Ние, јавните обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје кои работевме на предмети кои Ви беа доставени, како и сите други јавни обвинители, Ви се обраќаме јавно, за на ваков начин најотворено, недвосмислено, најостро да Ви укажеме на нашето незадоволство од Вашето постапување и срамната непрофесионалност со која правите штета на јавно обвинителската професија, стои во отвореното писмо до Катица Јанева од јавните обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје.Во продолжение ви го пренесуваме писмото во целост:
Во сите досегашни пропусти и незаконитости на Вашето работење, не реагиравме отворено ценејќи дека во државата има институции под чија надлежност и Вие постапувате и каде треба да сносите одговорност.
Но со Вашето последно појавување во јавноста и преку последите случувања, сакаме јавно да кажеме, со големо несогласување и неодобрување, дека Вие изнесовте неколку невистини пред македонската јавност. Наша одговорност е истото да го појасниме кон јавноста, но и да Ве спречиме во ширењето дезинформации.
Истакнавте дека во предметите кои нашето обвинителство Ви ги предаде согласно законските одредби, немало ниту едно преземено дејствие, дека биле заведувани под деловоден број каде се заведувале небитни предмети кои и по десетина години останувале нерешени.
Ве потсетуваме, а за жал тоа треба и самите да го знаете бидејќи на ист начин и под исти стандарди работевте во гевгелиското јавно обвинителство.
Заведувањето на предметите во деловодните книги во јавното бвинителство со децении е непроменето. Секој деловоден број укажува на начинот на влезот на предметот во обвинителството (настан, од непознат сторител, малолетник и слично). Но кон сите предмети се постапува согласно законот. Предметите се работат и им се дава друг деловоден број, согласно на првичните сознанија и индиции до кој е дојдено и согласно насочувањето за натамошно постапување. И Вие имате предмети кои се заведени под РО број.
Потенциравте дека во предметите ништо не било сработено. Тоа е лага.
Јавното обвинителство согласно законот Ви предаде 35 оформени предмети кои беа работени од страна на 23 различни јавни обвинители. Дел од нив беа јавните обвинители кои сега работат кај Вас. Во секој од предметите беа преземени дејствија, издадени наредби, сослушани сведоци, оштетени, осомничени.. прибавени податоци и документација. Дел од предметите дури беа и пред правна одлука. И ние, ги работевме и сето тоа го презедовме, иако кај нас не беа доставени снимките кои Вие еве веќе една година ги имате, а сработивте само неколку. Основното јавно обвинителство Скопје предавајќи Ви ги предметите, објави и соопштение на ден 19 ноември 2015 година во кое детално ја извести јавноста за активностите преземени во секој предмет.
Вие, при примопредавањето на предметите, барем во нашиот случај, водевте целосен попис и записник. Попишувањето траеше цел ден и бевте свесни дека примивте пообемен материјал по кој натаму треба да постапувате. Впрочем, Вашата изјава дека ништо не ви е предадено е контрадикторна и со изјавата на вашиот помошник, Фатиме Фетаи, која на прес конференција за еден од предметите јасно напомна дека сите докази биле веќе обезбедени од Основното јавно обвинителство.
Се пожаливте дека Основното јавно обвинителство ви дало само еден стручен соработник за да работи кај вас. Тоа е дезинформација. Добро знаете дека за склучување на работен однос и префрлање на вработени од една во друга институција е потребна согласност од вработениот. Основното јавно обвинителство даде согласност за сите ваши барања, но само едно лице се согласи да премине кај вас.
Основното јавно обвинителство Скопје, сите јавни обвинители, постапуваат по правни стандарди кои Вие очигледно не ги почитувате, а посебно пак не го почитувате јавно обвинителскиот кодекс.
Ве прашуваме, кој правен стандард е незаконското лишување од слобода на лице, за кое вие јавно признавте дека било незаконско, но само час и половина? Малку незаконско дејствување, час и половина. Кажете ни, кој временски период на незаконско дејствување не се смета за незаконско?
Ве прашуваме, според кои стандарди и закони, Вие давате наредба на ваш истражител да следи и снима лице осомничено во ваш предмет? Дали имавте за тоа судска наредба за Посебна Истражна Мерка? Дали Вие и вашите „ повисоки стандарди” всушност во правниот промет вметнуваат и правна несигурност. Би сакале да знаеме, бидејќи за нас е незамисливо да се следи и снима објект или лице кое е осомничено од страна на било кој без постоење на изричита судска наредба.
Уште повеќе, дали со усна наредба од Ваша страна беше испратен и приватниот детектив кој исто така вршеше следење и снимање на осомничено лице во Ваш предмет?
Цените ли дека се што од ваша страна е направено од крајно непознавање на законите и постапката, треба од денес да биде „повисок стандард” по кој сите ние ќе работиме, па ќе можеме директно да испраќаме истражители за следење, снимање, заедно со приватни детективи, кај ќе стигнеме.
Жално е што Вие сакате да го намалите угледот на работењето на јавното обвинителство, за да Вие се истакнете како професионалец.
За тоа имавте можност, кога требаше, а не направивте записник од предавање на снимките. Кога требаше, а не поднесовте отчетност за финансиското работење на институцијата со која раководите. Кога не смеевте, но сепак дозволивте непотизам. Кога имавте обврска, но ја заборавивте, па нарушивте права на пресумција на невиност на прес конференциите.
Почитувана г-ѓа Јанева, на крајот Ве потсетуваме. Ваша обврска, како и наша обврска е да гониме криминал. Да го познаваме правото, оти во раце ни се човечки судбини. Да работиме според законите и правните професионални стандарди. А не да создавате клима на непочитување на законите и институциите, да водиме јавни обвинителски политички кампањи, јавно да осудуваме лица и да пресудуваме без судски процес. Ние сите, сме дел од правосудниот систем, кој меѓу другото, не спие. Само не чувствува потреба јавно да се експонира.
Да ве потсетиме!
Honeste vivere, alterum non laedere, suum quique tribuere !!!
Чесно живеј, друг не повредувај, на секој дај му што му припаѓа.Во продолжение ви го пренесуваме писмото во целост:
Во сите досегашни пропусти и незаконитости на Вашето работење