цел сет политички и човечки арсенал не успее да дојде до посакуваната цел, бара секакво решение само и само да го симне бламот од својот образ, да го тргне срамот од своето политичко портфолио. Бидејќи, меѓународната политика е немилосрдна за политичарите што имаат за цел да трчаат политички маратони на светски олимписки игри. Таму, и најмалите грешки се гледаат како големи. Таму, и најмалите политички киксови се впишуваат во графата „недозволено“. Токму затоа, време е да се преземе иницијатива додека играта не отиде предалеку за противникот, тоа се скриените зборови што можеа вчера да се видат со голо око. Нуланд не смее да дозволи играта да отиде предалеку.
Токму затоа таа покажа делумен оптимизам. Тој мораше да биде видлив, за да се испрати порака до целата јавност дека работите се се уште во рацете на меѓународната заедница. Без разлика каков беше вчерашниот оптимизам, видлив или скриен, она што не може да се побие е фактот дека американските претставници го имаат изгубено трпението поради килавоста на одбраните политички фигури да испорачаат брзи, „квалитетни“, конкретни чекори и активности кои би резултирале со менување на изборната волја на гласачите на терен. И покрај две години кризирање на системот, малтретирање на граѓаните, тормозење на економијата, создавање вештачки приказни за прогон на политички неподобните, изборната волја на мнозинството македонски граѓани е сé уште светлосни години во полза на ВМРО-ДПМНЕ. Веќе не држат тезите дека мнозинското „стадо овци“ е исплашено од „режимот“ предводен од „диктаторот“ Груевски. Еве полека, но сигурно одминува и седмиот месец откако Груевски не е претседател на Владата на РМ, откако е целосно тргнат од институциите на системот, и е надвор од секојдневните политички процеси. Нема политички алатки, ниту механизми на располагање како да го „држи“ во страв, и во „терор“ мнозинството граѓани, како што постојано зборуваат од СДСМ.
Паѓаат како зрели круши од дрво и тезите дека „диктаторот“ е силен и ги заплашува граѓаните преку „Фамилијата“, кога е познато дека ниту еден од членовите на неговото семејство нема реална власт, и реална можност да влијае на кој било начин врз мнозинството македонски граѓани. А изборните резултати на терен се сé уште далеку во полза на ВМРО-ДПМНЕ. И покрај сé поевидентната наклонетост и сé поизразената субјективност и пристрасност на странците кон СДСМ и претставниците на „шарените“ во земјата, мнозинството македонски граѓани не се приклонуваат на другата страна. Па нели мнозинството граѓани се корумпирани и секогаш се приклонуваат кон оние што имаат со што да ги поткупат? Ако е таа теза вистинита, тогаш како да се објасни фактот дека корумпираното македонско мнозинство е се уште на политичката страна на која и верува, а не на страната што отворено дава пари за да се промени таа нивна верба во недоверба? Како е можно на корумпиран човек по природа, како што СДСМ го етикетира мнозинството македонски граѓани, да не му се „слатки“ парите што може да ги добие од страната што сесрдно и помага на земјата!? Каква е таа селективна корумпираност? Постои ли воопшто селективно корумпиран човек? Не, сигурно е дека не постои. Или си корумпиран секаде и во секоја прилика, или не си. Средина нема. Па така останува СДСМ да ни објасни, како е можно тоа мнозинство од корупмирани македонски граѓани, што нели се продаваат дури и за едно сокче и за еден сендвич, како таа „багра“ од платеници и штитеници на „диктаторов“, како тоа полуписмено и немиено мнозинство од граѓани не се полакоми по американските пари и моќ, и не се заведе по сеприсутните сугестии дека ете постојат индиции дека Груевски и неговите соработници се криминалци кои не треба да ги поддржуваат. Како до сега, еве после цели две години нема никаква трага од влијание и менување на ставот токму кај тоа мнозинство од „корумпирани“ граѓани, кои, нели, поради корумпираниот ум по дефиниција би требало да бидат брзи во менувањето на ставовите, и уште побрзи во менувањето на политичката страна. Ама очигледно е дека не се работи ниту за корумпирани македонски граѓани, ниту за корумпирани политичари на кои странците им се намерачиле да ги тргнат од политичката сцена, туку за нешто сосема друго.
Нуланд вчера потврди дека брзи избори и се неопходни на земјата. Тоа е она што го знае целата „корумпирана“ македонска јавност, тоа им е познато на сите македонски граѓани. Изборите се единствениот начин да се излезе од вештачки создадената политичка криза во која СДСМ ја втурна нашата земја, и во која оваа партија одбра да ја игра улогата на домашна маша за реализирање на надворешно скроените деструктивни сценарија против државата. Целото сценарио е јасно како бел ден. Тоа е насочено кон урнисување на партијата ВМРО-ДПМНЕ и неговите клучни луѓе. Но, еве и после две години криза и валкана игра, еве и по дистанцирањето на г-динот Груевски од премиерската функција, и по повлекувањето на голем дел од членовите на партиското раководство од функциите, не се чувствува никаква промена во јавното мислење и во поддршката што граѓаните на РМ и ја даваат на оваа партија. ВМРО-ДПМНЕ и натаму е успешна, силна и обединета партија која ги брани националните интереси на државата. Оттука, следуваат и проценките на меѓународниот фактор дека ако продолжат со тактиката на одолговлекување на изборите до недоглед, тоа ќе оди исклучиво и само на штета на меѓународната заедница и на СДСМ, никако на штета на ВМРО-ДПМНЕ. Оптимизмот/песимизмот на Нуланд доаѓа оттаму што веројатно и на американските дипломати им е јасно дека сценариото за државен удар во РМ, за пресврт во волјата на гласачите преку интензивни и силни удари што секојдневно ќе му се нанесуваат на ВМРО-ДПМНЕ е погрешна стратегија која нема да вроди со никаков успех за нив, а ќе нанесе неповратлива штета врз угледот што пријателска САД го гради неколку децении во РМ. Токму оттука треба да се извлече заклучокот дека оптимизмот на Нуланд е резултат на трпеливата и ненасилна позиција што мнозинството македонски граѓани ја имаа во текот на целиов овој кризен период. Што ВМРО-ДПМНЕ, преку дисциплинираната и тактичка политика, успеа да не наседне на политичките и другите видови замки поставени однадвор, и што мирно и сталожено ги дочека сите удари, без да возврати на идентичен начин. Се употребија многу средства, многу валканици, многу приземни стратегии, но повторно резултатот е негативен за одбраниот играч-СДСМ. И на меѓународната заедница и е веќе јасно дека Никола Груевски е столб политички фактор кој ќе остане на политичката сцена без разлика каква е нивната желба. Им станува јасно дека оваа криза ќе мора да заврши побрзо, веројатно уште есенва, кога се подготвува уште еден поголем политички удар против ВМРО-ДПМНЕ, како последен обид за девалвирање на партијата, по што граѓаните ќе одат на избори. И тој есенски удар ВМРО-ДПМНЕ ќе го издржи машки и на нозе. ВМРО-ДПМНЕ е бедем кој нема да потклекне. И после сé, оваа партија ќе остане уште посилна, и уште поуспешна. И ќе биде предводена од г-динот Никола Груевски, кој е единствениот политичар во земјата што има легитимитет и политички капацитет да даде гаранции дека Република Македонија ќе се движи напред во секоја смисла. Сите сегашни опозициски играчи, вклучени во филмот за разнебитување на државата, ќе ја добијат заслужената казна. Онаа казна што меѓу граѓаните е позната како третман кон предмет за една употреба. Од сиот чалам, ќе останат со чаталот в раце.За некои аналитичари, таа замина со искрен оптимизам и верба за скоро надминување на кризата, за други, наводниот оптимизам, е всушност, песимизам