Основано првото македонско движење за поддршка на креативноста

Скопје, 13. мај 2014 – Поттикнување и поддршка на талентот и креативноста кај младите во функција на создавање силни национални брендови е клучната цел на новото движење кое го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг индустрија – Иво Лауренчиќ.На основачкото собрание на Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ, на кое присуствуваа голем број претставници на јавниот живот, бизнисмени, уметници, членови на академска заедница, како и луѓе од креативната индустрија од земјава и целиот регион, беа усвоени статутот и останатите документи што ги содржат мисијата, визијата, целите и задачите на движењето, а беа избрани и членовите на органите на управување. За претседател на ова уникатно движење за поддршка на креативноста во земјава и пошироко, со акламација беше избран бизнисменот Светозар Јаневски.
„Чест ми е што ќе бидам на чело на едно вакво движење кое ќе го следи аманетот што нѝ го остави мојот и наш драг пријател и соработник Иво Лауренчиќ, а тоа е да ја поттикнуваме, охрабриме и поддржиме креативноста, особено кај младите – столбот на просперитетот на секоја заедница“, истакна Јаневски, потенцирајќи дека „Во Македонија не недостасуваат паметни луѓе, туку оние што ќе ја разбудат храброста, ентузијазмот и креативноста и ќе ги поттикнат и поддржат паметните да ги искажат своите идеи и да ги стават во функција на развојот“.

 
Работата на новото граѓанско здружение ќе биде јавна, а неговите цели и задачи ќе се остваруваат преку организирање настани, конкурси, натпревари и креативни работилници наменети за талентирани поединци од областа на дизајнот, маркетингот, комуникациите и останатите сродни дејности. Воедно здружението ќе работи и на подигнување на свесноста во јавноста за потребата од поголеми вложувања и иновации во уникатноста и идентитетот на домашните производи и услуги и градењето силни национални брендови.
На основачкото собрание на Движењето за поддршка на креативноста беше упатен апел до сите заинтересирани професионалци од различни бранши, со различни афинитети и способности, докажани во своите средини, но пред се луѓе со космополитски дух, да се приклучат кон Движењето и со својата работа и знаење придонесат кон остварување на неговата благородна мисија.

Иво Лауренчиќ е еден од основачите на современата македонската креативна и маркетинг индустрија. Како сопственик на една од првите маркетинг агенции во Македонија, која успешно функционира на пазарот веќе 20 години, Лауренчиќ беше силен поддржувач на креативноста и ментор на голем број млади талентирани кадри кои го учеа занаетот за маркетинг и продукција токму од него и кои подоцна направија богати професионални кариери. Лауренчиќ е создавач на првите брендови во Македонија, меѓу кои е и брендот „Скопско“, а креатор е и на првите политички кампањи со доаѓањето на плурализмот во земјата. Тој го создаде и еден од првите филмови по нејзиното осамостојување „Ден во Македонија“, а неговиот креативен потпис стои и зад серијалот од 1060 емисии „Говорете Македонски“ кој се прикажуваше на Македонската телевизија. Негово дело беше и кампањата за промоција и зачувување на македонското кирилично писмо „Додека пишувам на кирилица, постојам“. Со создавањето на театарската претстава „Кутрите мали хрчки“ воведе нов начин во креирање и промоција на оваа уметност во земјава, а преку телевизиската серија „Од денес за утре“ се обиде да внесе и нов начин на размислување и ангажирање на маркетингот во функција на телевизиската играна продукција.
Роден е во Шибеник, Хрватска, а неговиот животен и работниот век го помина во Белград, Загреб и Скопје. Неговите професионални почетоци се поврзани со филмската режија и работата на документарниот филм. Повеќето негови дела, како што е серијата документарци за јадранските острови „Илјада камени бродови“ добија антологиски карактер и останаа запишани во учебниците по режија. Во текот на својата богата професионална кариера посветена на креативниот израз и маркетинг комуникациите, Лауренчиќ создаде над 300 комуникациски проекти и над 400 видео форми во филмската и креативната индустрија, за што е добитник на повеќе од 50 домашни и меѓународни награди и признанија.
За повеќе информации за Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ посетете ја интернет страницата www.bravosine.mk
Контакт: tel. (02) 3290 486; e-mail: [email protected]
 На основачкото собрание на Движењето за поддршка на креативноста – Иво Лауренчиќ, на кое присуствуваа голем број претставници

Пронајдете не на следниве мрежи: