Од утре ќе може да се аплицира за „Купи куќа за млади“

Од утре граѓаните ќе можат да аплицираат за проектот „Купи куќа за млади“. Денеска Собранието ги усвои измените на Законот за субвенционирани станбени кредити со кои се создадоа услови за спроведување на овој проект.– Со овој проект ќе се даде голема поддршка за младите луѓе во Република Македонија за решавање на едно од клучните прашања во животот, а тоа е стекнување на сопствен дом што е основа за натамошно формирање на семејство и напредок во животот. Затоа сметаме дека ваков проект е потребен и дека ќе наиде на голем интерес. Во првите контакти што ги имаме со граѓаните укажуваат дека интересот на младите луѓе е голем и дека по донесувањето на овој закон, односно од утре ќе се овозможи да аплицираат за овој проект. Очекувам да има голем интерес кај младите во Република Македонија, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
„Купи куќа за млади“ е наменет за млади луѓе до 35 години кои немаат сопствен дом и претставува подобрување на условите од проектот „Купи куќа, купи стан“, односно овозможува младите лица да добијат повисок износ на субвенции и подолго да бидат субвенционирани доколку преку проектот земат кредит за купување, изградба, надградба или доградба на куќа.
Како што посочи вицепремиерот Ставрески, има две опции кои им се понудени на младите луѓе преку „Купи куќа за млади“. Првата опција предвидува за период од 8 години да се субвенционира 80 отсто од месечната рата – главница и камата, а следните три години да се субвенционираат 50 отсто од месечната рата при што максималниот износ за кредит може да достигне 50.000 евра.
– Доколку месечната рата за кредитот изнесува 200 евра првите 8 години 160 евра од месечната рата ќе плаќа Владата, а само 40 евра ќе плаќа граѓанинот. Деветтата, десеттата и единаесеттата година месечната рата ќе се плаќа по половина, односно 100 евра Владата и 100 евра граѓанинот, истакна Ставрески.
Каматната стапка е утврдена за првите пет години – првите три години 3,95 отсто, четврттата и петтата година 4,44 отсто. Понатаму банката ја утврдува каматната стапка, но таа не смее да биде повисока од каматните стапки на редовните станбени кредити на банката.
Втората опција е доколку лицето нема доволно средства за учество за да добие станбен кредит тогаш се овозможува 100 отстотно покритие на учеството од страна на Владата кое максимално може да достигне 12.500 евра за кредит од 50.000 евра. Каматната стапка во овој модел е фиксирана на 6-месечен ЕУРИБОР плус 4,5 отсто на годишно ниво за цело времетраење на отплата на кредитот. Сите средства кои ги доделува Владата се неповратни со услов додека трае отплатата на кредитот куќата да не се отуѓува, посочи вицепремиерот Ставрески.
За да се аплицира за проектот лицето треба да има до 35 години и на свое име да нема друг стан или куќа или доколку е во брак ниту еден од брачните другари на свое име да нема стан или куќа. Ако станува збор за лице кое не е во брак, неговите месечни приходи треба да бидат помали од 900 евра, ако пак станува збор за брачна двојка приходите треба да бидат помали од 1.300 евра. Проектот е наменет за сите кои сакаат да градат нова куќа, да купат куќа од овластени правни лица или да доградат куќа на постоечко место, на куќата во сопственост на нивните родители и слично. Кредитот треба да се земе на период од најмалку 20 години.
Апликациите заинтересираните граѓани може да ги поднесат во една од осумте банки кои учествуваат во проектот – НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка, Стопанска банка Битола, Шпаркасе, Охридска банка, ТТК, Алфа и Прокредит банка.
СДСМ ги поддржа предложените измени, но пратениците бараа да се однесува на сите граѓани.
– Ова законско решение баравме да важи за сите граѓани кои сакаат да добијат кредит и да го решат станбеното прашање. Само така ќе можевме да отвориме процес со кој значителен број граѓани да го решат станбеното прашање, рече Николов кој додаде дека младите до 35 години кои работат по приватни фирми кои се со слаби плати, пријавени на половина работно време и слично нема да може да аплицираат.
Според него, позитивно е и тоа што се зголемуваат субвенциите во однос на претходниот проект „Купи куќа, купи стан“.
Крсте Муковски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека целта е да им се помогне на младите. –  Овој закон е токму на оние на кои им е најпотребно. На оние кои го немаат решено елементарно прашање. За оние кои треба да влезат во брачни води и да направат семејство. За да се зголеми бројот на многудетните семејства, да се намали процесот на иселување, на миграција од руралните средини, рече Муковски.
Владанка Авировиќ од СПМ истакна дека ваквото проширување на проектот доаѓа од терен каде се покажало дека голем дел од населението до 35 години има приход и ги исполнува условите за да можат да надградат или да направат самостојно свој дом. 
За Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ ова е добар и афирмативен проект кој треба да се поздрави. – Носиме мерка која сме ја немале досега и која нуди дополнителни поволности во однос на проектот „Купи куќа, купи стан“.
Собранието на Република Македонија денеска го донесе и Законот за задолжување на Република Македонија со втор дел од заем кај Европската инвестициска банка по Финансискиот договор за Проектот за изградба на автопатот на Коридор Х на делницата Демир Капија – Смоквица.
Како што образложи вицепремиерот и министер за финанси Зоран Ставрески, со ова законско решение се овозможува повлекување втора транша во износ од 35 милиони евра од Европската инвестициска банка за финансирање на автопатската делница од Коридорот 10 од Демир Капија до Смоквица.
– Финансирањето на овој проект се реализира преку заем од ЕИБ, од средства од ЕУ на грант основа и заем од ЕБОР. Со овој закон ќе се овозможи да се повлечат 35 милиони евра кои се доволни да се обезбеди финансирањето заедно со останатите извори со цел проектот да биде завршен до крајот на годината, рече Ставрески.
Во рамки на денешното продолжение Собранието ги донесе и измените на Законот за Народната банка на Република Македонија, на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија и измените на Законот за спорт.– Со овој проект ќе се даде голема поддршка за младите луѓе во Република Македонија за решавање на едно од клучните прашања во животот, а тоа

Пронајдете не на следниве мрежи: